Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Министерството за земјоделство и „Слоу фуд – Македонија“

Денеска (6. февруари), официјално, со потпис, а потоа и неформално- на дело започна соработката на Министерството за земјоделство и „Слоу фуд – Македонија“. Министерот за земјоделство Љупчо Николовски и претседателот на националниот одбор на здружението „Слоу фуд – Македонија“, Николче Николовски, потпишаа Меморандум за соработка, што во превод значи, заеднички, на ист терен и со здружени сили ќе работаат на заштита, промовирање и брендирање на нашите традиционални производи.

Така се официјализираше соработката помеѓу Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Невладината организација „Слоу фуд – Македонија“. Потоа Николовски ја промовираше „Иницијалната листа на традиционални производи во Република Македонија“, каде што се опфатени нашите 153 традиционални производи: беровско сирење, ајвар, галички кашкавал, ноктец, мастика, неготински сусам, овчеполско јагне, охридски цреши, риба на трска, пинџур, шеќер-паре, чкембе-чорба…

А кога сме кај храната, знаат сите хедонисти, гурмани и хранољупци, а уште повеќе странците што се воодушевуваат од вкусовите и автентичноста на нашата софра, какви богатства се застапени на секоја педа на нашата земја. По официјалниот дел, присутните имаа можност да пробаат дел од вината „Станушина“ и традиционалните македонски јадења, за што беше задолжен шеф Дејан Карапеев од Алијансата на готвачите на Слоу Фуд.

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени