Почина кралицата на соулот, Арета Франклин (76), добитничката на најмногу награди Греми, жена со тага во гласот, инспирација на многумина кои кариерата ја граделе „пиејќи од нејзиниот извор“.
Долг период Арета беше тешко болна и врзана за постела во Детроит. Нејзиното семејство и пријателите ги повикуваа обожавателите да се молат за нејзиното здравје но и за приватност во овие тешки мигови. Арета Франклин, пејачка со вонсериски глас позната по хитовите “Respect” (1967) и “I Say a Little Prayer” боледуваше од карцином од 2010 година. Последен пат настапуваше во декември минатата година за фондацијата на Елтон Џон, во борба против сида во Њујорк. „Беше тоа волшебна изведба со оглед на нејзината исцрпеност и дехидрација“, пишуваа медиумите.
Првата жена која е дел од куќата на славните Rock and Roll Hall од 1987 година за време на својот живот освои 18. Греми награди а нејзините најголеми хитови се “(You Make Me Feel Like) A Natural Woman” (1968), “Day Dreaming” (1972), “Jump To It” (1982), “Freeway of Love” (1985) и “A Rose Is Still A Rose” (1998).
Во 2005 година претседателот Џорџ Буш ја одликуваше со Претседателски медал на слободата, највисоката американска цивилна награда.