Монсерат Кабаје (85), една од најпознатите оперски пејачки во историјата, почина во Барселона, Шпанија. Шпанските медиуми јавуваат дека последните два месеци била хоспитализирана во болница во Барселона, поради проблеми со жолчката.
Монсерат на сцената помина повеќе од 50 години а настапила со големите светски имиња Лучиано павароти, Пласидо Доминго, а во 1987 година со Фреди Меркури ја испеа „Барселона“, која во 1992 беше официјална химна на Олимписките игри, но и светски хит.

Родена е во Барселона а светот не го освои само со гласот, туку и со посебноста. Од 1985 година се бори со тумор на мозокот а имала проблеми и со срцето. Во 2012 година имала мозочен удар.
Светот ја нарекуваше оперска дива, но таа себе си не се доживуваше како таква.
-Не се сметам за оперска легенда, ниту за последна дива, како што понекогаш новинарите ме нарекуваат. Секоја ера си има свои диви, а јас само се трудев работата да ја работам што е можно подобро и на највисоко ниво, изјавила таа пред неколку години.
Комеморацијата ќе се одржи утре, додека погребот е во понеделник.