Пријателства на далечина: Жанина Петрова- Грајиќ

Секој од нас, особено ако е со долга меморија, има пријатели на кои се сеќава со нежност, луѓе кои му се на чекор до срцето, но реално- иљадници киломерти далеку. И покрај „паметни“ и какви се не телефони, физичкото присуство е незаменливо, иако ни се сменија размислувањата во времето на корона.
Муабетот ми беше, телефонот не може да замени гушкање, повик во „ниедно време“, „ти реков ми рече“ муабети. Токму затоа: Колку и дали пријателствата издржуваат далечина и разделеност?

Жанина Петрова- Грајиќ
Пријателството не се мери со злато- не е доволно чисто за ова чувство, се мери само со спомените, долгото смеење, мирот во душа и љубовта. Кога зборуваме за пријателство кое постои од најрана возраст а трае со уште посилен интензитет и после 30-40 години, тогаш тоа пријателство има непроценлива вредност.
Сите имаме блиски роднини кои речиси и не ги среќаваме, ниту пак биле до нас додека ги живееме најтешките моменти во животот. Е во тие моменти до нас се нашите вистински пријатели, оние кои ги броиме на прстите од едната рака.
Тие пријатели се светлоста на крајот од тунелот, воздух кој ни помага полесно да се издигнеме над животните проблеми.


Една од таквите мои пријателки е Елизабет Joванова Хавер, која веќе 30-тина години живее и работи во Лондон. Првпат ја посетив во нејзиниот дом во Лондон, кога ќерка ми ја носев на концерт на Џастин Бибер, во далечната 2012 година.
Бевме пречекани како што се дочекува најблизок член од фамилијата. Кога следната година син ми отиде на студии во Лондон и додека студенскиот дом се уште не беше отворен, додека школската година веќе почнуваше, десетина дена беше најтопло дочекан кај другарка ми. 

И во повеќе наврати, во наредните неколку години другарка ми го покажуваше своето другарство со нејзината насмевка и гостопримливост кога одев во Лондон.
Делевме моменти кои се паметат цел живот : долгите и искрените разговори до длабоко во ноќта, прошетките низ Лондон, дружбите и смеата се нешто што се памети цел живот, моменти вредни за живеење.
И во овие месеци на карантин се слушавме на скајп неколку пати, споделувавме искуства за ситуацијата таму и кај нас, завршувајќи го разговорот со желба и ветување дека првата прилика на отварање на границите мораме да се видиме, повторно да се дружиме и да редиме спомени. И покрај далечината, постојано сме во контакт преку фб, но….дружењето секогаш ни недостасува.
Кога зборувам за другарка ми Eлизабет, зборувам со огромна почит и респект, затоа што е жена-другар со големо срце, широка душа и редок човек. И овој пат и покрај иљадниците километри оддалеченост сакам гласно да и порачам: Другарке моја, со нетрпение чекам да те гушнам најсилно, чувај се и да се видиме што побрзо!

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени

error: Content is protected !!