Репортажа. Ненад Секирарски – Бали : убавина, вистина и едноставност

Две ипол години креаторот Ненад Секирарски очите ги полни со млади оризови полиња, интензивна зелена боја, а насмевката, неговата вечна придружничка, му доаѓа од душата. На Бали се дојде на своето место, се наместија неговите коцките од животот, бликна и блесок и смисол.
Токму затоа, херојот на репортажата, Секирарски, вели дека на овој остров на духовноста и вистината се чувствува како свој на своето.

Бали, мојот втор дом
Да, за многумина местото од соништата Бали, мене ми стана секојдневно опкружување и големо задоволство. Тука живеам веќе две и пол години а причината е работата. Добив покана да се приклучам на креативниот тим на брендот „КТЗ“ што функционира од Бали и така започна една нова животна приказна.
Најдобриот совет што го добив кога пристигнав, беше да заборавам се што знам за секојдневниот живот, бидејќи тука се функционира поинаку. Од тоа дека куќите ретко имаат прозорци што се отвараат, и ако имаат, се отвараат од долу, нагоре- поради дождовите, до тоа дека често бравите се поставени во обратна насока и вртењето на клучот е поинакво… Пешачењето на Бали се смета за загубено време и таа активност ретко ќе ја видите кај локалното население. Но јас, како интензивен пешак овој дел од културата најтешко го прифатив… Првите 3 месеци на адаптација ги поминував со мисла дека се треба да прифатам и дека работите сами ќе си дојдат на своето место. Со овој став и предходните искуства, еден ден се разбудив дома, на Бали и тоа беше моментот кога со сигурност знаев дека го засакав Бали но најмногу од се дека ги засакав Балижаните.

Клима, природа, луѓе
Климата на Бали е прекрасна, просечната годишна температура е околу 27-28 степени, таква е и дневната. Некогаш ти е топло, но не премногу ама никогаш не ти е студено. Не сум голем љубител на зимите, иако уживам во зимските фотографии.
Морам да признаам дека на прагот од третата есен тука, климата ми годи. Ноември е, започнува сезоната на дождови која ќе трае некаде до фебруари, но убаво е топло, гардеробата е лесна, а луѓето се насмеани и весели…. Со дождовите Бали се полни со вода, иако е секогаш зелено, природата во ово период добива посебен блесок, а зелената боја специфичен инензитет. Оризовите тераси се сјаат и го полнат окото со енергија и постојано имаш желба за уште и уште повеќе. И токму за момент, нешто ќе ти го одтргне вниманието од богатото зеленило на палми, бамбуси и големи дрвја и ќе наидеш на голема, прекрасна, од душа насмевка на старица покрај патот, која продава грст овошја или група на деца кои безгрижно го поминуваат денот.
И не можеш а да не се насмевнеш за возврат, бидејќи чувствуваш дека тоа е најбитната храна- насмевката од душа.

Отвореност, комуникација
Балижаните се многу интересен сој на луѓе, природата им понудила за живот многу благодети и малку ризици (што би рекле овие верници на хинду- тоа кармички си го заслужиле, градејќи се себеси).
На Бали никогаш немало недостататок од вода за пиење, ниту храна. Секогаш можеш нешто да набереш за да преживееш, единствен предатор тука е питонот и кобрата, далеку во шумските предели, секаде можеш да преспиеш и нема да ти биде студено. Сите овие околности ги спасуваат жителите од еден најбитен стрес а тоа е, преживување.
Овие околности овозможиле луѓето да се посветат на сопствената надградба и токму затоа голем дел од времето го поминуваат во медитација и церемонии за благосостојба, но исто така се занимаваат со разни видови на изработки, па во локалниот Бали јазик нема да најдете збор за уметност, бидејќи таа се подразбира и се негува кај секој човек. Овој пристап кон себеси, од нас, дојдени од западниот свет, често се толкува како затвореност или недоверба во остварување на контакт, но причините се сосема други.
Балижаните се многу добродушен народ, отворени во своите чувства и луѓе со изградени ставови. Кога некој странец ќе дојде на островот на краток период, сака да украде од таа добрина, да биде дел од сите нивни блиски дружења и потоа да си замине во својот свет… Но тоа луѓето тука ги остава празни и тажни, бидејќи тоа што го дале од срце, некој само го одтргнал од нив. Моментот кога ќе го разбереш тоа е моментот кога и тие ќе осознаат дека си „тука и сега“, дека даваш колку примаш, и во тој момент си веќе дел од нив и комуникацијата тече како да се знаете долго, а и таке е; добивате пријател за навек.

Божествена убавина
Општеството на Бали е организирано на еден многу специфичен начин кој функционира беспрекорно и ме восхитува секојдневно. Имено, тука постои систем на банџари, кој во наши услови функционира на ниво на месни заедници. Иако градот Денпасар има околу 3 милиони жители, не рачунајќи не нас странците кои живееме тука, и секако без туристите, не постои централно функционирање на градот. Околу секој храм се групирани жителите кои живеат во околината и тие претставуваат еден банџар. Како дел од заедницата за сите интереси на жителите се грижи еден човек, што ги познава сите што живеат во неговиот банџар.
Секој месец жителите треба да учествуваат во фондот на заедницата, побогатите тоа го прават со пари кои потоа се користат за улично осветлување, собирање отпад и слично, посиромашните тоа го одработуваат со чистење, уредување на зеленилото или на објектите на заедницата. Најбитното е што на крајот од денот и едните и другите подеднакво имаат право на сите услови од заедницата.
Овој начин на функционирање ги прави социјалните и материјалните разлики помалку битни, бидејќи сите со крената глава можат да кажат дека се дел од заедницата и, кој колку има го става во рамките на домот и личните потреби.
Честопати ќе слушнам од привремени посетители на Бали, дека луѓето се сиромашни, дека живеат во лоши услови, но тој став е многу погрешен затоа што споредбите со Западната цивилизација не се прават. Луѓето на Бали сакаат едноставен живот, живеат во полуотворени куќи каде што секогаш има провев, што значи дека има свеж воздух, ретко има непријатна миризба, ако длабоко вдишеш ќе те опие мирисот на запалените стапчиња за молитва или благиот мирис на дрвото франгипани. Ретко имаат амбиција за големи куќи, бесни автомобили, прескапи мобилни, скапа гардероба или било кое материјално докажување на сопствената немоќ.

Новите пријатели
Секако кога ги менуваш условите на живот, тоа раѓа и нови пријателства. Имав прилика да запознаам многу луѓе, некои се странци кои живеат тука како и јас, некои се Индонежанци кои работат на Бали но се дојдени од другите острови, и секако луѓе кои се родени на Бали. Некои од нив се мои пријатели, со нив секојдневно уживам споделувајќи задоволствата и искуствата од Бали.
Најбитното од се е дека луѓето што се одлучуваат да останат на Бали имаат слични ставови како и локалните жители. Бали ќе дозволи да останат само луѓе на кои материјаното не им е битно, оние кои ги ценат личните вредности, духовноста и отвореноста, кои не сакаат да искористат, злоупотребат, излажат. Секој друг ќе си замине од тука, нема да се пронајде, бидејќи луѓето се без предрасуди и не се грижат за туѓите филмови.

Секојдневие како инспирација
Утрата се прекрасни и почнуваат многу рано: веќе во 5 часот локалните жители се раздвижени и почнуваат со своите обврски. Пазарите се преполни со разновидни свежи овошја и зеленчуци, ако имате среќа и сте пораниле, ќе видите и каквов ксмет имале рибарите таа ноќ.
Одењето кон работа исто така ми е инспирација, кога сликите од ниските градби и храмови ги заменува поле со таа ултра зелена боја на младите оризови стебла, и во мислите ти тече возбуда со што денот ќе биде исполнет.
Бали ми овозможи да уживам во едноставните моменти, во неколку мига среќа, што ќе ти надојде кога пред себе гледаш една по една слика, која ти се врежува и те менува засекогаш. Дел од природата, некое зајдисонце, вечера на плажа, со прстите во песок или некоја искрена насмевка, длабоко од душата.

Вкусови и храна
Кога ќе ги посетиш пазарите на Бали ќе сфатиш дека има премногу нешта што не си ги пробал во животот. Најголемото богатство тука е овошјето, природно растено и зреено, без хемикалии, скапи за локалните земјоделци, со извиткани неправилни форми а за западниот човек често непривлечни. Некогаш ќе слушнам дека пилешкот копан е многу мал, а всушност е нормално голем за кокошка хранета со природна храна, дека бананата има чуден вкус, а тука ќе ги пробаш најубавите а ги има околу 10- тина видови, за разлика од вештачки со хемикалии напумпани банани од Еквадор.
Готвењето е пржење, печење на жар или варење, што е многу често за земјите околу Екваторот. Главната храна е „наси горенг“ или пржен ориз со малку месо и зеленчук и „ми горенг“ или пржени тестенини со истите додатоци. Овој тип на храна те држи долго сит и дава енергија за обврските што следат.
Се конзумира многу овошје и секако сите типови на морска храна. Сите јадат надвор и храната е достапна за сите категории, па ќе најдете „наси горенг“ за едно евро во уличните, мали варунзи (гостилници од неколку метри квадратни) и за 50-60 евра, во луксузните Мишелин ресторани со тројца келнери кои ве служат.
Јас уживам во едноставните работи и моите омилени места се некаде во средната категорија, најомилени прекрасните вечери на плажа, со свежа морска храна, само фрлена на жар.

Бали за почетници
Посетителите се различни- од туристи до патници и трагачи и нив Балежаните ги нарекуваат со едно име Буле- странец. Буле е дојденец, не разбира баш како одат работите, често ќе слушнете- не му замерај тој е буле. Најчесто странците приоѓаат агресивно кон истражувањето на Бали. Недоволно информирани од агентите, ги „напаѓаат“ локалните жители, ги сликаат, сакаат да влегуваат во храмовите и да ги сликаат луѓето за време на церемонија, што се смета за исклучително непристојно и непотребно.
Странците се гласни, мислат дека со тоа што имаат материјално, имааат и право на повеќе. Но за среќа, многумина знаат што треба да бараат на Бали и со понизност и почит влегуваат во храмовите и примаат само тоа што ќе им се даде, со тоа добиваат многу повеќе. Не е лесно да се разбере место каде што и дрвјата се ценат како жители, но тие што знаат, со восхит уживаат во пејсажите од оризови полиња, прекрасни храмови и планински езера и водопади кои ги има многу на овој воден остров.

Едноставноста на животот
Жителите тука работат додека мораат, се со цел да создадат дом во кој ќе можат да го уживаат својот мир. Семејството е многу силна заедница и функционира со голема взаемна почит. Кога ќе се роди дете, година дена не се спушта на земја, туку се носи во раце од родителите, најчесто од таткото.
Бали е со матријахално уредување, жената е вистинскиот столб и идентитет во семејството: ако треба да отворите сметка во банка или одите на забар, ве прашуваат за името на мајката (повторно принципот на обратното). Женската енергија во функционирање на општеството создава плодни, мирни и креативни услови за живеење и стареење.
Ретко ќе сретнете старец на улица, тие живеат во сопствениот храм што го создале низ годините, окружени со градина, неколку генерации со своите најблиски и во љубов со своите миленици. Едноставноста на живеењето, која успешно пркоси на западниот, „прогресивен“ начини на живеење, го прави Бали, место каде би сакал да имам среќа да стареам и понатаму, место каде брчките околу очите ми се од насмевките, а не од грижите. Бали е местото каде сум свој.
Вања Тодоровска

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Оставете реплика

Вашата емаил адреса нема да биде објавена

error: Content is protected !!