5.8 C
Skopje
сабота, февруари 15, 2025
spot_img

Репортажа. Фестивал на биодиверзитетот, пред и по дождот

Поради Фестивалот на биодиверзитетот, паркот на Франкофонијата беше мојата дестинација во саботата, на 2 јули.
Биодиверзитетот, велеше првиот човек на Слоу Фуд, Карло Петрини не е историски експонат, иако така некако звучи.
Биодиверзитетот е тајна на животот, база на нашето постоење, убавина каде и да ти заталка погледот. И таа биолошката разновидност, по втор пат е центар на спојување, подлабока опсервација на Слоу Фуд Водно и Слоу фуд Македонија, кои со поддршката од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го прават овој интересен фестивал.
Целта е преку неформално дружење, муабети, „каснувања“, разни дегустации на нашата автентична храна да им се помогне на локалните производители кои со својот начин на работата ја почитуваат животната средина.

Кога ги имам очите на детето биодиверзитетот го толкувам како шаренило околу мене, тоа се и птици и дудинки, и пчели и Водно на само еден чекор.., и прилагодување на живиот свет кон нашите потреби.
Туку, да се вратам на минатиот викенд: утрото е уште пресно, тргнувам кон целта веќе во 8 часот и чувстувам дека е топло, претопло, како увертира за долг тропски ден.
А во паркот на Франкофонијата е како на работна акција: се местат тенди, се поставуваат клупи и маси, банери.., а изложувачите, околу 30-тина на број ги бараат штандовите и се во некое пријатно исчекување.

Гледам познати лица, и им се радувам: ние во Слоу фуд си се чувствуваме удобно во рамката наречена, проширено семејство, а тука се Дамјан Гаврилоски, Вале Митрова, Давид од Кози млеко планина, Мирјана и Бранко Ангелески, Александра Лозановска, Страшко Ангелески, Јуле и Јордан од Вк ракија, Саша Стојкоски, Марјан Костадиновски од Сакам пиво…Поздрави, гушкања и желби за добар и успешен настан.

И додека си мислам дека и вака, преку локалната храна и производи, традицијата, автентичност во дегустации и презентации, вистински се запознава и сака татковината, фрлам поглед кон „фестивалот“, и, се е готово: штандовите стокмени како за сликање, производите се тука, изгланцани и наредени, а помеѓи црвените и зелените тенди, за љубителите на пикници има клупи и маси како можност цел ден да се помине на отворено, во парк.

Се слуша музика, пријатна е, првиот блок со домашни евергрини ги инспирира посетителите, кои слушам потпевнуваат и љубопитно разгледуваат. Се има, се може, па и јас тргнувам да ги видам омилените ми деликатеси, да си поприкажам со луѓето кои дошле од цела Македонија, и ете ги тука со своите гурмански адути. Се пробуваат разни чудесии- масло од лешник, ама и чипс од истиот, колаген од афионово семе, за винољупците ги има вината на Подрум Параџик, семејната визба Атанасовски, Захарчеви, Арабеска, па беровски еколошки производи, еко јајца, можност да се чепне од „питата на баба“ на Јовка од Пробиштип, наградените сланини и што се не од Гаврилоски.
Убав излет. Додуша, сонцето е безмилосно, но има луѓе кои овој ден го сметаат за добра авантура.

Секој си зафаќа позиција покрај она што му е најдраго и највкусно. Тука е козјо сирење и пикантни намази, разни солени и благи зимници во прекрасни тегличиња од Моја бавча, па и зелени сливи и рибизли за освежување на лице место. За љубителите на тартуфи, шарена палета на производи од масла до путер со тартуфи, маслинки, тартуфата па и ново превкусно слатко од портокал со тартуфи, во близна- мармелад од шипинки, како потсетување на детство, штанд со оцет од диви и природни јаболка и еликсири за задржување на младоста, па органски масла, ракии, пива..

Во меѓувреме пристигнаа Министерот за земјоделство и Градоначалникот на Општина центар, па следи подетално запознавање со производителите.
Се пробуваат вкусни летни залчиња на шеф Зоран Мајновски, зеленчукот од Зелена република, па иако е жешко, прежешко, се има цел..

И таман што помислив дека дојде и мојот тајминг, да изглаголам нешто за најомилената ми тема- Слоу фуд гостилници сместени во водичот создаден за патници хедонисти и гурмани истражувачи, без било каква најава- облаците се спуштија на земја.
Се смени кадар и како на филм се стемни, почна да грми, дува, вистински циклон со многу дожд.
Хировито летно невреме, да не знаеш дали да се сокриеш или да собираш се што се крена во воздух… Не знам колку траеше, но многу брзо ја видов сликата како на почетокот на денот: повторно „работна акција“, дождот исчезнат и на лице место потврда на константата: еден за сите… Мислев, таа „демоде“ сплотеност исчезна попатно, ја нема, изненадувањето од природата потврди дека секое лошо крие нешто добро.Зборот ми беше, и кога не е добро, да ти е добро.
Се гледаме на третото фестивалско Биодиверзитет издание.

Вања Тодоровска

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена