Ресторанот „Естел“ се наоѓа во Дебар мало, на улицата „Ленинова“, по ново – „Аминта Трети“ а потоа се оди во првото уличе десно. Превкусна скара, убави салати, карирани чаршавчиња, цвеќиња, персонал со очи и на грб- тоа во една реченица е мојата куса белешка за овонеделната ручек- дестинација.
„Естел“ постои неколку години и храбро оди кон својата цел, да стане бренд. Се прилагодува на вкусот и џебот на гостите а одамна ги слушнав нивните препораки- „сите нудат кебапчиња а ние кебапи“, „не гответе дома, ние готвиме за вас“- како асоцијација за квантитет, ама кога ги погледнав цените, апсолутно прилагодни на времето, си реков, некои кафеани навистина го олеснуваат животот. Во вистинска смисла на зборот.
Првичната идеја на „Естел“ беше тоа да е медитерански ресторан, со сите децентни гурманлуци, но вкусот на луѓето наметна нешто сосема друго- домашни јадења и скара, со знаци на препознавање – ребро, кебап, плескавица, кременадла, увијач, раженче…
Но, тоа не е се и не е крај на приказната. Изненадувањата функционираат затоа што е доволно гостинот да посака нешто специјално (риба, јагнешко, коленица…) и, се` се создава како со волшебно стапче. Тоа е лозунгот на оваа кафеана.
На масата го имам „ракијашко мезе“ во летната варијанта. Се изборив за таа привилегија, зошто сакав нешто поинакво. Со домашна ракија, разбира се.
И така пробувам од се`- марула а над неа јајце, печени шапмињони, брускети со пршута, па со краставица и тиквица. И тоа не е се`: маслинки, домат а во средина две чинивчиња со лут, мераклиски зелен пинџур и салата со ореви.
„Естел“ е омилен кај луѓето, заклучувам по посетеноста. Весели гости, се слушаат гласни оратори, понекое кикотање и повторно се тоне во „зборлеста рутина“. Раздвижената келнерка по малку думање, ми климна со глава, како одобрување, кога за главно јадење нарачав, раженче со месо и зеленчук, печени пиперки со лук и ориз, како додаток.
Не чекав многу. Прочитав неколку статуси на фб, неколку мисли што најмногу се цитираат, а приматот го држи Коелјо. Најмногу „паднав“ на сентиш тема: „Сетете се секогаш дека каде што ви е срцето, таму ви е богатството“.
Ех, колку ме бендисуваат вакви убавини. Животецот е прекрасен, си велам инспирирана од убаво срочените зборови на најцитираниот писател.
Рака на срце и мојата маса исто така беше поетска – раженче како за фотографирање. На истата „вертикала“ парче месо а до него нанижана печурка, пак месо, па кромид, месо, па пиперка… Вкусно, миризливо и шарено. Таков поетски додаток беше и оризот со неколку рози од кромид, раззеленет со понекое топче грашок.
А пиперките…Тие доминантно се перчеа во својата супериорност, ама во овој период од годината, кој е поглавен од нив? Ги осетив дека се отров- лути, ама „тоа што не ме убива, тоа ме зајакнува“, продолжувам со инстант- филозофија, и гризнувам од се по малку….
Претпоставувате- беше толку мераклиски и мајсторски приготвено што само посакував никогаш да не заврши.
Знам дека прејадувањето не е за фалење, но во овој контекст ќе го употребам како замена за комплимент. Чиста, единствена и јасна вистина што ја има во „Естел“. (В.Тодоровска)