Рецепти. Модар патлиџан на три начина

Модар патлиџан со сирење
Потребно е: килограм модар патлиџан, 300гр. сирење, половина килограм домати, 2 чешниња лук, неколку ливчиња мајчина душичка и рузмарин, малку брашно, масло и сол.
Модрите патлиџани треба да се измијат, да се исечат на тркалца, да се посолат и да се остават да постојат. Треба да се исцедат од сокот што го пуштаат, да се извалкаат во брашно и да се пржат на врело масло, од двете страни.

Во замастениот сад се става излупен и на тркалца исечен домат, се посипува со изрендано сирење, се прекрива со пропржениот модар патлиџан, со исецкан лук и со ливчињата од мајчина душичка и рузмарин, и на крај се запекува во рерна.

Модар патлиџан со јагнешко
Потребно е: 2 чешниња лук, 2 парчиња јагнешко месо (околу 180 гр), 500 г. модар патлиџан, 2 главички кромид, ливчиња мента, маслиново масло, сол, свежо мелен црн пипер.
Излупете го лукот, иситнете го и измешајте го со 2 лажици масло. Нека одлежи половина час. Излупениот кромид исечете го на ленти и испржете. Промешајте ги модрите патлиџани, исечкани на коцки, па пропржете. Залијте ги со лимонов сок, на кој сте додале вода и динстајте 10 минути. Посолете, зачинете со црн пипер и измешајте ја ментата. Парчињата јагнешко, пржете ги по 5 минути од секоја страна и послужете со модрите патлиџани.

Ќофтиња со модар патлиxан
Потребно е: 1 голем модар патлиџан, 300 гр. мелено месо, 1 кифла, млеко, 1 голема главица кромид, 1 резенче лук, презла, брашно, 1 јајце, масло, неколку ливчиња оригано или босилок, 2 лажици пармезан, сол, црн пипер.
Исечканата кифла навлажнете ја со млеко. Ислупете го и исецкајте го кромидот, а излупениот модар патлиџан исечете го на коцкички. Заедно, пржете ги десетина минути. Излупете го лукот, измешајте го со оригано, или босилек, па додајте го на модриот патлиџан. Помешајте со месото, исцедената кифла, сол, црн пипер, 2 лажици пармезан и презла, обликувајте ги ќофтињата и печете во претходно намачкан плех, во рерна.

Фото: Pexels

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени

error: Content is protected !!