За сите читатели на Порталот 7дена.мк, кој редовно го следам и ми се допаѓа, сакам да им подарам интересни рецепти, традиционални, брзи и вкусни. Еден од нив е колачот со домати, визитарките, бовчи…итн.
Уживајте во приготвувањето на храната, тоа е една од најдобрите терапии на сите времиња, кога лошите мисли ке ги преточите во среќа и задооволство…гответе и само гответе и не штедете од љубовниот зачин!
Патувајте во својот сопствен мир, до таму не се издаваат билети, затоа што нема пари кои можат да го купат тој билет…Верувајте се ќе помине, па и ова!
БОВЧИ
Потребни состојки:
650 г брашно
2,5 дл млеко
250 г изматена свинска маст (маргарин)
1 коцка свеж квасец (40 гр)
3 јајца
шеќер во прав по потреба
1 пакетче ванилин шеќер
рендана кора од лимон
За фил
300 г сушено овошје – ситно сечкано
(јаболка, кајсии, сливи, смокви, ореви… по желба)
Во длабок сад ги ставаме брашното, биената маст и млекото во кое претходно е растопен квасецот. Со дрвена лажица измешуваме и потоа во тестото додаваме едно јајце, две жолчки, ванилин шеќер и рендана кора од лимон. Почнуваме да месиме додека да добиеме мазно, хомогено и тврдо тесто. Ова тесто не се лепи за рацете поради присуството на свинската маст. Доколку во текот на месењето забележиме дека тестото е меко, додаваме брашно по потреба. Добро измесеното тесто го делиме на 64 топчиња. Потоа го приготвуваме филот.
За филот, ги матиме пенесто двете белки, го додаваме сушеното овошје и измешуваме. Секое топче со прстите го расплескуваме за да добиеме мала кора. Кората е во големина на тркалце што го формираме кога ќе ги споиме, од двете раце, палецот и средниот прст. Секоја кора ја полниме со едно кафено лажиче од филот. Со прстите од десната рака се движиме по краевите на кората, собирајќи ја нагоре и подавајќи ја кон прстите од левата рака, за да ја затвориме во облик на пакетче или бовча.
Формираните бовчи ги редиме во намрсен плех од шпорет. Ги печеме 10-ина минути во рерна загреана на 250ºC, потоа температурата ја намалуваме на 200ºC, и печеме уште 30-ина минути. По вадењето од рерна, малку подистинати, ги препелкаме во шеќер во прав и ги декорираме во чинија. Колку повеќе стојат, толку се поубави.
ПОСЕН КОЛАЧ СО САЛЦА
Потребни состојки:
30 супени лажици салца
30 супени лажици брашно
30 супени лажици масло за јадење
30 супени лажици шеќер
150-200 г мелени ореви
2 пакетчиња прашок за печиво
1/2 лажиче сода бикарбона
рендана кора од портокал или лимон
тавче бр. 32 или 34
Во длабок сад ги истураме салцата, маслото, шеќерот, содата бикарбона, прашокот за печиво и со дрвена лажица измешуваме. Ги додаваме брашното, мелените ореви и ренданата кора од портокал или од лимон. Повторно измешуваме со лажицата, да се соединат сите состојки и да добиеме густа хомогена смеса што личи на каша.
Готовата смеса ја истураме во тавче број 32 или 34. Се пече 15-ина минути во рерна загреана на 200ºC, а потоа температурата се намалува на 170ºC, па се пече уште 50-ина минути. Го вадиме колачот од рерна и го оставаме да остине. По желба може да го наросиме со шеќер во прав.
Посебно вкусен колач, кој восхитува со несекојдневниот вкус.
Лесен, брз, евтин, вкусен и традиционален десерт од Скопската околија!
КРОФНИ
Овој рецепт е од мојата мајка Милка Цубалевска. Крофните најчесто ги приготвуваше во недела за појадок.
Потребни состојки:
3 јајца
5 дл млако млеко
3 филџани за кафе – масло за јадење (за тесто)
1 л масло за пржење
1 коцка свеж квасец (40 г)
брашно по потреба (околу 1,5 кг)
рендана кора од лимон
слатко или мармалад по вкус
шеќер во прав по потреба
Во сад за месење ги кршиме јајцата и ги додаваме маслото, претходно растопениот квасец во млакото млеко, ренданата кора од лимон и измешуваме сè заедно. Во оваа течна смеса го додаваме брашното, малку по малку и започнуваме со месење. Месиме сè додека тестото не почне да се одлепува од раката. Тестото треба да биде средно меко. Убаво измесеното тесто го оставаме да се одмори 30-ина минути, за да го удвои својот волумен.
Одмореното тесто го вадиме од садот и го положуваме на работна маса посипана со брашно. Со сукало, расукуваме голема кора во дебелина на половина прст. На едната половина од кората ставаме по едно кафено лажиче слатко на оддалеченост од 10-ина сантиметри, и по ширина и по должина. Со другата половина од кората го покриваме делот на кората со нанесеното слатко. Добиваме полукруг од преклопената кора, со испакнатини на местото од слаткото. Земаме голема чаша, отворот го препелкаме во брашно и со благо притискање на тестото (слаткото да биде во центар на отворот на чашата) ги формираме крофните. Секоја формирана крофна ја оставаме настрана на работната маса и ја посипуваме со брашно. Постапката ја повторуваме со тестото што останува по формираните крофни, сè додека не го истрошиме тестото. Крофните ги оставаме да стасаат уште 10-ина минути пред пржење.
Во длабок сад го ставаме маслото да зоврие. Ги редиме крофните во врелото масло и ги пржиме со постојано превртување. Крофните се готови кога ќе добијат боја на старо злато. Штом се извадат од врелото масло, веднаш ги препелкаме во шеќер во прав, за да се задржи на површината.