Славното Смилево, гордост на Мијачијата
„Топовите грмат, татни земјата, пламен се дига до небото. Жалете браќа, браќа славјани, Смилево славно в оган гори…“ Секој што Смилево го има во срцето, а во потсвеста чувството дека е дел од херојската приказна ја знае и песната „Смилево славно в оган гори“.
И навистина, не постои смилевец кој не е горд на своите корени и на историското минато на селото. Од тие ридови потекнува и Дамјан Груев, мозокот на Илинденското востание и иницијатор на Смилевскиот конгрес. Смилево во 1903 година станало политички и воен центар на Македонија, таму беа собрани највисоките раководители на ТМОРО, се одржа Смилевскиот конгрес, а потоа во селото се пресели и Главниот штаб на востанието.
Смилево има преубава местоположба. Вгнездено во југозападниот дел на Македонија, во подножјето на планината Бигла, на 1000 метри надморска височина и е прекриено со букова и дабова шума.Секое годишно време ги бои дрвјата – во пролет и лето се зелени и бујна, а во есен илјада златни лисја ги прикриваат стаблата портокалово- златно и се потсетува на кадар од старите македонски сказни. Во Смилево е тивко и спокојно а тишината на идиличните моменти што траат со часови одвреме – навреме ја реметат клопотарки на добитокот што минува низ селските сокаци.
За смилевчаните се зборува дека се вредни и ведри луѓе. Постарите раскажуваат дека го паметат селото кога имало 800 куќи а до Ресен се одело пеш, преку Бигла, за три часа. Денес ретко кој се осмелува на таков потфат , но за жал до Смилево, освен со сопствен превоз не можете да стигнете поинаку- автобуската линија во овој правец не постои.
Денешната демографската карта на селото изнесува 319 жители или 80 семејства што не ги напуштиле семејните огништа .
Како настанало Смилево?
Има неколку легенди од кои најзастапена е онаа за Смиле, Гале и Лазе, тројцата браќа, кои бегајќи од турскиот зулум побегнале на три страни. Од нивните имиња настал Галичник, Лазарополе и Смилево, каде што тие продолжиле да живеат и да создаваат семејства.
Меѓу легендите и реалноста сепак постои убава врска- за време на исламизацијата, многу мијаци се населиле во Смилево, Папрадиште (велешко), и селата покрај Радика. Станува збор за 1610 година и за зачетокот на старото Смилево.
Постарите смилевчани раскажуваат дека во 70. години на минатиот век беше многу пораздвижено, а тие побројни : Смилево броеше 1000 жители.
Се беше поинаку:од 1962 до 1970 година во селото е активна женската работна сила а во тогашната прочуена ќилимара се произведуваа персиски и пиротски ќилими . Се работеше со полн капацитет- 120 вработени девојки, цели 8 години. Спецификата на работата беше врзана за женската работна сила а откако поголемиот дел од нив се омажи, се затвори ќилимарата, останувајќи скоро без работна сила.. Дваесетина години години подоцна, во 1992 се отвара текстилен погон што вработува околу 100 жени. Погонот работеше до 98 година а потоа се менуваат сопствениците, и поради транзицијата повторно доаѓа до прекин…
Инаку, Смилево е печалбарско село, ѕидарството е основното занимање, што ги принудуваше мештаните да одат на работа во околните села- од понеделник до сабота.
Во многуте нешта што го карактеризираат селото, чудесна е смилевската носија, која од галичката се разликува и по везот и по бојата. За везот биле задолжени исклучиво смилевските терзии а правилото што тие го наметнале било младите да ја носат посветлата а повозрасните потемна боја…
Селото, како и многуте во Македонија има специфична архитектура. Куќите се правеле од камен – па и во таа област имотната состојба беше видлива. Прочуените куќи „дивитлии“ беа карактеристични за поимотните семејства, а правоаголните, таканаречените – кибрит куќи, за посиромашните. Бидејќи има доста печалбари во Австралија и Америка, тие не сакајќи да ја загубат врската со огништето, градат нови куќи, кои се со современ дизајн што го менува ликот на Смилево.
Инаку, селото има 5 маала- Кецкари, Горна и Долна мала, Ковачи и Старосмилевци и секое си има свој крст што се фрла за празникот „Св Јован“.
Како село што ја почитува традицијата и Смилево си има своја слава а Петровден е најважниот ден во годината. Тоа е период за женење и мажење, а прочуените свадби, веселби траат по три дена. Адетот е да се оди на манастир „Свети Петар и Павле“ кој пак има своја историја. За време на Илинденското востание му изгореле конаците а истите се обновени во 1976 а во 90-тите години со селски самопридонес манастирот блесна во уште поубаво светло.
Смилевчаните се горди и на својата вода – еден од изворите има лековито дејство за бубрезите. За тоа во 70-тите години пишуваа весниците во бившата Југославија, бидејќи водата ем што ги прочиствува бубрезите ем го раствора песокот во нив. Така се слушна за Смилево и „волшебната вода“ – од Триглав до Шара.
Кога ќе го посетите Смилево веднаш ќе го забележите Музејот, каде е собрано минатото на селото – четири соби од кои во етнолошката се наоѓа автентична покуќнина од пред 100 години и смилевска носија. Потоа, спомен собата на Даме Груев, бидејќи на местото каде што била неговата куќа сега е изградена друга а посетителите се интересираат за овој историски лик, комплетна конгресна соба украсена со слики од делегати на смилевскиот конгрес и спомен собата на партизанските одреди.
Навистина, Смилево има многу убавини што кротат и што треба да се почуствуваат, а ова е само мал дел од нив.
Кој бил – знае, кој не бил – треба да го посети .
(Валентина Вања Тодоровска)