„Слоу фуд“ одбележува. „Фестивал на Биодиверзитет“ и 30 години од Манифестот

Вчера „Слоу фуд“ ја разреши дилемата поврзана со прашањето „зошто месо а не мешунки“, па одговорот- „затоа мешунки…“ го дадоа сите присутни на манифестацијата.
Во пријатна и пријателска атмосфера на „Ореов лад“, членовите, подржувачите и излагачите имаа неформална дружба, овој пат сместена во рамката наречена „Фестивал на Биодиверзитет“.


Кога е во прашање „Слоу фуд“, како што зборуваше Фолко Портинари, еден од оснивачите и авторите на Манифестот, „спората храна“ навистина го брани високиот статус во гастрономијата. Со сигурни чекори избегавме од зачмаеноста на „брзата храна“ и сега ги откриваме богатите разновидности и ароми на локалните производители и кујни. Таму каде што е Слоу фуд, нема бариери, вештачки трепки и иста таква храна – атмосферата е веднаш семејна, дружбата остава простор за нова средба а приготвената софра ги урива сите бариери.
Та нели, се се врти околу храната?!


Значи, настанот имаше голем повод – одбележување на 30. години од Манифестот и на Меѓународната организација Слоу Фуд, а три децении постоење е бројка за почит.
Домаќинот, Слоу Фуд Водно со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, на манифестацијата собра повеќе од десетина локални производители, готвачи на алијансата а тука беа членовите на Слоу Фуд Осогово и поддржувачите.


Локалните производители ги раскажаа своите приказни, стории за верба и успех, го слушнавме Манифестот на Слоу фуд и наздравивме со локалните вина .
На настанот имавме прилика да ги вкусиме специјалитети од мешунки приготвени од ненадминливите шефови- Маре Јаневска, Боби Симоновски, Дејан Карапеев и Зоран Мајновски.

Шеф Маре Јаневска приготви шарена и превкусна есенска салата со тиква, црн домат, закиселен кромид и црвен грав, со прелив од крем сирење, павлака и лук. Маре правеше и пита, лепчиња со жалфија и лук, што си комбиниравме со нејзиниот мајсторски приготвен хумус.


Шеф Боби Симоновски, по стар добар обичај воодушеви, овој пат со бомбици од наут. Состојките- хумус, сол, бибер, пипрка, овчо сирење и јајце, сервирани со пире од варен целер, грашок, кромид и путер, декорирани со чипс од млада рукола, направија овие чинии да наликуваат на вистински уметнички дела.

И Шеф Зоран Мајновски ги имаше блескавите моменти со ќофтиња од леќа сервирани на подлога од морков и целер и прелиени со сос од бело овчо сирење и лист од жалфија.


Крајот делото го краси и Шеф Дејан Карапеев не заслади, следејќи го календарот и сезоната на тикви- со раванија во комбинација со печени коцки и мус. Оваа тиква зачинета со мента долго ќе ја паметам, исто како и настанот.
Уште многу предизвици и, да се множат годините на „Слоу фуд“.

Валентина Вања Тодоровска
Фото- Верче Стефановска

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени

error: Content is protected !!