Снежана Ангеловска: Кралицата на тортите не јаде чоколадо
Вели, откако знае за себе се дефинира во слаткарството, но Снежана Ангеловска во царството на благите работи е активна повеќе од 15 години . Во нејзиното усовршување е наведена специјализација за чоколадо во Лион- Франција, а мастершефовскиот семинар во Италија го има поминато пред две години. Поради спецификата на својата професија , Снеже е многу популарна , постојано се натпреварува а годинава, со 101 освоена златна медала, го заокружува својот натпреварувачки период .
Торти, колачи, пени…,има ли поубава професија од слаткарската? И како тоа кралицата на чоколадите да ги урива сите табуа врзани за ставата? Како остана вита?
-Слаткарството е најубавата професија за мене, посебно чоколадата и артистиката. И како и секоја професија која ја работите со љубов и слаткарството бара многу трпение…вложување на себе си,..жртвување…,но сепак крајниот резултат ви ја исполнува душата и среќни сте. Моите полиции се украсени со безброј дипломи, пехари и други награди… Сите ми се посебно драги затоа што во секоја од нив има посебна приказна како од државата така и надвор од неа. Моментите поминати во работата создаваат спомени, искуства и пријателства, кои ми се бесценети…
Често ме прашуваат како тоа слаткарката да е со вита става? Не знам, а можеби и знам. Се трудам здраво да живеам, но најголемата слатка тајна е тоа што не јадам чоколадо.
Што е хит, во твојата област денес? Што најмногу се јаде, што е најпопуларно и каде сме ние во однос на светските трендови во слаткаристика?
-Тешко прашање…Хит за мене е чоколадната артистика и сите десерти од чоколадо…Сепак мислам дека се е до различнити вкусови, секој има свој хит. Во светот денес слаткарството е уметност која бара да е во чекор со времето.. Македонија полека но сигурно ги отвара вратите на модерното слаткарство, но за жал сеуште не се обрнува многу внимание и не се вложува во оваа професија.
Кои се твоите најомилени состојки за благите работи? Без што не почнуваш, без што не завршуваш?
-Чоколадото е главно, со него го започнувам секој ден и секако го завршувам., па нели е докажано дека тоа е вистинската состојка за добро расположение.
Твојата хуманитарна организација „Хоа ангелчиња“, на мапата на настаните во земјата е заведена како активна и многу омилена. Што се подготвувате?
-ХОА АНГЕЛЧИЊА е регистрирана пред десетина години, после мојата тешка здравствена состојба од која се извлеков…Вистинско чудо е како останав жива и јас и на овој начин го славам животот. Цели десет години моите мали и големи хуманитарци се посветени на работа во хуманитарни цели. Покрај многуте акции на локално и меѓународно ниво, главните и за мене многу важни се манифестациите Слатка мистерија и Интерскопкејкс, поврзани со торти и слатка статистика а од година во година се со поголем интерес и внимание. Со гордост можам да кажам дека оваа година славиме голем јубилеј, 10 години од ИНТЕРСКОПКЕЈКС, кој ќе биде на 10 ноември и е од меѓународен карактер. Преку овие манифестации се обидувам во модерното слаткарство да поттикнам и поголем интерес во земјата..
Вања Тодоровска