Вториот „Слоу фуд салон“ што неодамна се случи во хотелот „Лимак“, повторно, со иста цел, енергија и елан ги обедини производителите, организаторите, „разбудените“ што почитуваат се што ќе изнедри нашата почва, „домашни странци“ со излитени пасоши кои ја запознаваат татковината во буен гастрономски раскош, следбениците на Слоу фуд и љубопитни гурмани што го одбрале настанот – да си го слават викендот.
Храната е идентитет, ама е и љубов, посветеност, креативност, смеа, пријателство, тоа се невидливи синџири што врзуваат и за оваа Слоу фуд приказна.
Доколку храната е основен антрополошки елемент за глобално и локално да се сродиме, пиењето и е следбеничката. И така беше- на половина пат се прегрнаа нераздвојните: во едната сала – храната, со неверојатни можности да се направи добро и квалитетно мезе, дел од нашиот генетски аманет а во другата- пијалоци, вино, пиво, ракија, кафе.., се што на душата и годи. И судејќи по големиот број и на изложувачите на „течната храна“, секогаш сериозен интерес кај добро домашно вино, дел од сонцељубени краишта: „Ерос“, „Пазарџик“ „Иванов“, „Бади“„Сарика“, „Јостела“...
Околу 60-тина изложувачи, добро познати домаќини, еснафџии: „Моја бавча, „Туф.мк“, „Кози млеко планина“, „Гаврилоски“, „Папас“, Леска“, „Вк“, „БН“ „Сезер фарма“.., ама и многу нови производители, се распостлаа со своите адути, приказни, вистински слоу фуд егзибиции: сирење со суви дренки, здрави грицки – суви магарешки сливи, сушени на сонце, мармелад од диво јаболко со ванила и цимет, слатко- луто со темно чоколадо, мармелад од круша со нане и лаванда, џем од глог, мармелад од калинка, јуфки со сушено зеље, чипс од лешник, мармелад од домати, ракија за мажи во кризни години, мед со тартуфи, кашкавал со домашен јаглен, прелив од брусница, бурата мека… Можеби тоа се идните бестселери, ама класика си е класика: сувомеснати деликатеси, макало, ајвар, лутенка, џем од шипки, мед, тартуф во разни комбинациии, оцет од диви јаболка, ракии за боеми…
Помеѓу гостите, гореспомнатите- домашни странци, едноставно затекнати од вкусовите, бомбардираат со комплименти : „кашкавали достојни на Тоскана, вина на Франција, пасти на Италија…“ама и со прашање, зошто истите не можат да се најдат низ маркетите во Скопје?
Сакам да ги набројам без нивните „ордења“, производителите кои станаа претпознатливи со име и презиме: Мирјана и Бранко Ангелески, Александра Лозановска, со дабова круна- Давид Неделковски, Дамјан и Билјана Гаврилоски, Валентина Митрова, Страшко Милошевски, Пеце Клечкаровски, Димитар Јовчевски, Гуна Маркова и Александра Картелова, Игор Поповски, Марија и Тони, Нацо и Благоја Јовчевски, Акин Сезер, Саша Стојчевски, фамилија Бачевски, Марјан Костадиновски, Јуле и Јордан, .., Филип и Сунчица со нов момент на настанот- детско едукативно катче.
Денот беше стасан, гостите расположени, одсекаде плискаше „онаа“ енергија. Да, храната е идентитет, не потсетува што сме, откаде сме и ја отгатнува мистеријата зошто сме.
Ама е и природен лифтинг, би додала јас. Еве зошто: споредете човек кој јаде фаст фуд и уште еден, навлечен на слоу фуд.
Не само од здравствен аспект, туку и „од око“- одгледувачите, разбиструвачите, пишувачите и побарувачите, ние слофудашите, ја имаме задржано свежината на насмевката.
Валентина Вања Тодоровска