Весна , сопруга на неодамна починатата музичка ѕвезда, Оливер Драгојевиќ, со потресно писмо на својот Фејсбук профил се прости од него, но и се заблагодари на поддршката од, како што вели таа, сите знајни и незнајни луѓе. Го пренесуваме писмото во целост.
„Најдраг мој. Знаеш дека за збогување никогаш не наоѓав вистински зборови . Кога ми рекоа да се простам од тебе, не знаев како тоа се прави и што да кажам. Ти спиеше со денови, можеби не не ни слушна . Знеше дека сме крај тебе, можеби тоа беше доволно . Беше недела наутро. Донесете му алишта. Какви? Можеби оние од последниот концерт во Арена, знаеш оној костум што го купивме од Австрија. Но, тоа сигурно не беше важно и тоа е прв пат како не те прашав- што ќе облечеш? После една година се соочивме со стварноста. Шок. Иако знаевме каква е состојбата. Што сега? Каде? Како? Сите помогнаа. Ти три дена беше она што никогаш не сакаше да бидеш- битен, почитуван од сите знајни и незнајни луѓе. Јас знам што ти би кажал на тоа, но се срамам да го повторам, ама морам да ти кажам дека се случи спонтано и без притисок, напиша таа и додаде:
„Ние дома знаевме дека луѓето те сакаат , но бевме шокирани со количеството емоции кои ги доживеавме. Ти имаше Оли три погреба за два дена. Едвај преживеавме ама бевме горди на сите случувања поврзани со тебе. Како што рече Џибо ова море е за тебе, и беше тој ден. Тие знаеш дека сме добри. За некој ден ќе се роди Марко, твојот шести внук, кого никогаш нема да го видиш, но знаеше дека доаѓа. Сите внуци се се уште мали за да сето ова го разберат. Малиот Тони ме прашува: Бабо, зошто се овие свеќи кај нас пред куќа? Му реков дека ги оставаат луѓето бидејќи дедо почина. Знаеш што ми рече? Зошто се толку многу. Гледаш, нему и сите нас ни беше само дедо и сигурна сум дека и ти тоа би го кажал а така те и доживувавме. Добивме стотици а можеби и илјадници пораки со сочувство од твои пријатели, колеги и непознати луѓе. Стотици бродови те испратија и сигурна сум дека би рекол- вие сите сте полуделе, како јас да сум некоја фаца. Јас само го работев она што го сакам, напиша Весна и продолжи:
„Можеби токму и затоа такво ти беше испраќањето, бидејќи никогаш не се туркаше во прв ред. Знаеш дека живеевме како сиот нормален свет. Се дружевме со луѓето а не со титулите. Луѓето тоа го препознаваат и затоа те сакаат. За песните нема ни да зборувам бидејќи никогаш и не зборувавме. Ти беше нашиот сопруг, татко и дедо. Не се лути што толку многу те сакаа а ти можеби и не знаеше. Морав ова да ти го напишам поради сите оние кои те испратија, бидејќи за ова што ти го приредија, не можам да се заблагодарам на сите посебно. Би сакала да знаеш колку многу љубов имаше тука за тебе, која со ништо не може да се измери. Затоа уште еднаш им благодарам на сите. Тоа е се што можам да кажам, бидејќи вистински зборови нема. Ти знаеш колку те сакаме. Не ги слушавме многу твоите песни, но можеби сега сигурно- да, бидејќи што и да отвориме само ни се наметнува. За нас не се грижи, знаеш колку се сакаме. Тоа ти беше најголема среќа во животот. Ти секогаш ќе бидеш капетан на нашиот брод , ќе не возиш каде треба и каде ќе ни биде добро. Ќе не чуваш како и до сега а ние ќе го следиме твојот траг во бескрај, заврши Весна.
Фото- Том Дубравец, Паун Пауновиќ (jutarnji.hr/slobodnadalmacija.hr)