„Само среќен човек добро готви, вели екс- ју готвачка ѕвезда, пионер од областа на гастрономијата, Стево Карапанџа (1947), веднаш на почетокот на интервјуто што го правевме во Струмица, на третиот Гастромак, Интернационален гастрономски фестивал што евидентно станува бренд. И минатата и годинава Стево беше дел од жирито на оваа манифестација, и како што раскажа, за ништо на светот не би го пропуштил настанот и поради новите сили во гастрономијата, и поради атмосверата, дружбата и секако, домаќините на Гастромак.
После толку многу работа, плими и осеки што ги пратат големите кариери, забележувам дека луѓето ви приоѓаат со многу почитување, респект… Сите ја паметат „Малите тајни на големите мајстори на кујнта“, 20 годишно траење на ова готвачко шоу?
– Некои се носталгични и кон фактот – старо време, кое мора да било добро. „Мали тајни…“ се емитуваше од 1974 до 1990 година и беше замислено како проект каде ќе се најдат десет готвачи од различни делови на некогашна Југославија, но поради скапа реализација, се заборави идејата… Во тоа време бев млад готвач во хотел „Еспланада“ во Загреб, имав 24 години, добра дикција, и ми кажаа- мали шаки за на камера… Се се совпадна, и јас бев дел од таа, сега можам да констатирам, голема и интересна приказна. Првиот водител беше Иво Сердар, па Саша Залепугин и на крај дојде Оливер Млакар. Со него бевме одличен тим, ама не се дружевме надвор од работата. Како и да е, емисијата беше многу популарна и тогаш кога времињата не беа весели, па и кога морав да се преселам во Швајцарија, ми донесе само добро….
Останавте без работа, а погрешно место и погрешно време во кризната 1991 година, не ви остави многу време за размислување. Како се справувавте со внатрешниот неспокој, горчина?
– И тогаш и сега се ужаснувам од примитивизмот, но никогаш не сум се товарел со горчина, тегоба…Оние што сакале да заминам од татковината, ми направиле услуга, ете така размислувам. Навистина на почетокот беше тешко, но кој почеток не е тежок? И што научив во меѓувреме- дека простувањето, ведрината и внатрешно задоволство, ама вистинско, не поради другите туку поради себе, во тоа е тајната на убавиот живот. И секако, во насмевките, затоа и мојот најдобар пријател е – стоматолог.
Карапанџа со Адријана Алачки, претседателката на Гастромак
Во 1982 година издадовте готвач кој се продаде во 300 иљади примероци. Во меѓувреме напишавте уште десетина, но сеуште ништо од биографија. Ова го велам поради фактот дека готвачите денес имаат статус на ѕвезди.
– Со Рената останувавме будни по цели ноќи, бидејќи мојата сопруга инсистираше рецептите да ги сместам во книги. Така и се раѓаа моите готвачи… Инаку, никогаш не сум се сметал за ѕвезда, и автобиографија сигурно нема да напишам. Тој потфат ми звучи нескромно.
Во „добро старо време“, во гастрономското-шоу се популаризираше една мирудија. Што денес, од многуте тревки и тревчиња препорачувате во готвењето?
– Природа во сите облици: тимијан, рузмарин, копар, маточина ама понекогаш сакам да вкусам и васаби- (јапонски рен, го нарекуваат и јапонски тартуф, нов.заб)…Со ловор сум внимателен- овој лист е во состојба да го превземе целото јадење. Другата работа што ја препорачувам е користењето на автохтони намирници, она што е локално и најдобро токму на тоа тло. Ме радува што и новите генерации ја почитуваат традицијата која на овој или оној начин се препакува во модерно, и така има пробив и на запад.
Наследници во гастрономијата немате, но верувам дека домашните ритуали во храната ви се незаобиколни?
– Синот Мислав преферира шницла и помфрит, ќерката Лана е тазе вегетеријанка, сама си готви, значи нема многу работа околу нивното мени. Тие двајцата, без притисоци тргнаа секој по свој пат и со својот афинитет, ќерката се занимава со некретнини, синот е информатичар. Јас и Рената сме често на салати, не правиме никаква драма околу храната. Веројатно се презаситивме од многуте патувања и ангажмани што ги имав во Пекинг, Лондон, Париз, Цирих…
А вашата сопруга? Колку оваа професија, статусот што го имавте, ви беше добар „мираз“?
-Ние дома постојано се шегуваме – кој подобро се оженил (омажил) и резултатот е нерешен. Рената знае дека тајната на нашиот брак е токму храната, таа обожава благи работи, а така и ја освоив – со бонбониера и рози. Тој обичај го негувам со години, и денес најчесто и правам палачинки со интересни кремови.
Животот го поминавте во креирањето на рецепти и нивната реализација и вистинско чудо е што не се здебеливте, дури немате ни пивски стомак… Значи ли тоа дека вашата омилена кујна е- некалорична?
– Мојата слаба страна е италијанската кујна и неа секогаш и се враќам, можеби затоа што е едноставна и што и најмало гратче има свој автентичен рецепт, тестенини своја текстура… Омиленото јадење ми е паста- фажол, и од него, верувале или не, сеуште се сум се заситил.
Пред неколку години дена го затворивте ресторанот „Sonne“ во близина на Цирих, Швајцарија , и направивте апсолутно роматичен потег враќајќи се во својата татковина.
– Го послушав своето срце а тоа ме донесе на самиот почеток на мојот пат, во Ловран, каде што учев средно училиште. Спомени и убавини на секој чекор, си велам – или премалку барам, или премногу добивам, не можам да одгатнам.. Повремено патувам , често сум дел од готвачките манифестациии и како жири и како гостин, и навистина уживам во пензионерските денови.
Вања Тодоровска
Фото – Jutarnji.hr