Љуљета Адеми е навистина многу храбра и многу одважна жена. Ги сака предизвиците, па и покрај болеста, што реално можеше да и биде пречка да го совлада највисокиот врв на Балканот – Мусала, го потврди куриозитетот дека е првата жена со попреченост која се искачи на 2925 нмв.
Овој подвиг сведочи за нејзиното животно мото: гледај способност а не попреченост.
Всушност, Љуљета е самата свој мотиватор, вели, се зависи од силината на зборовите, од препознавањето на мотивацијата. Патем, мечтата е посилна од знаењето, соништата се помоќни од факти, а насмевката е единствениот лек за тагата. Вистинска инспирација!
Патем, предизвикот да се искачи највисокиот врв на Балканот дојде спонтано, откако хероината на овој текст реши тоа да биде нејзиниот роденденски подарок.
Вели: кога си долу, во секоја смисла, размислуваш, се преиспитуваш и наоѓаш сила, чекор по чекор да погледнеш кон небото и да го искачиш патот. Оваа „авантура“ траеше13 ипол часа искачување, а потоа најдоминантно беше чувството на благодарност. Емоциите таму на врвот на Мусала беа огромни, особено што во групата имаше и слепо лице. „Тој ги имаше нозете а јас очите, па заедно успеавме да се хармонизираме, и ете ја испишавме историјата“- раскажува Адеми.
Браво Љуљета.
Со својот пример ги мотивираш сите кои имаат предрасуди. Човек навистина може се, само треба да посака да ја види силата во себе. И секако да расчисти со размислувањата за предрасудите.
Да, тие постојат за да се уриваат.
Вања Тодоровска