Специјално од Торино: Вања Тодоровска
Третиот ден во Торино, на манифестацијата Тера Мадре, што преку храната го собра целиот свет, беше презентирана македонската кујна. Под “водство” на шефот Зоран Мајновски а со асистенција на шефовите Маре Јаневска и Орце Трајковски -Чомбе од Пробиштип и младите готвачки сили Даниела Лазаревска и Симона Илковска беа приготвени – тетовско гравче, селско месо со праз и суви пиперки, се проба од традиционалниот ајвар, сирењето од Дебар, киселите пиперки со урда.
Неодоливата миризба и шаренило на чинијата привлече огромна редица на луѓе пред нашиот штанд.
-Поубаво нешто немам вкусено, ни рече една од Јапонија, која се обидуваше да дојде до шефовите и да им побара рецепти.
Раздвижено, распеано и убаво беше пред штандот на нашата земја. И да, денес во царството на „Слоу фуд“ беше вистинска привилегија да си Македонец во Италија.