34.8 C
Skopje
недела, јули 13, 2025
spot_img

Уживајте во денот, земете чоколадо за попат и – грмите!

Денеска се слави. Секој на свој начин – некои жени си дозволија продолжен викенд, некои уште од петокот имаат нови фризури, а некои закажаа ручек со пријателки. Неделното чистење е прескокнато, што звучи инспиративно за денот на жените… Глобално гледано, јавните објекти, кафеани, ресторани и кафулиња се полни со повод – а, женската популација го држи приматот. Дали за вас оваа недела е само викенд, или можност да добиете цвеќе- навистина е ваш избор.


Мене ми годи раздвиженоста затоа што знам дека на некои жени ова им е единствена можност да „се проветрат“ и (зошто да не) – да завртат некое орце. Подобро тоа отколку друштвено „ангажирано“ шпионирање и мрчење по социјалните мрежи.
„Ако сакате нешто да биде кажано, ангажирајте маж, ако сакате нешто да биде направено, ангажирајте жена“ – кажала една од најуспешните политичарки на сите времиња, Маргарет Тачер. Реално гледано, моќта, сосема сигурно, одамна не е сместена во скутот на мажите. А доказ дека ги зедовме големите нешта под свое и од илегала преминавме на конкретна пресметка е поради тоа што алфа-мажјаците исчезнаа. Ги снема, пуф!
Супержени од моето опкружување знаат дека светот во кој живееме е поинаков од пред само педесетина години. Кога Американките во „контејнерот на слободата“ ги фрлале градниците и вештачките трепки, којзнае дали вака ја замислувале еманципацијата? Нашите баби и мајки – сигурно не. Ние – навикнавме.
Освен тоа, нашиот, женскиот мозок има сто делови и исто толку преградички и затоа во исто време зборуваме по телефон, готвиме, гледаме серија и – коригираме веѓи. Сега ќе чуете нешто поразително. Структурата на машкиот мозок, инаку, поделена на делови, се крши од пиењето… Затоа алкохолизираните се јавуваат на телефон откако ќе затворат кафеаните и не престануваат со зборување. Напнатите мажи пијат и вршат инвазија врз туѓа земја. Напнатите жени се како мачиња – јадат чоколадо и вршат инвазија на шопинг-центрите.
Сега, во чест на празникот доаѓаме до поентата „помало е поголемо“. Само жена може да се орасположи купувајќи кармин и засладувајќи се со едно чоколадо. Мислам дека чоколадото е измислено само поради нас – го грицкаме и се засладуваме во оние денови, ама и кога сме осамени. Мљац!
Чоколадото е лек, а ова го пишувам не за да ве утешам туку да ве охрабрам – некоја си група австралиски истражувачи докажале дека ако се јаде темно чоколадо секој ден, во наредните 10 години, срцевите напади и мозочните удари се сведуваат на минимум. Јас, во име на науката и поддржувањето, веќе се навлеков на експериментот. Чоколадото е чудо за се` – за очи е подобро од морков, богато е со оксиданси, ја намалува оксидацијата на клетките исто како и притисокот и – подмладува. Ви велам, еликсир на младоста!


Да резимирам – некои научници веруваат дека потребата од чоколадо има повеќе психичка отколку физичка природа. И со тоа се согласувам. Храната како чоколадо дејствува врз чувството на среќа и сигурност, што не значи дека во тага треба да се изеде цела торта – едно парче е тамам. И така во круг…
Ќе завршам со Душко Радовиќ зашто му ги сакам перцепциите. Вели вака – на жените им е потребен само еден мал знак, навестување, еден миг, невидлив детаљ, ситен повод, а потоа се` прават самите – страдаат, се надеваат, фантазираат и плачат.
Значи, се` во свои раце, чоколадо за попат и среќен 8-ми Март!
ВАЛЕНТИНА ВАЊА ТОДОРОВСКА

Foto- Pexels

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена