Фолк фестивалот „Роса“ годинава место кон крајот на ноември, ќе се одржи на 26 овој месец. Фестивалот се одржува по 19. пат, но радио „Роса“, кое е организатор на фестивалот слави 25 години постоење. Оттаму и идејата годинава за прв пат на овој фестивал да се пее во живо.
-Заради обврските на пејачите, со пред новогодишни активности, решивме фестивалот да го поместиме. На сцена ќе се појави фолк елитата и затоа фестивалот годинава ќе биде во живо. Ќе има и фестивалски оркестар, „Браќа Нуне“, кои ќе ги следат пејачите на сцена. Фестивалот ќе се одржи во Македонската опера и балет со почеток во 20 часот. Македонската телевизија ќе го снима и одложено ќе го емитува, вели Александар Димитров, директор на радио „Роса“.
Годинава, можеби како никогаш досега на фестивалската сцена ќе се појават најдобрите имиња од фолкот. Ќе настапат 19 пејачи и тоа Миле Кузмановски, Јордан Митев, Горан Кукиќ, Марјан Коцев, Душко Ѓеоргиевски, Наум Петрески, Благоја Грујовски, Дамјан Стојановски, Сања Сани, Зуица Лазова, Анета Наковска, Ленче Кукиќ, Сузана Гавазова, Анета Мицевска, Стојне Николова, Сузана Спасовска, Благица Павловска, Кате „Соната“ и Далибор Ѓошиќ.
Фестивалот и годинава е од ревијален карактер и единствените награди кои ќе се доделат се традиционалните награди за животно дело. Годинава добитници е Наум Бурназ, Нино Величковски и Ферус Мустафов.
Билетите се пуштени во продажба и чинат 300 денари. Водител ќе биде Ирена Спировска.