Фестивал на биодиверзитетот, сабота (2 јули): Презентации на храна, вински дегустации и убава дружба во паркот на Франкофонијата

Резервирајте ја оваа сабота (2 јули) за себе и за луѓето што ви се драги: за да си ги освежите сеќавањата поврзани со локалната храна, за да ја наполните душата преку средби со македонските производители на храна и вино, интересни дегустации, презентации, зеленило… Настанот се вика „Фестивал на биодиверзитетот“ а ќе се случува во паркот на Франкофонија, во периодот од 10:00 до 18:00 часот.
Настанот е замислен како неформално дружење, можност цел ден да сте на отворено, во парк, а притоа да дознаете многу работи за нашите автентични овошја и зеленчуци, традиционалните сирења, џемови, месни производи, тартуфи, масла, ракии, пива, вина.., истите да ги пробате и се разбира, да ги препорачате на своите пријатели.

Настанот, по втор пат го организира Слоу Фуд Водно со поддршка на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство а целта е да им се помогне на локалните производители кои ја почитуваат животната средина.
Слоу Фуд знае и верува дека е можно да се нахрани планетата и да се гарантира добра, чиста и правична храна за сите, тоа е нивната мисија.

Фестивал на биодиверзитетот почнува од 10 часот, со изложбен и продажен дел на триесетина локални производители на храна, вино и пиво. Слоу фуд во своите редови ги има најдобрите производители на храна, кои ја бранат агендата поврзана со автентичната храна.

Дневната агенда е следна: од 12 часот е официјалното обраќање на претставник од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а потоа и на Василка Стефановска – претседател на Слоу Фуд Водно. Еден час подоцна е презентација на програмата -Слоу Фуд Училишни градини со Билјана Митреска – координатор во Слоу Фуд Водно.
Во 14 часот следи промоцијата на Слоу Фуд Гостилници и Слоу Фуд Вино, кои во меѓувреме станаа вистински водичи за добра храна и вино во нашата земја. Промотори се новинарката Валентина Вања Тодоровска и Николче Николовски, претседател на Слоу фуд Македонија.

По дегустација на вина од малите семејни винарии, „сцената“ е за Шеф Зоран Мајновски, член на Алијансата на готвачи на Слоу Фуд Македонија, кој ќе подготвува гастрономски специјалитети со намирници од локалните производители.

Не заборавајте – во сабота ќе уживате во локалната гастрономија, ќе слушнете уште многу интересни стории од локалните производители и уште повеќе ќе ја засакате татковината. Ве очекуваме.

Вања Тодоровска

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени

error: Content is protected !!