Што се можете да направите од сливи? Прочитајте

Нутриционистите тврдат дека на врвот на листата на 24 видови овошје, со најсилно антиоксидантско дејство, се наоѓаат токму сливите. Модри, крупни, слатки, сочни… Сливите се единствено овошје кое содржи повеќе антиоксиданти од кое било друго овошје.Свежи или суви сливи наоѓаат голема примена во кујната, во подготовка на интересни рецепти.

Кандирани коцки од сливи
Потребно е: 1,5 кг сливи, 2 чаши шеќер, сок од лимон, 8 листови желатин, шеќер за посипување.
Подготовка: Обложете го тавчето со хартија. Измијте ги сливите и исечете ги на половина, па извадете ги коските. Ставете ги листовите желатин во ладна вода за да омекнат. Сварете ги сливите со шеќер и лимон на силен оган мешајќи 20 минути додека не се згуснат. Изблендирајте и гответе уште десет минути. Додадете им го желатинот на сливите. Истурете ја смесата во тавчето и оставете да отстои во фрижидер неколку часа, па потоа исечете на коцки. Посипете со шеќер и сервирајте.

Торта од сливи
Потребно е: 150 гр путер, 200 гр шеќер, 8 сливи, 3 јајца, 100 гр брашно, 40 гр палента.
Подготовка: Загрејте ја рерната на 180 степени. Ставете 50 гр путер во огноотпорен сад и стопете го. Додадете 100 гр шеќер и една лажица вода, па варете пет минути. Нека зоврие, па варете уште пет минути. Додадете ги сливите и протресете за да се натопат со карамела. Тргнете ги од оганот. Во поголем сад измешајте го остатокот од путерот со шеќер, а потоа додадете ги жолчките од јајцата, една по една. Полека истурете го брашното и палентата. Изматете ги белките и додадете ги во смесата со брашно па прелијте преку сливите и порамнете. Печете околу 40 минути. Кога ќе биде тортата готова превртете ја врз чинија за сервирање и послужете.

Џем од сливи
Потребно е: 5 кг сливи, 1 кг шеќер, 2 лажици цимет, 2 пакетчиња ванилин шеќер.
Подготовка: Измијте ги сливите и отстранете ги нивните коски. Помешајте ги со половина од шеќерот и варете на тивок оган се` додека не омекнат. Повремено промешувајте, а после отприлика четири часа додадете го остатокот на шеќер и варете сe` додека не испари вишокот на течност. Кон крајот на готвењето додадете цимет и ванилин шеќер. Оладете го џемот и сипете во тегли.

Паштета од црн дроб со сливи
Потребно е: 170 гр пилешки црн дроб, 2 лажици маст, 2 кромида, 10 суви сливи, 100 мл црвено вино, една лажичка мајчина душица, пипер, сол.
Подготовка: Исчистете и исечкајте го црниот дроб. Натопете го во вино. Загрејте ја маста во тавче, а потоа додадете го исечканиот кромид, сливи и мајчина душица. Варете додека виното не испари. Изблендирајте ја смесата, со тоа што ќе оставите неколку парчина сливи. Зачинете со сол и црн пипер, па додадете го остатокот сливи и промешајте. Ставете во калап и оставете да се зацврсне во фрижидер.

Ролатчиња од суви сливи и сланина
Потребно е: 24 суви сливи без коски, 24 бадеми, 24 парчиња сланина.
Подготовка: Загрејте ја рерната на 220 степени. Потпечете ги бадемите во тавче додека не пуштат арома и не добијат боја. Потоа оставете малку да се оладат, па ставете по еден бадем во секоја слива. Замотајте ги со сланина и прицвртете со чепкалки. Печете десет минути, а еднаш превртете ги од другата страна.

Тарт со сливи и бадеми
Потребно е: за кората: 375 гр брашно, 15 гр шеќер, 225 гр путер, 1 јајце, 4 лажици ладна вода; за филот: 200 гр путер, 200 г шеќер во прав, 2 јајца, 200 г мелени бадеми, 6 крупни обескостени сливи.
Подготовка: Направете тесто, измешајте го путерот и брашното. Изматете го јајцето со вода, па прелијте преку брашното и путерот. Замесете и замотајте во проѕирна фолија, па оставете да отстои во фрижидер половина час. Подгответе го филот: изматете го путерот и шеќерот, па додадете јајца. Потоа измешајте ги исечканите бадеми и добро измиксирајте. Загрејте ја рерната на 180 степени. Расукајте го оладеното тесто и втиснете го во калап за тарт. Полијте со филот и додадете ги исечканите сливи. Печете 30-40 минути.

Фото-Pixabay

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени