Охридското поп грло Ѓоко Танески е пред два животни предизвика: на 26 овој месец ќе одржи трибјут- концерт за „Пинк Флојд“ а во септември ќе магистрира на Факултетот за туризам. Како човек кој е израснат крај охридското Езеро неминовно е да магистрира на тема – културното наследство и културните манифестации во функција на туризмот. Вели- имам што да кажам и во музиката и во туризмот.
-Бранев теза за магистерски труд а ќе магистрирам во септември. Тезата е културното наследство и културните манифестации во функција на туризмот. Ова теза е за збогатување на туризмот и културата, алтернативни форми на туризам. Тоа се ќе биде содржано во магистерската во септември. Сакам да ги кажам моите ставови и размислувања, како човек кој потекнува од туристички град а дали ќе се занимавам со тоа се уште не знам. Дипломирав на факултет за туризам и сметав дека треба да продолжам со образованието . Секако со пеењето ќе си продолжам. Само сакам да си имам образование, бидејќи сметам дека не е важно тоа што ќе бидеш пејач, бидејќи пеењето повеќе зависи од талентот а образованието е сосема нешто друго.
Додека се грижиш за образованието што се случува на музички план кај тебе?
-На 26 јули во Долни Сарај ќе има трибјут- концерт за „Пинк Флојд“. Тоа значи дека сакаме што повеќе да доловиме и од музичкиот и од сценскиот дел кој го работеа „Пинк Фолјд“. Тоа е голем настан со 11 музичари на сцена, со светлосни ефекти. Јас ќе испеам 16 песни од „Пинк Флојд“. Тоа е голем предизвик за мене а нивната музика поврзува многу генерации. Сакаме да бидеме автентични и мислам дека ќе успееме.
Како сега ја оценуваш состојбата на естрадата? Едно време, кога реши да издадеш албум подигна кредит. Дали можеби тоа е една од причините што гледајќи ја состојбата на естрадата реши повеќе внимание да посветиш на образованието?

-Музиката ми е љубов која никогаш нема да ја оставам настрана. Вистина подигнав кредит и не згрешив. Албумот „Збогум најмила“ помина прекрасно. Е сега тоа е веќе минато, бидејќи сега не морам да подигам кредит за албум, сега сум подготвен. Само чекам да се подобри состојбата на естрадата кај нас, да има повеќе музички емисии на што и апелирам до националните и локални медиуми. Тогаш ќе можеме да бидеме попродуктивни сите не само јас. Помина времето кога подигав кредит за нов албум ама се сега се уште не е време за нов.
Ти организираш концерт со песни од „Пинк Флојд“ а Охрид ти е преполн со пејачи од Балканот.
-Токму заради тоа. Публиката која јас ја очекувам на концертот е со поинаков вкус. Билетот е 250 денари и не се плашам дека нема да биде посетен.
Кога размислуваш за твој солистички концерт со авторски песни?
-Здравје. Се надевам дека овој проект наречен „НУМБ“ ќе го прошириме и низ Европа. Ако остане простор за авторска музика ќе има и концерт ако не ќе се посветиме на проектот. (В.М.)