Јорде Јованов: Нашиот В’К ги ослободува инстиктите
Ракија или „огнена вода“ е збор со евергрин значење: поврзува и во среќа и во тага, таа е ритуал со кој наздравуваме гледајќи се в очи, зависна е од мезе, од лезетско трошење на денот и ноќта, па е незаменлива за „психичко и физичко паркирање“… Приказната за Јорде Јованов и ракијата е како да ја применил девизата на животните тренери: следи ја својата страст.
Станува збор за човек кој цел живот се занимавал и работел со финансии но, кога му се преполнија сите ментални фајлови решил да го прави она што најмногу го сака- да создава ракија.
Како започна вашиот семеен бизнис со ракијата? По професија сте брокер, но „растењето во лозјата“ ве насочи на друга, би рекла, поведра страна на животот што ви стана секојдневна преокупација и работа.
– Да, цел живот работам со финансиски средства а сега решив да продавам задоволство. Во моментов производството, промоцијата и пласманот на В’К ми се приоритет.
Љубовта кон лозјето ја носам од детството. Моето семејство традиционално, со години одгледува лозје и произведува ракија повеќе од 70 години или- од првата половина од четириесттите години на минатиот век, со почетоците на мојот дедо Најдо Јованов. Тука е коренот на приказната.
Мојот татко, иако е родум од Скопје, каде работел и сеуште живее, ја продолжи традицијата на дедо ми. Му помагав на татко ми од најмлада возраст. Грозје, домашно вино, ракија, мастика, ликери, домашни лекови со алкохол кои лечеа сe, и се што е поврзано со лозарството е присутно околу мене цел живот. Порано помагав затоа што морав, а „чивијата ми влезе” кога живеењето во Скопје стана напорно, бегајќи од гужвата и брзиот начин на животот. Си реков да пробам, и малку по малку… ми се случи В’К.
Од дизајн до вкус, се гледа дека оваа „огнена вода“ е работена и осмислувана со многу љубов и предаденост. Како се роди ракијата „В’K“?
– Пред 7-8 години рекреативно почнав да го „печам” знаетот. И покрај искуството, кое го имав помагајќи му на татко ми, читав многу за начинот за одгледување на грозјето, за дестилацијата, за изборот на буриња, се консултирав со енолози…После неколку години, некако природно се наметна потребата да го брендираме производот. Со законот за акцизи кој што стапи на сила од 2020 година, февруари истата година, добивме акциза и така се роди В’K.
За името и дизајнот волкот „лежи” кај жена ми која работи маркетинг повеќе од 20 години. Идејното решение на етикетата беше првично, предлог дизaјн за еден од нејзините клиенти, за друг производ. Паралелно во тој период започна и нашата приказна и тогаш „В’Kот „легна” на вистинското место.
Ракијата е направена од сопствените лозови насади на квалитетното демиркаписко грозје, без додадени вештачки адитиви, ароми, конзерванси и вештачки супститути на шеќер, со зачувана автентичност…Сепак, во што е тајната: во одлежувањето, дестилатот, бурињата…?
– Да, се е важно…а за тајната, ќе ви ја кажам нашата: македонско сонце, благо демиркаписко грозје од нашите лозови насади, традиционално занаетско производство на вински дестилат, добри дабови буриња и време.
По тоа В’K се разликува од другите…ниту правиме коњак, ниту ракија која има вкус на виски, нашата ракија е со автентичен македонски вкус во која се зачувани сите особини и својства на македонското грозје.
Соработката со Слоу фуд е видлива и транспарентна, ве има на сите настани а вашиот штанд е особено популарен и посетен. Девизата „Ослободете ги инстинктите и “завивајте” со В’K“ е старт кој- гарант, обезбедува квалитетна иднина.
– Соработката со Слоу фуд започна истата, 2020 година. Вредностите на нашиот производ се дел од основата на нивната филозофија, базирана на зачувување на биодиверзитетот и традицијата. Како членови на Слоу фуд Водно, дел од мрежата на Слоу фуд Македонија, учествуваме на голем број промоции и настани, се запознавме со голем број на локални производители со кои заедно градиме гастрономска култура во Македонија инспирирана од традицијата, автентичните македонски локални вкусови и знаењето што е од големо значење и поттик за јакнење на нашиот бренд.
Идните планови се зголемување на палетата на производи, поголем пласман и развој на локален туризам во Демир Капија, местото кое не случајно го одбрал и српскиот крал Александар за да ја изгради својата винарија како најплодно место на балканот,идеално за одгледување на винова лоза. Токму богатството на природни ресурси ја даваат спецификата на демиркаписката ракија.
Вања Тодоровска
Коментарите се затворени