Јулија Мациевска, мотивациски тренер: Кога помислив дека е крај, добив шанса за почеток

Ја знаат сите: широката насмевка и оптимизмот ја красаат оваа интересна жена, а песните се тука да го заокружат чувството што на моменти делува магнетски. Јулија Мациевска е новинар, естраден уметник, водител, ама сите што ја следат по социјалните мрежи знаат дека е и мотивациски тренер, „лајф коуч“, кој воспоставува невидливи а сепак силни врски со луѓето на кои им помага.
Откаде Јулија во тој духовен свет, зошто и како им помага на луѓето и кои се нејзините „алатки“, се само дел од прашањата чии одговори се во текстот што пред вас.

Веќе неколку години духовно „освестуваш“ луѓе, им олеснуваш и покажуваш како да се засакаат себе си, како да излезат од разни премрежија, што како професија може да се сведе под графата – животен тренер. Како започна тој дел од твојата приказна, како стана „креатор“ на својот живот, или- што беше иницијатор да – нурнеш во себе?
– Подолг период работам со луѓе, околу нивниот личен раст и развој и им помагам да се пронајдат себе си, да се исцелат и да станат свесни креатори на сопствениот живот. Тоа почна постепено, од пред 7 години, но тогаш сеуште не можев да поверувам дека тоа ќе ми стане животна мисија. Секако, имав силна желба и потреба да им помагам на другите, по сите мои животни искуства, зашто знаев колку е тешко кога човек ќе падне, ќе остане сам, ќе биде во немоќ и кога нема вистински совет, вистински пријател…кога ќе му се наруши здравјето, кога нема пари ни за леб а камоли за лек. Но, во последните години, навистина холистичкиот коучинг го работам професионално, и низ моите едукации и енергетски третмани поминаа голем број на клиенти, кои сведочат за потполна трансформација на нивните животи. Во тој процес на трансформација луѓето стануваат свесни за сопствените вредности, добиваат самодоверба, се исцелуваат и стануваат свесни креатори на сопствениот живот. Едноставно, се будат, сфаќаат дека животот може да има и друга димензија, ако се погледне од друга перспектива, сфаќаат дека секоја промена тргнува од нас самите…

Свесно, а најчесто несвесно, по инерција, си го креираме животот. А големите промени се случуваат откако ќе излеземе од „сигурната“ зона, велат, тогаш почнува- вистинскиот живот.
– Сите ние сме креатори на сопствениот живот. Секој миг, секоја секунда, со секоја мисла постојано креираме, само што тоа го правиме несвесно а кога креираме несвесно, не секогаш можеме да се пофалиме со добри креации. Во еден период од животот јас сосема спонтано станав несвесен креатор… Мојот голем емотивен пад се случи кога мојата мајка ја напушти оваа димензија. Тоа беше болка која буквално ме скрши, зашто го загубив мојот најдобар пријател, мојата подршка и потпора. Дел од мене се откина, се се случи толку брзо, што во мене имаше милион неодговорени прашања и еден куп несовладливи емоции на тага, болка, бес, лутина, самокритика…немоќ, која се зголемуваше од ден на ден и поради тоа мојата здравствена состојба многу се влоши. Бев преполна со стравови и постојано го молев Бога да не гледам болни ситуации и се што е лошо нека ми се случи мене, само другите сакани да ми бидат добри и на број. Велат, внимавајте што зборувате, оти може да ви се случи…И се случи, еден ден во таа длабока истоштеност и немоќ, едноставно се предадов…мојата душа се одвои од телото и го започна своето патување кон светлината…таму каде што е се Безусловна и чиста љубов…и кога ќе ја почувствувате таа љубов, ретко кој посакал да се врати. Но за тоа поопширно ќе читате во мојата книга, за која верувам дека на есен ќе биде во печат.

Претпоставувам, тоа патување, враќање, смени се во твојот живот?
– Кога мојата душа се врати повторно во телото започна нова, сосема нова страница од животот . Сватив дека ние сме многу повеке од ова тело, сватив дека одеднаш сум сосема здрава…јас која не можев од кревет да станам…Тој ме исцели…Боже, што се случува, бев збунета, како да се разбудив од длабок сон…одам на Вардар да трчам и трчам…и само благодарност, некоја Божествена радост ме облева, имам сила, сакам да ги прегрнам сите, неверојатен наплив на енергија…сеприсутност, свесност…се ми е јасно, тука сум а како да не сум…Одеднаш многу предизвици, но сега ЗНАМ и МОЖАМ да се справам со нив, сега имам задача…Повторно прашања…и решив да добијам одговори на сите прашања…ќе истражувам, ќе читам, ќе учам, се од почеток ако треба. Морам да спознаам, да дознаам се за Бог. И почнав да ја читам Библијата, почнав да читам се, до кај се спомнува името Божје…и така започна еден пат на моја едукација, пат во кој се исчитаа многу книги од духовниот раст и развој, поминав многу работилници, семинари, енергетски техники…Па како резултат на тоа се случи и мојата ТВ емисија „Будење со Јулија“ на ТВ Сонце. Сакав се она што го научив, се она што ми помогна мене да се пронајдам себе си, да им го пренесам на луѓето. Ако можев јас, можат и тие, може секој. Само под еден услов, да превземат одговорност за својот живот и да почнат да се менуваат себе си, со моќта на љубовта. И не велам дека ќе се случи преку ноќ, но ке се случи, нешто што ќе ни го промени животот. Е како??? Тоа е работата на еден холистички коуч, да ве усмери, да ви даде вистинско водство, да ви постави задачи и да направите трансформација која ќе ви го промени животот.

Можно ли да се определи време- колку е долг процесот на заздравувањето, психичко и физичко, како да го контролираме умот на кој му е полесно да се држи до „усвоените принципи“- страв и исплашеност, наместо љубов и благодарност? Или и тоа станува начин на животот?
– Времето на себеисцелувањето трае цел живот. Но, важно е да освестиме дека се исцелуваме дел по дел. Ако првично го исцелиме она што во моментот ни е важно, тоа буквално може да се случи и преку ноќ, истиот момент штом со својот терапевт сте допреле до сржта, но може и да потрае. Кај секој човек тоа е индивидуално. Но кога работите со вистинскиот коуч и енергетичар, вие веднаш ќе ги почувствувате бенефитите, многу работи ќе ви станат јасни и од тука почнува процесот на себеспознание и себеисцелување. Ќе сфатите како работи умот и зошто со години сте заглавени во својот Ум, од каде потекнуваат стравовите и зошто стравот е илузија на Умот. Ќе сватите дека Умот е корисен, но доколку со помош на Умот не се споите со срцето, ќе станете заробеник на егото и животот ќе ви станува се потежок, зашто само преку љубовта ние можеме да се спознаеме себе си како Божествени битија или како се вели и во библијата, да бидеме налик на Бога, зашто тоа ни е дадено како дар Божји, уште со самото доаѓање на овој свет.

Често се врзуваме за предмети или луѓе што можат „да не направат“ среќни. Дали тоа зборува за нашата мрзливост или за несакањето на себе си? Треба ли да се „исфрлат“ минатото и иднината, односно да се живее во сегашниот момент, оти тоа е единствениот реален момент во кој дишеме и постоиме? И, со што најбргу може да се крене енергијата?
– Треба да знаеме дека мислата е енергија и затоа е многу важно какви мисли имаме. Ако константно имаме лоши мисли, тогаш, како можеме да имаме добра енергија? Значи прво нешто што ќе ја подигне нашата енергија се нашите мисли. Потоа постојат еден куп алатки, за да се доведеме себе си на повисоко енергетско ниво, а тоа првенствено подразбира континуирана работа на себе си, на своите мисли, на своите уверенија и своите емоции. Бидејки ние сме тродимензионални битија, што значи Ум, Душа и Тело, мора да работиме паралелно на сите 3 полиња, за да дојдеме во потполн баланс со себе си. На телото исто така мора да му обрнеме големо внимание, бидејки тоа е храм на нашата душа и кога душата не се чувствува добро, секој симптом се манифестира на телото.Тоа значи мора будно да го слушаме своето тело.
Телото мора да биде витално и здраво без оглед на годините,зашто по Божјата вистина ние сме здрави и не постои болест која е неизлечива. Затоа физичките вежби во зависност на кој што му годи, треба да бидат задолжителни.
Важна алатка за телото, духот и умот, е дишењето. Луѓето не знаат да дишат, по дишењето ќе познаете кој како живее, во хаос или во мир, во страв или љубов. Дишењето е енергија, потоа, и водата е енергија, а има уште многу алатки, вежби за да дојдеме до баланс со себе си и во добра енергетска состојба. Тука се медитацијата, визуелизацијата, молитвата, разноразните вежби од областа на духовниот раст и развој и нешто што треба да ни биде секојдневна пракса- благодарноста.

Луѓето се неблагодарни, затоа се незадоволни. Кога би биле свесни за што се треба да бидат благодарни, веднаш коефициентот на среќа би пораснал и се би било поинаку. Значи, кога благодарноста ни ги отвора портите, за уште поголема благодарност, што значи многу поубав живот во секој сегмент. Но, сето тоа мора да доаѓа од срцето, инаку се што е механички, нема да даде плод.

Умот е покорен слуга, но незгоден „газда“ и треба да се насочува бидејќи во себе крие огромен потенцијал да манифестира се што ќе се посака. Би било интересно да знаеме како работиш ти, кои се твоите методи?
– Низ моето повеќегодишно искуство на работа со клиенти направив своја програма, свој пристап, со кои ефикасно и доста брзо се доаѓа до посакуваната цел. Во индивидуалните третмани има теоретски дел, практични вежби, разноразни алатки, кои веќе ги спомнав, како и уште еден, можеби и најважниот дел а тоа се енергетские третмани на Чиста Безусловна Божествена Исцелителна Љубов. Сето тоа се работи паралелно а кога клиентот ќе дојде во допир со енергијата на Безусловната љубов, се случуваат големи и длабински трансформации, се случува исцеление во различни сегменти од животот. Енергетските третмани дејствуваат и на далечина, имаат потполно ист ефект како да сме заедно. Енергијата е чудо, ја добив како благослов од Бога во моментот кога јас бев исцелена и кога сега ја дарувам на сите на кои им е потребна, јас пред се сум бескрајно благодарна до Небо и понизна до Земја, што сум Божји канал на Чиста Божествена Љубов.

Нашата средина е доста затворена, понекогаш недоверлива.., како луѓето реагираа на тебе, во контекстот на духовното?
– На мојот фејс профил, често имам објави за групни исцелителни енергетски третмани, каде се пријавуваат по 200-300 луѓе од сите страни на светот и кои моментално доживуваат неверојатни сензации и исцеленија. Кај нас во Македонија, на почетокот на луѓето не им беше јасно што работам, зашто ме доживуваа како лице од малиот екран и тоа некако им беше неспоиво. Кај некои луѓе забележлив беше и отпор, потсмевање, но сега полека работите си дојдоа на своето место. Луѓето сами гледаат и читаат што јавно ми пишуваат сите оние кои учествуваат во третманите и колкава благодарност имаат, зашто сум помогнала да се променат и исцелат стотици животи.
Порано имав повеќе учесници во третманите од странство, од други земји, нашите луѓе како да се срамеа. Но, како расте свесноста, како луѓето се информираат, читаат што пишуваат другите, така бројот на домашните клиенти растеше и навистина сум пресреќна. Толку задоволни, радосни, благодарни се луѓето после секој третман. Сфаќаат дека добиваат нешто од непроценлива вредност, ја чувствуваат промената, им се враќа вербата во животот, во Бога, се соединуваат со Божественото во себе и стануваат свесни креатори на сопствениот живот. А тоа е целта на секој од нас, зарем не? И, затоа, ќе го завршам ова интервју со зборовите кои се први и основни во моето секојдневие- ТИ БЛАГОДАРАМ БОЖЕ МОЈ!
Валентина Вања Тодоровска

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени