Сместена во срцето на Скопје, шармантната и вкусната „Љубовна куќичка“ постои од август годинава, и сиот овој период нуди топлина и насмевка во прекрасниот амбиент, и како што кажува нејзиното име- тука има храна подготвена и „скоцкана“ со многу љубов.
– По долго размислување со сопругата одлучивме да ја отвориме „Љубовна куќичка“ а името е поради пораката дека подготвуваме храна со многу љубов- ни раскажа сопственикот Игор Цветанов.
Игор вели дека храната кај нив не ја делат на здрава или „не толку“ здрава, бидејќи сметаат дека нема правила за да се одреди начинот на нечија исхрана.
– На менито имаме и тостови и ладни сендвичи, протеински врапови, но и чија пудинзи, граноли…, оброци што се препорачуваат за конзумирање наутро. Нашата идеја е да ги натераме луѓето барем три до четири дена во неделата да имаат здрави оброци. Останатото е нивен избор, вели Игор.
-Засега оди одлично, има интерес кај нашите муштерии, но сметам дека треба малку повеќе едукација кај помладите, па затоа во иднина ќе се ангажираме и на тоа поле. Ова доаѓа во зависност од тоа на која генерација и припаѓаат-така и се хранат луѓето. На пример, не знам зошто во училиштата не се носи барем еднаш или два пати неделно- здрав оброк. И јас имам дете кое се храни на тој начин и сметам дека од најмали нозе треба да се едуцираат да се хранат без шеќери, без некои други, не толку корисни додатоци во исхраната.
Од мои сознанија секаде во светот државата води грижа за здрава исхрана и едукација на помладите. Се разбира, сите ние сме поминале низ период кога конзумираме т.н. „џанк фуд“, но потоа сфаќаме дека треба да се храниме поздраво и тука сакам да потенцирам дека секој треба да го слуша сопственото тело и неговите потреби. И кога на младите би им го објасниле и би им го доближиле ова, мислам дека ќе има ефект. Подобро е да изедат еден чија пудинг или еден протеински врап, каде нема толку тестенини, отколку огромен сендвич кој ќе направи проблем, ќе те замори повеќе и те тера на спиење… Кај нас сеуште важи правилото, дај да се најадам, стави се внатре, и од сите сосови…, а откако ќе се конзумира тој оброк, повеќе не сме функционални да го довршиме работниот ден.
Патем, крцкав врап е нашиот фаворит, направен во крцкава тортиља полнета со бело пилешко, корнфлекс, многу салата и кари прелив по наш рецепт.
Оваа двојка во угостителството влегла со голем ентузијазам и ова е нивната прва „Љубовна куќичка“, но наскоро отвораат и втора.
-Одлучивме дека интересот на луѓето треба да го почитуваме и се прошируваме. Скопје е голем град и сакаме да отвориме уште еден ресторан во Аеродром и таму во моментов се подготвува нашата нова „Љубовна куќичка“. Очекуваме дека почетокот на декември ќе биде отворен, вели Игор.
Вложуваат не само во насмевки, вкусна храна, прекрасна декорација, туку и во машини со кои ги подготвуваат оброците.
-Инвестираме во добар квалитет на машините со кои ја подготвуваме храната. Кај нас цедениот сок е со пулпа, внимаваме на квалитетот. Правиме наш путер од лешник, од бадем, од кикирики… Набавивме машина со која сами го правиме путерот без никакви додатоци. Буквално, како што се става јатката, така го вади путерот и никаков додаток на масло, ниту било што друго. Од сопствените производи би го издвоил и путерот од кикирики-кранч. Тоа е наш производ, но во него се става малку маслиново масло и им укажуваме на купувачите дека кранчот кој најчесто го бараат во чијата, е со маслиново масло.
Вработените се прекрасни, насмеани…просторот е многу пријатен. Дел од гостите уживаат во амбиентот на „Љубовна куќичка“, а дел нарачуваат за носење, како што тоа се практикува во целиот свет.
-Имаме некоја приказна од разновидни јадења, и специфична храна…
Се подготвуваме сами, освен лепињите, кои во новиот ресторан планираме да ги правиме сами. Многу внимание посветуваме на декорацијата на храната, енергијата при подготовката, а вработените се млади, енергични, пријатни, насмеани…, ни раскажа Игор.
Намирниците се квалитетни, имаат сопствен начин на работа, задоволни муштерии…
-Секогаш ги одбирам најквалитетните произвори, Има три класи чија, ја набавувам најквалитетната, од повеќето видови кикирики, секогаш набавувам сникерс, сакам квалитетот постојано да биде на исто ниво, бидејќи размислуваме на подолг рок, а не само краткотрајно, заврши Игор.