Адријана Алачки го пишува вториот готвач и вели: Изолацијата е вистинскиот пат до себеси
Несомнено е дека сите се наоѓаме во истата кошница, буквално сиот свет е во тунелот на неизвесноста и стравувањата. Но, постои нешто што се нарекува „надеж“ а таа ќе не одведе сите на вистинскиот пат.
Отсекогаш сум сметала дека „кукањето“ во невољата не е вистинското решение. Прегрнувајќи ја невољата со двете раце, веќе го правите првиот чекор во решавање на истата, што значи дека длабоко и искрено ја прифативте.
Тоа беше мојот прв чекор во новонастанатата состојба, дека што се мора, не е тешко. Со син ми Баже сме дома, досега 26 дена во изолација, следејќи ги сите мерки на нашите здравствени власти, како послушни и совесни граѓани.
Прво што направив беше средбата со „мене“ искрено и силно. Тоа е најтешкото соочување, затоа што сакаме многу пати и од самите себе да ги сокриеме вистините, ставајќи ги под тепихот.
Во изминативе години навистина имав премногу напорни патувања, долги отсуства, но конструктивни кои ми донесоа многу животни искуства. Време е сега да ги применам и да си докажам единствено себеси дека ги научив животните лекции. Честопати велев „ах, да имав време“- но еве, дојде тоа време.
Секогаш треба водата да ја навртите на вашата воденица – се да претворите во ваша корист и времето да работи за вас. Кога го кажувам ова, не мислам на материјалната корист, туку постојат многу видови на интерес, нешто да направите, за што ќе бидете горди на себеси подоцна.
Во моментот го пишувам мојот втор готвач „Вкусот на традицијата“ кој ќе содржи 188 рецепти на повеќе од 500 страници, сите со превод на англиски јазик. Пишувањето на рецептите бара многу внимание, начинот на кој ги пишувате, да бидат доволно јасни за младите почетници и домаќинки кога ќе влезат во кујната. Еве една мала тајна како го постигнав тоа да бидат толку разбирливи (тоа беше мојата најголема цел): првин го визуелизирав моментот кога застануаш во кујната, ги имаш сите состојки и треба да почнеш.
Јас во мојот ум го креирам филмот, како почнувам, каде може да биде неизвесно доколку немаш искуство.., и на тие мигови потенцирам…Тоа ми е огромно искуство од пишувањето на првиот готвач. Потоа ги испраќам на лекторирање и на превод. Во останатите страници ќе има многу совети, историја за македонската кујна, по региони, градови, обичаи итн.
Секојдневно времето го поминувам во кујната, готвејќи ги омилените специјалитети на син ми Баже. Воедно и испробувам многу традиционални, со кои се сретнувам по прв пат, читајќи ги старите тетратки што ги имам од моите пријателки, верни гледачки на „Вкусот на традицијата“. Тие се право богатство…им благодарам за старите пожолтени лисја што мене многу ми значат.
Баже знае да ми ја разгали душата со звуците од неговата гитара и да ме однесе на некое далечно патување, преку музиката. Велат дека е најскапоцено патувањето кон својот душевен мир…
Наместо фитнес го користам „џогерот“ и тука е двојната корист.
Порано затоа што немавме време моравме да ангажираме сервиси за чистење, е сега е време самите да си го средиме домот и да знаеме „што е каде“, многу нормална работа.
Навечер ми се допаѓа да изгледам некој добар филм со романтична содржина..,и повторно се враќам на содржините на мојата книга. Инаку, најубав одмор ми е кога ќе ја видам Јана на видео повик и тоа ми дава уште поголем енергија и стимул сето ова да заврши што побрзо и повторо си ги видиме најмилите.
Патувајте во својот сопствен мир, до таму не се издаваат билети, затоа што нема пари кои можат да го купат тој билет…
Верувајте, се ќе помине, па и ова!
Коментарите се затворени