Во својот традиоционален македонски готвач Адријана Алачки со посебно внимание им се посветува и ги опишува посните јадења, со кои навистина ќе се засладите за време на Велигденскиот пост.
ПОСЕН КРОМИДАРНИК
Потребни состојки:1,5 кг кромид, 1 филџан за кафе-ориз, 200 г доматно пире (доматен сок), 2 моркова (сечкани на коцки),1 супена лажица црвен пипер, 1,5 дл масло за јадење, 2 супени лажици мешан сув зеленчук, 5 дл вода, мелен црн пипер, сол по вкус и магдонос.
Начин на приготвување:
Во тенџере на загреано масло се пржи ситно исечканиот кромид, додека не омекне. Кога ќе омекне кромидот, се додаваат морковот и оризот и си заедно се пропржува уште 10-тина минути. Потоа се додава црвениот пипер, мешаниот сув зеленчук, сол по желба и мелениот црн пипер. Си се промешува и се истураат состојките во тава за печење. Се налева со 5 дл вода (може и повеќе, во зависност од видот на оризот), и му се додава доматното пире (доматен сок) и магдоносот. Пофторно промешуваме и го ставаме кромодарникот да се пече во загреана рерна на 250єС. Кога ќе почне да врие, температурата на рерната се намалува на 180єС, и се пече околу еден час.
Кромидарникот е готов кога оризот ќе се свари и ќе набабри, а течноста од
Тавата кромодарник ја послужуваме на трпезата додека е топла. Во прилог со неа можете да одберете едно макало, пинџур или салата(зимница) од изборот што ви го нуди овој готвач.

ТАВЧЕ РИБА СО МАГДОНОС
Потребни состојки: 4 парчиња риба (по личен избор), 4 китки магдонос, 1 главица лук, 2 дл бело вино, 1 дл вода, 1 дл масло за јадење, 1 супена лажица мешан сув зеленчук и сол по вкус.
Начин на приготвување:
Рибите се чистат, се мијат, се посолуваат и во тава на врело масло се пропржуваат од двете страни. Убаво измиениот и исчистен магдонос ситно се сечка, и се става во длабок сад заедно со претходно ситно исечканиот лук. Се полева со вино, масло и вода, а потоа добро се меша си заедно. Се посолува по вкус и се зачинува со мешан сув зеленчук. Во земјена тава рамномерно се распоредува смесата и одозгора се редат парчињата риба.
Во почетокот на печењето тавата се покрива со капак, за да не изгори магдоносот, и така се пече 1 час во загреана рерна на 200 степени. Потоа се исклучува рерната, ја отриваме тавата и ја враќаме во рерната да се допече уште 10-тина минути, за да зарумени рибата.
Тавчето риба со магдонос се сервира топло, со сос од лук или свежа салата.
ПОСНА КОМПИР МАНЏА
Потребни состојки: 1,5 кг компири, 2 главици кромид (ситно сечкани), 2-3 моркови( сечкани), 1 свежа зелена пиперка( ситно сечкана), 2 чешниња лук, 1,5 дл масло за јадење, 1 супена лажица мешан сув зеленчук, 1 супена лажица црвен пипер, 2 црвени домата ( 2 дл салца во зимскиот период), мелен црн пипер, магдонос по желба, сол и вода.
Начин на приготвување:
Во длабоко тенџере, на загреано масло се пржат кромидот, морковите и пиперката се додека не омекнат. Компирите се лупат, се мијат и се сечат на поголеми коцки. Се додаваат во тенџерето со испржените состојки, се промешуваат и се продолжува со пржење уште 10-тина минути. Потоа се налева врела вода за да го покрие зеленчукот и се остава да проврие на силен оган. Кога ќе почне да врие, се намалува температурата на оганот и се остава манџата да крчка се додека компирите не омекнат. Кога ке се разварат компирите, манџата ќе се згусне.
Во тавче на загреано масло се пржи црвениот пипер, лукчето и мешаниот сув зеленчук. Запршката се истура во манџата додека крчка. Се промешува, се соли по вкус, се посолува со мелениот црн пипер и се додаваат доматите(салцата). Се поклопува тенџерето, се исклучува оганот и се остава уште 15-тина минути за да довријат запршката и доматите во манџата. На крајот се насолува со малку магдонос по вкус. Се сервира топла со сите видови на салати или салати од зимница.
МАКАЛО ОД ГРАВ СО СУВИ ВЕЗЕНИ ПИПЕРКИ
Потребни состојки: 300 г грав, 10 суви везени пиперки, 2 чешниња лук
сол по вкус, 1 кафен филџан масло за јадење.
Начин на приготвување:
Во сад на оган се става да се вари претходно измиениот грав со малку масло. Се вари подолго време на тивок оган со повремено додавање вода. Гравот е сварен кога ќе омекнат зрната, но треба да се внимава зрната да не се распаднат. Кога ќе биде сварен, гравот се процедува, а водата не се фрла.
Во посебен сад се варат сувите везени пиперки. Варените пиперки се ладат и се чистат од лушпата и од семето.
Во каленица (дрвен или земјен сад) се толчи лукот со сол, се додаваат претходно исчистените пиперки и се продолжува со толчење. На крајот се додаваат зрната грав и само малку се гмечат со толчникот, а притоа се внимава да останат и некои цели зрна. Ако смесата е многу густа, во неа се додава малку од водата од гравот.
Во тавче се загрева маслото и кога ќе почне да врие се прелева врз макалото, притоа да се слушне звук на чрчорење, и си заедно убаво се промешува. Макалото се служи со домашен леб.
КАШКАН КОМПИР (ОД МАЛЕШЕВИЈАТА)
Потребни состојки:
1 кг варени компири, 10 пиперки (зелени или везени), 1 чешне лук, 1 главица кромид (може и 2 главици),1,5 дл масло за јадење и сол по вкус.
Начин на приготвување:
Во каленица со малку сол се толчи лукот. Додека се варат компирите, восад на загреано масло за јадење се пржат претходно исечканиот кромид и исечканите пиперки. Откако ќе омекнат и ќе заруменат, им се додаваат претходно сварените исечкани компири и си заедно се меша и се посолува по вкус. Во друг сад на оган се става маслото за јадење да проврие, па се додава истолчениот лук и се остава 10-тина секунди да се пропржи во врелото масло. Ова се истура врз компирите, повторно си заедно се пропржува и се трга од оган.
Може да се служи топло како прилог на главното јадење, а може и ладно како макало.
Овој кашкан компир е одличен избор во деновите на верски празнични пости.

АЛВА
Потребни состојки: 1 филџан за кафе-масло за јадење, 2 филџанa за кафе-гриз, 3 филџани за кафе-шеќер, 4 филџани за кафе-вода, 200 г сецкани ореви и 2 пакетчиња ванилин шеќер.
Начин на приготвување:
Во тава со загреано масло (1-2 супени лажици) ги пржиме гризот и оревите, со постојано мешање. Треба да се внимава да не е силен огнот, затоа што гризот многу брзо може да изгори. Кога ќе добие светло кафеава боја го додаваме маслото за јадење и повторно постојано мешаме. За приготвувањето на алавата треба да имаме соодветна мешалка од дрво – што поширока. Потоа го додаваме шеќерот, пржиме уште 5 минути и на крај ја додаваме водата. Веднаш ќе се добие густа, леплива смеса, која треба интензивно да се меша, уште 5 мин. На крај го додаваме ванилиниот шеќер и веднаш ја тргаме од оган. Претходно го подготвуваме садот во кој ќе ја ставиме алвата (може да бидат и модли), го премачкуваме за да не се залепи алвата по ѕидовите на садот.
Кога ќе се олади, алвата се сече на коцки (или се вади од модлите) и се сервира во сад, во кој предходно редиме сецкани ореви за декорација.
ПОСЕН КОЛАЧ СО ЈАБОЛКА
Потребни состојки: 2,5 кг jаболка, 200 г гриз, 200 г шеќер, 200 г брашно
1 дл масло за јадење, 1 пакетче прашок за печење,1 пакетче ванилин шеќер и 3 пакетчиња цимет.
Начин на приготвување:
Јаболките се мијат и се рендаат на крупната страна на рендето, со се лушпа. Се ставаат во плиток сад и во нив се додава циметот и се меша со лажица, се заедно. Зајрето се дели на три еднакви дела.
Брашното, шеќерот, гризот, прашокот за печивото и ванилиниот шеќер се мешаат заедно во длабок сад. Добиената смеса се дели на три дела.
Правоаголна или коцкаста тава за печење се намрсува со масло за јадење, па се посипува со 1/3 од смесата на брашно, шеќер, гриз, пециво и ванила.
Врз него се става 1/3 од ренданите јаболка со цимет. Врз јаболката се посолува вториот дел од 1/3 од смесата со брашно, гриз, пециво и ванила.
Постапката се повторува наизменично, така што најодозгора се става последниот дел од јаболката. Преку така наредениот колач го прелеваме маслото и со дланките лефтерно притискаме по целата површина на колачот, како да тапкаме да ги натиснеме редовите. Се става да се пече во загреана рерна на 250°, 20-ина минути. Потоа се намалува температурата на рерната на 150° и се пече уште 30-ина минути. Печениот колач го вадиме од рерна, го оставаме да се излади. Го сечеме на коцки и го сервираме во чинија . Овој колач е посен и лесен за приготвување.
ШТРУДЛА СО ЈАБОЛКИ
Потребни состојки: 2 кг јаболки, 100 г суво грозје ,250 г сецкани ореви
200 г шеќер , 100 г шеќер во прав, 10 мелени бисквити, 1 кафено лажиче каранфилче, 2 пакетчиња ванилин шеќер, 1 рендана кора од лимон, 15 готови кори, 2 пакетчиња цимет и масло за јадење по потреба
Начин на приготвување:
Јаболките се мијат, лупат и се рендаат на ренде. Ги ставаме во длабок сад. Исчистените ореви се сецкаат и се ставаат во садот со јаболките. Се додава шеќерот и се се промешува. Во смесата се додаваат мелените бисквити, сувото грозје циметот, каранфилчето, ванилиниот шеќер и кората од лимон. Со лажица се промешува и го оставаме филот да отстои 15 минути, за бисквитите да го впијат сокот од ренданите јаболки. Оваа количина на фил е доволна за 5 ролати. Секој ролат содржи 3 кори и една петина од филот. На работната маса распостиламе една кора и ја попрскуваме со масло. Врз неа ја редиме втора кора и ја попрскуваме со масло. Врз втората кора ја редиме и третата и ја попрскуваме со масло. На долната хоризонтална линија, од левиот до десниот прав агол го нанесуваме рамномерно филот, предвиден за 1 ролат. Веднаш почнуваме со виткање, од доле кон горе, до крајот на корите. Вака добиениот ролат го ставаме во претходно намастен плех. Ако краевите на ролатот се подолги од плехот, со остар нож ги засекуваме и го адаптираме соодветно на должината на плехот. Постапката се повторува со останатите кори и фил. Така наредени и израмнети во плехот, ги попрскуваме со масло и ги сечеме на еднакви парчиња. Штрудлата со јаболки ја печеме во загреана рерна на температура од 250єС. Кога ќе заруменат и ќе разлистаат корите, веднаш ја намалуваме температурата на 170єС и ја печеме околу 1 час. Штрудлата е готова кога горните кори ќе разлистаат а филот ќе стане цврст и ќе се наѕира помеѓу две парчиња. Вака испечена ја вадиме од рерна, и не ја покриваме. Ја оставаме да се излади. На изладената штрудла и ги засекуваме повторно парчињата со нож, и со цедалка за чај, богато ја посипуваме со шеќер во прав.
ГУРАБИИ
Потребни состојки: 1 шолја пиво , 2 шолји зејтин , 1 шолја шеќер, 1 пакетче прашок за печиво, ореви во јатки и брашно.
Шербет: 1,5 шолја вода, 5 супени лажици шеќер, 1 пакетче ванилин шеќер
и рендана кора од 1 лимон.
Начин на подготовка:
Во длабок сад за месење ги ставаме пивото, зејтинот, брашното и прашокот за печивото. Ги замесуваме состојките со рака и од нив формираме тесто, како за леб. Од измесеното тесто, со рака се кинат подеднакви топчиња. Секое топче го положуваме на работната маса и го притискаме со дланката, за да добиеме долгнавест облик (околу 10 цм). Во растегнатото топче се става јатка од орев. Го виткаме по должина, како што се виткаат кифлите. Гурабиите се редат во намастен плех и се печат во загреана рерна на 200єС, 10-тина минути, а потоа се намалува темпаратурата на 150єС. Гурабиите се готови кога ќе поруменат и лесно ќе се двојат од плехот во кој се печат. Вака испечени ги вадиме од рерна и ги оставаме да се изладат.
Во длабок сад ги вариме водата и шеќерот. Кога ќе почне шербетот да врие, го додаваме ванилиниот шеќер и ренданата кора од лимон. По 2-3 минути варење, го тргаме садот од оган. Изладените гурабии ги потопуваме во шербетот,една по една. По 10-тина секунди ги вадиме и веднаш ги валкаме во шеќер. Се редат во чинија, една до друга за да се изладат побрзо и да се препознаваат кристалите од шеќерот.
Овие гурабии се посни и на ваков начин се приготвуваат во Радовиш и околијата.
7дена.мк

