Неколку дена по завршувањето на Тера Мадре Салон дел Густо во Торино- Италија, откако се слегнаа емоциите а впечатоците почнаа да се складираат, прашав за впечатоците. Неколку члена на Слоу фуд Македонија веднаш одговорија, се распостлаа со емоции, прозбореа за преставувањето на Македонија, за личните импресии и уште многу интересни работи.
Наташа Неданоска од „Пирустија Неданоски“
За мене Terra Madre Torino 2022 беше предизвик да се доживее. На прашањето како си поминав Италија, јас велам дека не бев Италија, туку на Terra Madre, настан кој само се случува во Италија.
Се израдував на сето шаренило од народ и храна, од зачини и пијалоци, од насмеани лица на посетители и домаќини.
Овој настан ми всади поголема одговорност да н’е доживее светот како одлична кулинарска дестинација. Во тоа успеавме, создавајќи чуда од мириси, бои и вкусови со нашите производи. Terra Madre е поука за светот која настојува себеси да се излекува со зачувување на својата автохтоност.
Најголемата придобивка од целиот настан е потврдата дека ние мораме многу високо да котираме во квалитет на производи и кулинарски вештини.
Шеф Димитар Арнаудоски
Прекрасно искуство, запознавање првин меѓу нас, кои ја претставуваме Македонија, супер соработка на самиот штанд, со секое искуство плус ги гледавме недостатоците во организацијата, и ги надминуваме во следната прилика (секогаш може подобро, учиме од грешките).
Од голема корист ни е тоа што видовме што се имаат да понудат другите држави, народи, култури и во гастрономијата и во туризмот, а сето тоа е поврзано како ланец и со сите сектори во државите….
Навистина бевме најпосетуван штанд на целиот настан, но да бидам искрен имаше што да се види и вкуси на сите останати презентации по другите штандови.
Генерално, од нашата страна Македонија беше претставена во најдобро светло, според можностите кои ни беа пружени….
Многумина ќе ги оспоруваат специјалитетите кои ги подготвувавме, дека не се македонски, дека не се е македонско традиционално…. Еве го објаснувањето: ние ги презентираме македонските производи и намирници типични за нас, од кои можат да се приготват и извонредни специјалитети од интернатионалните кујни.
Шеф Пеце Клечкароски
Тавче гравче, јагнешка чорба, ширден, џигер со праз и суви пиперки, бакардан, раванија со маџун…, ова е само мал дел од јадењата кои ги готвевме на големиот слоу фуд фестивал наречен Тера Мадре во Торино.
Беше голема чест кујната да ја делам со шефовите Зоран Мајновски и Димитар Арнаудоски.
Мислам дека пристојно ги претставивме македонската кујна и гастрономската традиција пред целиот свет таму. Огромни редици се чекаа пред нашиот павилјон на овој фестивал. Можеби 40 кг брашно ги претворив во леб, се замесено на рака без било какви миксери. За лебот ја користевме маја од Филип Чаловски, сакам да искажам благодарност до овој брилијантен готвач, за сите консултации што ги имаме со години…Тера Мадре беше големо искуство и фантастичен провод па затоа и голема благодарност до Слоу фуд Македонија и Слоу фуд Интернационал што ни го овозможија ова гастрономско патешествие.
Дичо Димковски, производител на органски мед
Моите впечатоци се сосема задоволителни, убаво е да се видат производителите на целиот свет на едно место, да се разменат искуствата, да се вкусат нивните специјалитети. Македонија со разновидни целодневни активности имаше одлично преставување, задоволен сум, но имам некои забелешки околу организацијата, посебно околу рекламата на производите- немавме налепници за тегли и визит картички. Со тоа мислам дека преставувањето ќе ни беше потполно.
Вања Тодоровска