Ај на кафе
Понекогаш мислам дека кафето е сојузник на ненаспаните, мамурните и нервозните, ама најчестата дума е дека напивката е магична и спојува, сеедно кого и сеедно – каде.
Кога си на работа – „ај на кафе“ е спасоносната реченица која се појавува во моменти кога се спојувате со ѕидовите во канцеларијата; пријателите така се канат на „несериозно пиење“, а на нас жените тие три збора ни се лозинка за доверлив муабет.
Највкусното кафе се прави кога си добро расположен, сеедно колку се придржуваш до правилата. Мислам на турското кафе што се меша со ладна вода, па следи ритуалот – три пати кревање на пената и на крај – шокирање со неколку капки вода. Марифетот слушнат уште од детство е дека кафето се меша само во една насока, не се пие на „екс“, туку голтка по голтка, секоја натопена во домаќински муабети.
Затоа напивката е волшебна. И, колку пати кафето е само изговор со некого да се погледнеш во очи, да откриеш дека зад погледот има уште нешто, а тоа „нешто“ најчесто е убаво… Кафе е фрлена ракавица за кавгаџии и многу често замена за „извини“… Да не демистифицирам дека со него најдобро почнува денот, ама е и добар изговор со плацебо-ефектот за метеоропати, хипохондри и сите други. „Ме боли глава, не пиев кафе одсабајле“.
Со филџан кафе во раце (низ светот дневно се пијат повеќе од 1,6 милијарди шолји кафе) поубаво се пишува, се сака, зборува, сеедно на кој дел од планетата сте и затоа, без двоумење станува збор за најпопуларната и најдостапна напивка.
Предизвикувачка е мешавината на кафе и алкохол, а најфраери се Ирците. Тие кафето го мешаат со добро локално виски и слатка павлака, ама јас сум паркирана кај прочуените ирски појадоци… „Глорија“ што ја спомнуваат Балзак и Флобер е слична мешавина на трезно и пијано (кафе и алкохол), а многу одамна, од средината на 19 век во виенските кафеани се пиеле „фарисер“ и „фијакер“, (коктели од кафе и павлака), а подоцна се мерачеле и „кајзермеланж“, „Марија Терезија“ „бидермаер кафе“…
По нафтата, кафето е втората најтргувана стока во светот, со годишен извоз од 15 милијарди долари: се одгледува во 70 земји на светот, а две третини од зрната потекнуваат од видот „арабика“ со кое се будат стотици милиони луѓе… Најголем производител на арабика е Бразил, Колумбија и Етиопија, најпотрошувач на кафе во светот е САД со дневно испиени 400 милиони чаши. Потрошувачката по жител во европските земји предноста им ја дава на скандинавските народи, а просечниот Финец годишно пие 12 килограми кафе. До душа, нивното „лапланд“ може да се нарече и ужинка, затоа што во кафето се нурка (или вари) домашно сирење.
Како што велат Англичаните, односно „Меѓународната организација на кафе“ од Лондон, кај нас годишен просек по човек е четири килограми. Ние Македонците го прогласивме пиењето кафе за национален спорт, и – добро ни оди…
Но, моето големо уживање е поврзано со фрапе, поради асоцијација со морето и Грција… Значи фрапе, синило над и пред, а во рака чаша густо, најгусто нес од кое ѕиркаат коцки мраз и – со официјална статистика од годишно испиени пет и пол килограми кафе. И Италијанците се тука некаде во „килажата“ – заведени 5,9 кг испиено кафе (по човек), а тоа значи стандардното еспресо со парче лимон.
И покрај монотоноста на бојата, кафето е често и шарено и интересно – во Јамајка ставаат парче портокал ама вкусот го оживуваат со рум, „лагрима“ е кафето во Аргентина каде што млекото се засилува со силно кафе одозгора (чудно е што се вика кафе), во Шпанија бонбон-кафе значи еспресо и кондензирано млеко, а во Хонгконг миксот се прави со чај. Во чиста егзотика спаѓа мароканско кафе, затоа што содржи разноразни мирудии – од сусам до мускатно оревче, ким и цимет…
Не знам за вас, ама мене ми се припи вистинско кафе.
Ај на кафе!
Валентина Вања Тодоровска