Ај фил фуд. Ај фил гуд
Храната не е само радост, туку и мегапопуларен бизнис. Од сите страни напаѓаат информации што и како да се јаде во најразлични состојби, години и периоди. За секого понешто, и ако си болен и ако си здрав, дебел, слаб, депресивен, инфериорен, има и храна за супермени во обид, јадења за утеха а посебни менија се креираат за ученици, големи и мали. Како да се вратат во форма оние што попатно ја загубиле силата, како да се активираат умните глави што растат?
Јас мислам дека се е до мотивот, ама си ветив себе си дека нема да се саботирам.
Пишувам за храна, нели.
Ајде отпочеток.
Која храна предизвикува среќа? Најбргу ќе ја пресретнете кога ќе каснете нешто луто, (пиперчиња, на пример) а тие, меѓу другото, можат да ја редуцираат главоболката…Да, добро знаете за чоколадото, спасителот во – оние денови.
И во овие денови, но мајката на мудроста на сите ни оставила ливченце каде пишува- умереност. Една коцка, не цело чоколадо…
Најважното нешто што треба да го знаеме е дека нашиот мозок е повеќе од комплицирана работа, капацитетите ни оддалеку не се искористени, напротив, и се почесто мислам дека сме заложници на своите мозоци кои и не прашуваат, си тераат по свое, небаре сме душмани…
Тотална анархија!
Инаку, изворот на сите глупости е премногу слободно време. Празен ум, терен за ѓаволи, хеххеххе. Звучи изветвено и се повторува со генерации, ама е чиста вистина. Еве ќе кажам – учениците да учат, што друго им е обврска?
А кога е време е за акција во сите правци, кај нас владее гастрономска семејна романтика- најчесто баби, ама ќе спомнам и тетки, стрини, вујни..,праќаат полни тенџериња и тепсии. „Денес одморете се од сува храна“, порачуваат чуварките на огништето и традицијата.
А кога ќе се изедат тие „тони“ храна, најдобра пријателка ви е долгата прошетка. Потоа, нели се кикотите по изгледаната комедија, многу сте порасположени отколку кога ве трујат со озборувања, се лепите како магнет за весели луѓе… Еланот што го чувствувате, а кај некои трае и до 12 часа, има свое научно објаснување – што се вика ендорфинот.
Лекарите го објаснуваат ендорфинот како невротрансмитер продуциран од мозокот, а тој е познат како предизвикувач на еуфорично расположение. Како до него?
Природата се погрижила и за нас непорочните персони, на кои не им треба луда помош – бидејќи го имаме ендорфинот, се излачува, а со него телото е здраво, а мислите прочистени.
Потоа, силата на позитивните мисли е еден од природните предизвикувачи на среќата. Медитацијата и сништата (со отворени очи де,) со убава содржина можат да помогнат да се чувствувате подобро, но и луѓето кои редовно вежбаат се посреќни од мрзливците. Соочувањето со можностите на нашето тело, преминувањето на границите и постигнувањето на целта – не` прават посреќни.
Но да се вратам на оние што учат.
Дечки, морате да го изодите патот а за да ви биде забавно во меѓувреме, обидете се со досега виденото, чуеното, шеруваното…Риби, печурки, јајца, јаткасти грицкалици, овошје, зеленчук…
Се си знаете, треба само да го примените. Ајде, на учење.
Валентина Вања Тодоровска
Фото – рixabay, paradе, amy sue nathans
Коментарите се затворени