Ај фил фуд. „Застрашувачки“ манџи и шарени колачиња
Не би сакала да го започнам текстот со: „во моето време…“ Но, сепак ќе се сетам на минатото, за да се насочам на сигурна радост и неизвесна грижа. Во однос на храната, се разбира.
Е па вака- во моето време, во минатиот- доста поспокоен век, се знаеше за гурмански, домаќински ред составен од појадок, ручек и вечера… Се почитуваше семејно гугуткање на софра, (еднаш повесело, другпат посериозно), се знаеше за ужинки, овошјето се „танамеше“ без присилби и уцени, напротив. Ех, сокот од лубениците се цедеше според правилата на Марфи- директно во центарот на маичката и, се нешто си мислам, како да беа послатки тогашните прекрасни плодови…
Кога постојат сеќавањата, се прават и споредби. Што да кажам за ова денес- освен дека човечката природа станува читлива дури откако ќе се погледнат децата. Тие пак се сместија во ултра модерни бункери, се сокрија зад телефони и таблети, јадат храна- нехрана… И, какви сме ние, преку нив?
Ќе биде уште подраматично, зошто допрва престојат битки. „Жителите“ на училиштата, особено помалите, се обидуваат да влезат во штос и „да фатат чекор“ со постари генерации и – нови навики, со стекнување на уште една, социјална димензија.
Мајките и татковците се како на лента и живеат како нерасонети. Не е лесно- како да се усогласи времето попладне, после 17-18 часот со она што значи- домашен живот, одн. обврските и потребите на најмалите?
И, уште да се грижат за здрава храна?!
Всушност, реалноста на исхраната на децата е она што самите ќе си го изберат и купат, она што им е најслатко и најубаво- хамбургер, хот- дог, пица, макаронс, чипс, гумени бонмони…Од страшно- пострашно.
И без стручно знаење, општопознато е дека правилната исхрана олеснува многу работи- првин подобро се расте а понатаму и побрзо се приспособува кон работните навики… Една од поголемите стапици воопшто и за стари и за млади, е пиње газирани сокови. Мислам на купечкиот, и поради таа навика детето ќе почне да ја избегнува водата, а често ќе се буни и ако го разредите сокот. Чаре? Само домашно направен, исцеден сок и се разбира, вода.
Списокот што значи „да“ а ги штити здравите оброци е разработена шаренолика материја: рибата поради помнењето, помалку и од другото месо, салати, супи, зеленчук, овошје… умно направени комбинации од јаглено хидрати, белковини и масти.
А како децата да се натераат да јадат зеленчук зависи од вашата снаодливост и итроштина- носете ги на пазар, дозволете им да сечкаат, да мириснат и домат и краставица и кромид…. Да ги тргнат предрасудите од „застрашувачки манџи“ и да уживаат во некаква активност на зададена тема. Пиците нека бидат шарени, со домат наместо кечап и со зеленчук со „чуден облик и боја“- карфиол, модар патлиџан…
Шарено, весело, вкусно- брокули поради витамин Ц и антиоксидантно дејство, затоа што мозокот работи побрзо а со исти карактеристики е и црвената пиперка….И има уште, и има многу….
На крајот на криштата вие сте им на децата најдобар пример. Ако постојано јадете од нога, „грицките“ ви се најдобри пријателки „и во оние денови“ а овошјето и зеленчук само зборови во едукатива мисија, да кажете- како треба, очекувајте дека ќе ве надминат во нездравите навики.
И внимавајте- ако само еден убав спомен од детството остане во нивните срца, и тоа некогаш и некаде ќе биде гума за подобро пливање….
Валентина Вања Тодоровска
Коментарите се затворени