4.8 C
Skopje
среда, февруари 5, 2025
spot_img

АЈ ФИЛ ФУД : КОМПИР, МОЈОТ ДИСКРЕТЕН ПРИДРУЖНИК

За кусиот век на траењето на убавините во животот дознаваме полека, во од. Понекој видлив и невидлив редослед, по напишан терк па и летото забрзано ги пакува куферите, како љубовник за кој по интуиција знаевте дека ќе му го видите грбот. Собира се, до најмала ситница, зад и под себе, а со убавото време заминуваат надежите, лесните софри, магични вечери што осамнуваат со конкретни утра. Време е за нова страница. …Есента од нас прави поети, погледот има када да заталка, да се напие, угости и изнамерачи. Природата никогаш и не е пораскошна и подарежлива, а такви се и пазарите.Раскошно е, шарено и плодно.
Во есен полека но сигурно се подготвуваме за зима а првата асоцијација за затворени простории и топли кујни е вонвременската манџа. Зеленчук, зарзават, месо, вода, долго крчкање и на крај, облак од миризби и незаменлив вкус.


Мислам дека за многумина популарната манџичка- праз со свинско месо, е без конкуренција. Како што добивате на искуство таа станува сe` поомилена и тоа е сосема логично – малку ќе залади, и веќе го има привилегирано место на трпезата. Или поконкретно – како што стареете, толку попримамливо изгледа комбинацијата на пржената свинска кртина и долгите перца на праз во комбинација со суви пиперки и лут буковец.
И убавината на ова годишно време не запира тука- тиква, костените, многубројните фамилии на јаболка (Granny Smith, Red Delicious, Golden Delicious, Gala, Ajdared, Muco), топлите супи, карфиол, зелка…
Но, ако убавината се наоѓа во едноставноста, челната позиција секако ќе му ја отстапам на компирот. Знам само една предрасуда, единствената стапицата за него…. Ако јадеш варен компир, на пример, нема да внесеш повеќе од 160 калории но калориската бомба се добива со подоцнежната обработка – пржење, полнење и сл. Ама не е само тоа „ќарот“ од овој зеленчук без кој Ирска немаше да преживее, исто како што е дилема што ќе правеа Полјаците без вотка од компир….
Познатиот чешки писател Бохумил Храбал еднаш се најде во прилика да подготви и сервира абисински гурманлук наречен – полнета камила. Колку знаење, енергија и текнувало му требало за ова гастрономско чудо. Да наполни стомак од камила е потфат на кој можат да му позавидат сите гастро Гинисовци- ставил стотици јајца, исто толку моркови, дваесетина мисирки, вреќа магдонос, килограми најразлични мирудии… Во завршната фаза, од само нему познати причини го изигнорирал компирот. А за да парира на останатите продукти, сигурно би завршил работа со една десетка. На компири мислам…


Секоја средноевропска домаќинка знае дека еден компир сместен во срцето на рецептот, би ги спречил евентуалните проблеми на гостите со варењето. Ете, уште еден адут на храната и аргументот на многуте светски кујни.
Не знам колку вие, но јас, многу го љубам компирот, неговата предаденост и „подразбирање“, а тој ненаметливо но загарантирано ми ги затоплува есенските вечери. Сеедно во каква состојба е, безрезервно се дава.
Време е човек (жена), да се потпре само на делата и да ги премолчи зборовите.

Валентина Вања Тодоровска
Фото- Pexels, santafe.com

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена