4.8 C
Skopje
петок, јануари 31, 2025
spot_img

Ај фил фуд. Лахмаџун, ајран и арт

Најобична прошетка до Старата чаршија дава можност да ги разгледувате луѓето, да ги сместувате во некакви измислени калапи. Плус, времето секогаш се скусува и е поинтересно кога димензија добиваат непознати ликови: им смислувате табиети на луѓето, кои често, во најзабревтан дел од денот изгледаат уморно. Тоа е една малечка игра да погодуваш кој е каков, ама за база да го имаш физичкиот изглед.
И не треба некаква особена филозофија, какви може да се луѓето кај кои се` е предимензионирано, поголемо отколку „што треба“, а највпечатлив е стомакот. Тоа се хедонисти – ваквите луѓе се мирољубиви, сакаат комотен живот, храна и, веројатно, затоа реакциите им се побавни. Видов таква група и одминувајќи ја во од, и слушнав, си прикажуваа нешто како во некој филм каде изостанува главното дејство. Бла, бла, бла…
Поделби има безброј, но старата чаршија е недооткриен извор и голема страст кон мераците од Балканот.

Лахмаџун на пример.
Името е ептен мистично, а станува збор за турска пица, со многу тенко тесто и мелено месо, што може да се витка и како тортилја, палачинка. На неа, за мене е најубаво кога има грст сечкана салата, некое тркалце домат и лимон.
Додека ја јадам, им заблагодарував на турските гастрономи, направиле совршен спој од вкусни едноставности. Месото е збогатено со најразлични мирудии – има и кари, и ким, и црн пипер и куркума… Со лахмаџун им се приближам на сите хедонисти на Балканот и пошироко. Алал да им е, го прават меракот!
Приказната за мераците не завршува тука: пиде е лепиња која по облик потсетува на кајче. Само и единствено од нас зависи со кого ќе патуваме и што ќе си ставиме во него. Мојот избор е кашкавал, па така се добива кајче полнето со топол, стопен кашкавал што додека се јаде, се лизга по прстите и е ептен ориентално. Чок лезетли!
Ќе завршам со една турска поговорка што некако ми прирасна за срце и можеби најдобро ја опишува мојата генерација – најдобро патува оној што знае кога треба да се врати.
Сето останато е „бош вер“!

Валентина Вања Тодоровска

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена