Ај фил фуд. Непријател што го сакам
Откако постои свет и век, храната е чудо над чудата, бело знаме, фатално оружје, со кое добиваме шанса- ќе пукаме со полни или со празни пиштоли, ќе се убиеме ли со полноќни вечери, сендвичи пред телевизор, храна за утеха… Инаку, помоќна заводничка од неа, кога е раскошна, заводлива и мила, навистина нема- храната привлекува, влече, не ти дава мир а пленот, навлечен на тој стомачен шарм е подготвен за гревови.
Ех, сме гинеле на тој терен опкружени со најитрите поробувачи- прасечки и свински печења, сосови, пити и зелници, колачиња- тврди и кремасти, безпричина сме ги потценувале силите на сирења, кашкавали и кајмаци, па и покрај целата претпазливост, малку невнимание, едно залче и- сме потпишувале безусловна капитулација. Јас одамна си признав – го сакам својот непријател.
Затоа, методот „храна оружје“ веднаш го препознавам и го сметам за најопасен: не си ни трепнал а веќе си поробен…
Кога ќе дојдете во „извесни години“, секој долгорочен план за слабеење ви се чини како лотарија – ги фаќате попатните знаци покрај патот, (не)конкретни сигнали за тоа колку некој ве познава и почитува и често, многу често размислувате за тоа – зошто па храната е поинаква од другите зависности? Не сум алкохоличар, туку сум-хранохоличар?!
Леле.
Ама приказната е комплексна, кога ќе изветвее страста, храната се користи за напад – до срцето, заобиколно преку желудник, затоа што најсигурно е да се привлече со миризливи чинии откаде повикуваат салатите, сензуални манџички, провокативни мешавини на питомо и диво месо….
Туку, сте забележале ли што се не прават луѓето на трпеза- некои молчат и прават селфи, другите и не гледаат што ставаат во уста, толку се заведени со писанијата на своите мобилни телефони, бизнисмените прават зделки во опуштена „ручек атмосвера“, иако во чекор со новитетите тешко замислувам гастро- средба со наши луѓе, каде е се измерено, премерено, обезмастено, кога предиграта е течна (вода) а главните јадења се шарени салати а нешто „конкретно“- не постои.
Се разбира, фаќањето инстант-совети за тоа како да го сочувате здравјето, како да ги стопите (стопирате?) брчките, и можеби најпривлечното тврдење за долгорочен млад и свеж изглед, се омилени теми, богами и кај двата пола. Тие инстант совети ги вадам од ракав- утринскиот кафе-ритуал да се замени со природно цеден сок и лажиче мед. Два во едно- консумирате витамин Ц, а од медот добивате 60 различни позитивни компоненти. Едно јаболко, еден ден живот, плус. Киселини? Се решаваат со 5-10 свежи непечени и несолени бадеми… Бомбардираат од сите страни, сите се навлечени на приказната- форевер јанг, и што се не се прави за малку восхит и некое комплиментче.
Се што попатно и успатно сме дознавале, шарена кошница со која можеме да водиме здрав живот е поврзано за органскатата храна која е поспецифична приказна – нема пестициди, нема хемија, конзерванси, адитиви и каква се не синтетика, па генетски модификувани семиња се персона нон грата, и кога на сето тоа ќе се надодаде и земја- „ богата со микроорганизми кои остатоците од растителен живот ги претвараат во разновидни хранливи материи“, се наслутува зошто е скапа. Многу скапа.
Кога прочитав дека дерматологот на Мадона, д-р Фредерик Бранд, тврди дека со намалено (читај: ич) консумирање на шеќер можете да се подмладите за 10 години, да ја подобрите текстурата, еластичност и сјај на кожата (тоа се вика природен лифтинг), сериозно се замислив.
„Шеќерот ја забрзува дегенерацијата на еластинот и калогенот“, вели прочуениот Бранд.
Замислите дека калогенот е еден најобичен душек, а влакната од еластинот се федерите што го држат. Сега, каква било блага декаденција значи дека шеќерот бездушно ги напаѓа влакната, правејќи ги помалку еластични и кревки, па затоа тие и полесно пукаат. Кожата на конци изгледа уморно и старо, нели. Ако така влијае на кожата, што ли му прави шеќерот на организмот?!
И тогаш, што вреди чоколадо сосе големиот ефект врз среќата на нас, кревките жени?
Иако оваа колумна не е посветена на убавината туку на храната, ја наоѓам тесната поврзаност.
„Ти си она што го јадеш“ на Брилат Саварин е парола на сите гурмани, а „издаиците“ наталожени во долниот дел на телото – само сведочат за безусловната љубов…
Сепак, што значи убава ама и здрава храна на добра чинија? Тоа е оној мал сегмент од животот што дава голема среќа, што за момент релативизира, успокојува и полни со енергија и страст. Залачиња што и без да ги видите, можете да ги замислите, а по средбата – тет а тет, помислувате колку навистина се совршени.
ВАЛЕНТИНА ВАЊА ТОДОРОВСКА
Коментарите се затворени