Ај фил фуд. Палачинки, гурманско тркало на среќата
Палачинките се волшебна работа, сеедно на кој социјален слој припаѓате, со кој јазик зборувате, творите, сонувате… Не се шегувам – палачинка значи поддршка, радост, спакувана среќа и поради сите видливи и невидливи карактеристики, омилени се и кај нас на Балканот, и надвор од него.
Тие се и лозунг за времето идно, кога девојчињата стануваат девојки, пасош до инстант-дестинација наречена – добро расположение. Со нив навистина се прават чуда – се лекуваат скршени срца, се смируваат комшии, а почетниците на патеката на љубовта се спојуваат како сијамски близнаци. Навистина, палачинките се ремек-дело со благороден учинок и со нив ретко кој може да згреши… Не знам дали постои официјална статистика, ама верувам дека барем еднаш неделно секое просечно домаќинство – ги превртува во тавче.
Ех, палачинки!
Пенкејк во Америка има свој лик, таму се мали, тркалезни и дебелки, најчесто натопени со јаворов сируп, во Англија ги полеваат со лимон и шеќер, а во Индонезија имаат пикантен вкус поради филот од зелка.
Има уште – Русите со палачинки ја испраќаат зимата, а нивните се од хељда, „центарот“ го исполнуваат со кавијар и јајца, што понатаму се виткаат во ролат, додека течниот додаток е вотка. Кинезите се минималисти и нивните палачинки „бао бинг“ се јадат со пекиншка патка.
Најубавите жени на планетата, Скандинавките, прават мали палачинки наречени „платар“ и веројатно оваа димензија на храна им ги испишува и сантиметрите околу половината.
Мали, големи, тенки, дебелки, благи, солени, не е ни чудо што му припаѓаат на женскиот род и што најмногу ги јадат мажите. Некаде прочитав дека на Наполеон му служеле како предвидување – успешноста на вртењето, жонглирањето со тестото во воздухот, тој го толкувал како предзнак – ќе ја биде битката или не.
Правењето на тестото за палачинки не е никаква филозофија, зашто неопходните продукти – брашно, јајца, млеко, минерална вода, шеќер и сол не се менуваат со векови. Едните ставаат прашок за печиво, другите капка оцет… Варијации на тема „тесто за палачинки“ не се многу, ама е секогаш добро да го оставите да отстои, додека филот е само прашање на моментот.
И има тука уште многу и уште – повеќе. Најважно е да знаете да ги сакате и да ги почитувате работите, скриени во наједноставните нешта.
Валентина Вања Тодоровска
Фото- pixabay
Коментарите се затворени