Ај фил фуд. Посен петок
Веќе неколку петоци по ред, со концепт размислувам што лесно и вкусно ќе јадам, подржувајќи го предизвикот на Слоу фуд: #ПосенПеток. Иницијативата е поврзана со храна- предизвикувач на климатски промени, бидејќи токму таа е жртва на истите.
Концептот е разработен и ме радува уште од рани зори: посен грав, летна манџа, пита со наѓезмо и буковец, печени компири со пченкарно брашно и сусам, шпагети (наместо јуфки) со мед, малиџано, модар патлиџан и тиквички со лук, македонска салата со печени лути пиперки.., мојот придонес во намалувањето на овој глобален проблем, прави голем мерак и ме разгалува.
Да бидам искрена, не сите петоци досега ми минуваа во посен тон, иако во генот си ја имам таа жичка и сум богата со сеќавања, кои ме обликуваа.
Баба ми од мајка, секој петок правеше посен, бел грав, но и средите поминуваа без месо, запршки, пржолии и слично: се беше во тон на мислата „да се јаде за да се живее“, а не обратно.
Постењето, реално гледано, надвор од адетите и желбите, би требало да го применуваат луѓе, односно личности со стабилен карактер и умна мисла, затоа што освен воздржувањето од мрсните јадења од животинско потекло, или ако сакате – месо, треба да се испочитува нешто многу посилно, а тоа е духовниот пост.
Тоа значи – да бидат подобри, луѓе кои гледаат во својот двор и во свои плодови, со кои си ја хранат душата и телото а главата и срцето им се исчистени од грдите мисли и исти такви дејанија.
Звучи скоро книжевно, ама е вистинито.
„Ќе се оженам сега или никогаш – напишал во својот дневник прославениот, мојот омилен Лав Николајевич- Толстој, во 1862 година, набрзо откако ја запросил 18-годишната Софија Берс.
Петнаесет години постар од неа, познатиот писател и господар на Јасна Полјана, имал имот од 1.600 хектари, населен со 3.000 селани, ама и многу капитал во глава. Имено, дотогаш Толстој веќе се науживал и заситил од предизвиците на животот – ноќите ги минувал во бордели, со чергари, се борел во Кримската војна, ја преживеал опсадата на Севастопол… Видел, слушнал и направил, и кога се вратил дома, свој на своето, посакал само мирен селски живот. Да облече удобна облека, да пушти брада, перото да го замени со плугот, и се разбира да пости, за да го исчисти и телото и духот.
Убаво нели.
За постењето секој си има своја, навидум различна причина, а сепак сите се свесни за доброто што го прават и на себеси и на околината.
Што се однесува до јадењата, овој начин на исхрана не е измислен само за да се освежи организмот, туку и да се направи „генералното чистење“, но притоа да им се радува и со нив да си прави мераци.
Манџите збогатени со бои, миризби и мирудии: грав со нане и суви пиперки- нешто како национално обележје, домашен пинџур и салата со печени пипрки па, модар патлиџан и тиквички во илјада изданија, печурчиња на жар, домат и пиперки во вечна безусловна коалиција со магдонос и лук, со епски размери на софрата. Па, авокадо со лимон и сол, ориз со афион во темата „кочанска лапа“, и финалето со пити, кифли, ѓозлеме и ѓомлезе, ех какви убавини копнеат по нас.
Како и да е, сите убавини се наоѓаат во лето: деновите се „скроз растегливи“, топли, па и повеќе од тоа- изгор се, ама па ноќите се лесни!
Денес мојот посен петок е составен од полнет модар патлиџан, што го збогатив со комбинација од ориз, морков и срцето на патлиџанот. Се разбира, му додадов лута пиперка, црн пипер, сол и малку масло, и го наличив со тркалца домат и магдонос.
Баба ми, од таткова страна, не ја запознав, и тој дел со смилевски корени ми е многу драгоцен. Кога правам посно, си велам- и таа е тука, ме насочува кон огништето. Во срцето, мислата и глаголењето.
Ех, колку е убав овој посен петок.
Валентина Вања Тодоровска
Коментарите се затворени