Ај фил фуд. Романтика на словенските души
Во Русија постои интересен израз „те среќаваат заради изгледот, ама те паметат по умот“, со што јасно се одделува врската помеѓу ликот и делото, личотијата и умот. На неа се сетив пo посетата на Владимир Путин во Белград.
Србите се познати по својата гостопримливост, по мераклиски испечени прасиња („нема лепше птице до прасице“), а Русите – по капацитет по кој е инспирирана уште една нивна поговорка:„ некои пијат од радост, некои од тага, а некои – од сабајле“.
Пред самото доаѓање во Белград прочитав дека соседите се погрижија за сe, па и за сервисот и есцајгот – велат строго чувана тајна е дека се тоа истите вилушки и лажици што персоналот на Тито ги користел за важни гости- значи стари преку 50 години – и со нив се гоштеваше и Путин.
Инаку, храната на најголемиот Русин и во неговата татковина се прави под голем надзор и уште посилна контрола, како што одговара за толку моќен политичар. Секогаш пред него има дегустатор, човек кој ја пробува храната, особено омилениот му десерт – сладолед од ’фстаци.
Се` нешто си мислам, имаат ли политичарите проблеми со хотелските соби и апартмани каде што ги сместуваат? Дали се осамени, носталгични, дали ги притискаат ѕидовите со својата молчеливост и празнотија? Се сеќавам и на едно интервју на Оријана Фалачи, која при гостување во Србија, во џебот нашла ливче со бројот на нејзината колешка Мира Адања-Полак. Тоа, всушност, беше молба за интервју кое се случуваше во 2 ч. по полноќ. И покрај сета мисловна и пишувачка реторика, Оријана ќе направеше се` – само да не се соочи со сопствената самотија во хотелската соба.
Туку да се вратам на Путин, на зададената тема. Овој човек го имал најдобриот учител- Борис Елцин, па освен физички активности, рибарење, управување со авиони и хеликоптери, јавање, сака и – да касне и да пивне.
Некаде прочитав додека беше со Људмила, сопругата на Путин сакала да приготвува рибина чорба, што ја нарекувале „Путинова уха“, затоа што обожавал течна храна. Дедо му пак, Спиридон Иванович, на времето работел како готвач, бил човек од доверба и сите јадења за внукот ги дотерувал со кафкаски мирудии. Звучи привлечно, нели?
Прославениот Толстој опишувајќи ја руската кујна напишал дека „шчи и каша- храната е наша“, а тоа се две основни јадења – традиционална чорба со месо или риба и многу сезонски зеленчук, и кашите, типични за секое руско семејство. Поради составот: гриз, ориз, хељда, пченица сварена на млеко или вода и по избор солена или блага, Русинките си ја глорифицираат убавината, уверени дека порцереланскиот тен им е токму поради здравата храна. Рака на срце, преубави се.
И шчи и боршч, Путин обожава кога го служат како што правел дедо му- во длабоки садови од земја, полни со павлака и жешки пирошки, штотуку испечени земички и со единствен прибор за јадење – дрвена лажица.
Има романтика во словенските души, колку и каде и да се искачат. Путин ја сака и руската шарлота, која во својата биографија го има следното – дека е правена за руски цар, ама од француски мајстор.
Да потсетам – во руската кујна се познати јадењата што потекнуваат од народот и тие најчесто се посни и незачинети. Неколку века подоцна, трпезата станала раскошна, па во ручек долг колку цело работно време, се служеле по 150 вида јадења. Таква гастро декаденција траела се` до Петар Први, кој со себе ги донел и најдобрите готвачи од Германија, Шведска, Холандија и Англија и секако, француски мајстори, чии идеи за готвење брзо ја прифатила аристократијата…
Француските готвачи, од кои најпознати се Џозеф Маршал и Мари-Антони Карен, почнале да прават спој помеѓу руската и француската кујна, при што овие јадења добиле нов сјај и привлечност. За цар на готвачите се смета основачот на петроградската императорска кујна, креатор на познатата руска салата, со која задолжително другаруваме за време на новогодишните празници.
Инаку, Путин е Девица во хороскоп и менито за овој знак како да е препишано од готвачот на омилените јадења на претседателот. За нив се препорачува многу течност, риби, морски плодови, јогурт, пченка, домат, спанаќ, грозје и јаболки…Здраво, вкусно и, без многу „керефеки“.
Ех, пуста душа словенска…
ВАЛЕНТИНА ВАЊА ТОДОРОВСКА
Фото- parade, pexels,amy sue nathans
Коментарите се затворени