Тоа колку го сакам Смилево, колку срцето ми трепери при секое негово спомнување, ми се чини знаат и врапчињата. Романтична, носталгична и меланхолична сум кога ќе помислам на моето село, и како по правило, тогаш, некоја неверојатна светлина ми го расчистува погледот а душата ми е полна со спомени, поврзувања и среќа.
Во најубавото Смилево се е поезија на вкусот и кога сум таму, во највеличенствена смисла го славам животот: сакам да слушнам стари рецепти, да се поврзам со минатото, со таа гастрономија и така негибната да си ја заклучам во срцето.
Ете, дојде моментот и јас да се повикам на – „добро старо време“ и тоа со право: технологијата пука од сите куршуми, со огромен замав цунами и масовната комерција се шират обезличувајќи се па и кулинарското наследство. Сакам лудилото да ја прескокне славната ми дедовина, ренесансно мијачко Смилево.
Значи, глаголам за храната.
Првата станица кога ќе дојдам во Смилево, е „Костенче“: гостилница сместена во недрата на еден стар раскошен костен, семејно ресторанче што зрачи со љубов на вредните домаќини. Атмосверата е чиста пасторала, сенките од дрвјата паѓаат на маси, таман за ритуалот со утринското кафе- со поглед на длабокото зеленило, што подолго да трае.
Во „Костенче“ сакам се- смилевскиот комат е ненадминлив, домашните колбаси совршени, исто како и печеното месо. Домашната ракија, сирење, салати…, сето тоа заслужува почит но јас сум безусловно вљубена во питулиците. Правени како од тантела, со префинет вкус на вкусно сирење или со лук и ореви. Затоа и сакам сите што доаѓаат, следејќи ја констатната – до срцето преку желудник, на прво залче да се вљубат во Смилево.
Некаде прочитав дека самите имиња на јадењата, како и личниот впечаток, влијаат врз перцепцијата на вкусот. Еве – лебот на пример. За мене леб преставува куќа. Така го замислувам и мојата приказна на тој терен е најкомотна, најсрчена. Затоа и замесувам леб, за да се сплотам со тој вечен танц на брашното и водата. Едноставно, чекор по чекор, до совршено месено „топче“ чија миризба потсетува на најдрагите, каде и да се наоѓате.
Мојата голема страст е комат, пита, зелник, како и да го наречам. Во Смилево, не така одамна, кога домаќините по една недела аргатлак се враќаа дома, се зачуруваа оџаците на куќите, се правеше смилевски комат… Минатата година, ја замолив стрина ми да сликам како прави комат, од правење на тесто, до развлекување на кори, ставање зајре, редење на горната гора, онака мајсторски. Од неа учев да месам, ми беше инспирација уште од средното школо. И тој комат излезе толку прекрасен, секоја фотографија како постер, едноставно измамуваше воздишка. Беше прекрасен исто како и стрина ми, на која тој комат и беше последен.
Реков дека Смилево е полно со спомени, на едните пребирам по меморијата, другите ги создавам. Додека беше жив, мојот добар и кроток татко, што и да направев, како и да излезеше тој готвачки потфат, ќе ме фалеше со внимателно одбрани зборови. Муабетот ми е- не беа тоа фрази за да се посомневам во нивната веродостојност, туку думи нанижани како бисери што ми мамеа насмевка.
За него правев се но најмногу уживав во леб и комат: ќе нурнев во брашното и по неколку часа ќе истрчав со некоја направија. Следеше дегустација и коментари.
Се сеќавам на една пита, која ем што ставив повеќе брашно, туку се поигарав и со квасецот, па излезе поприлично габаритна, и кога ја принесував, срцето за момент ми затропа како камбана. А Мирче, како да ми ги прочита мислите, првин се фати за дебелите витки, ги мирисна со сласт и мераклиски ги вкуси со насмевка. „И мајка ми правеше вакви витки, ем ќе се најадев, ем ми остануваа за после“- рече и продолжи да јаде како да е тоа најубавиот комат на свет.
Инаку, сармите се задолжителни во Смилево. Лесно се доаѓа до зеленилото, сеедно што е, блитва или винова лоза. Мајка ми ги реди како војничиња, се е под конец, а кога јас ќе свиткам некоја сарма, се ремети тој совршен ред и поредок. Ама со тек на времето, стекнав искуство, па иако не се како нејзините, гордо зборуваат за мојата готвачка страст.
Смилевците се многу вредни и многу весели луѓе. Кога сакаат нешто да ти кажат, секогаш се љубезни, да ти е мерак да ги слушаш. И затоа, секое одење во Смилево ми е можност за некој нов спомен, некоја дума. Ги создавам секојдневно и неуморно. А денот, по добар појадок се познава. Домати и болисилек од градината на стрина, јајцата се домашни, а пријателките од Слоу Фуд, Валентина и Александра не ме оставаат без некој деликатес. Од туф.мк се сладам со чудесии од тартуфи, а од Моја Бавча со разноразни џемчиња и слатка. И кога наместо- добро утро, ќе го кренам сирењето нагиздено со џем, си велам, каква животна радост е ова!
И секој, па и овој текст за смилевската гастрономија не може да помине без пиперки: зелени, црвени, лути, пресни, толчени, печени, пржени, со домати, јајца… Па пинџур. Ох каква убавина! Рано наутро, отако ќе се наситам со убавината што ја има секаде околу мене, го замолувам Господ почесто да доаѓам. Тивко е и спокојно, селото се буди со понекој звук, заборавен од нас од градот. Седнувам во дворот, го земам домашниот леб и толчените пиперки. Корчињата ги нурнувам во сокот од пиперките, гризнувам од доматот и гледам во ластовичките….
Вања Тодоровска