Суви везени пиперки. За мене се повеќе од зеленчук, повеќе од јадење и ги сметам за царици на софрата кога денот видливо ќе се скуси и посиви. Ем лични, ем вкусни, и вклучени во Арката на вкусови на Слоу фуд-Македонија.
Откаде да почнам: макало со компири, пикантно луто со дискретна придружба од лук, макало со грав, кога сум најинспирирана- суви посни пиперки полнети со ориз и праз, потоа крцкави како „засладување“ во салца, во бакардан- затоа што спротивностите се привлекуваат, па во тавче- гравче, похувани или мераклиски испржени со јајца... Најмногу ги сакам испечени на плотна, со фатена темна коричка, што потоа се здрвуваат како картон, па ми ја олеснуваат работата со дробење, пред да ги попарам со жешка вода, оцет и масло.
Со сувите пиперки сум нераскинливо врзана а синџирите се невидливи. Тие се коректор на вкусот, нешто како излегување после карантин, свои, независни, на секое јадење му даваат иљач: кога се лути го креваат адерналинот, па потсетуваат на младост и копнеж, во блага варијанта асоцираат на разбирање и хармонија. Едноставно, тие се живот кој со вкусот наздравува на македонската традиционална кујна.
Велам, сушените везени пиперки се повеќе од јадење. Идентитет. Постоење, татковина, лична карта на секоја македонска куќа, што со своето постоење го потврдува чувството за добредојде.
Донеодамна тие беа најубавиот украс, радосница во моето Смилево. Ех, кога ќе ја видев нашата куќа оддалеку, наличена со низи суви пиперки, ми ромореше радост во градите, величенствена глетка на спокој што создава меѓупростор кога зборовите стануваат недоволни.
Сега ги затворам очите и си ја имам сликата од балконот на кој татко ми најуредно ги нанижал пиперките, па ги проверува, една по една- каква им е состојбата, дали и како се сушат.
Многу кажав, а уште повеќе премолчев, затоа што метри и километри пиперки се нурнати во интерната семејна издржливост- кој ќе ја касне најлутата. Кога ги „мацкам“ црвени и смели во коалиција со празот, кој уште зелен сака да им се допадне, не сум ни свесна уште колку фурни леб треба да изедам.
И дека навистина потпишав капитулација пред сувите пиперки, пред неколку години во една соседна земја не успеав да сокријам вресок кога видов пиперки- обетки. По две на секое уво, мали црвенки и блескави.Кога ќе ги ставам, имам чувството дека сум накитена со рубини. Ми светкаат како ѕвезди во најтемната летна ноќ.
Валентина Вања Тодоровска