Ај фил фуд. Филм, гозба од која секогаш огладнувам
Ги сакам готвачките шоуа, најмногу поради непредвидливоста и спонтаноста на реакциите, па така се опремувам со разни мудрости кои се додаток кон теоријата дека – храната е чудо и знае да направи чуда.
Кога се работи за филмовите кои на разни начини третираат храна, немам конкуренција во дејствувањето. Всушност, тогаш се случуваат два филма на два фронта – едниот на телевизорот, а другиот го создавам јас, во кујната.
Често сум толку инспирирана од приказните на подвижните ленти, од начинот на кој во чиниите се создаваат ремек-дела и од реакциите на консументите, што со задоволство заглавувам на „Гозбата на Бабет“ на Габриел Аксел.
Вљубена сум во овој филм, затоа што ме буди, во највеличенствената смисла за зборот, ме разнежнува, и ме потсетува на волшебната мирудија- љубов, и токму затоа му останав верен фан, сите овие години.
„Гозбата на Бабет“ (Babette’s Feast -1987)
Филмот е вистинска магија – додека го гледате, чувствувате огромна глад и за храната и за животот. Добра препорака за оние што се кротат според наметнатите правила, за „запетланите“ персони, натоварени од животот, сите со избледена меморија и став дека рутината и навиките се единствена работа што треба да се почитува.
Инаку, ова е филмуван роман на прославената Карен Бликсен, и оние што го гледале „Моја Африка“ знаат за што зборувам. Убави дијалози, детали, остра перцепција… Како и да е, една дама, Французинка, се наоѓа во некое и од Бога заборавено село во Норвешка. Таа бега од власта во привремениот дом, со препорака на еден оперски пејач, кај две сестри, како два анѓела, ќерки на починатиот селски поп.
Во магловитиот предел, Бабет е опкружена и со други, чудни луѓе, можеби сенки, кај кои не постојат никакви задоволства, ништо гласно, импресивно… Како мислат, така и се хранат – рутински и здодевно, со пресолени и исушени харинги, ладен чај што го стоплуваат со понекоја молитва и бисквити со поминат рок.
Бабет се адаптира и се привикнува, ама во нејзиното минато е запишана „интригантна“ професија – шефица на еден француски ресторан, и веднаш се забележува дека и на најанемичните јадења знае да им даде карактер. Зачинува, посолува, става „некаква магија“… Кулминацијата е кога добива премија на лото и не се враќа во Франција, туку нарачува камиони со деликатесна стока од која прави вонсериска француска вечера со сите аршини – предјадења, топли и ладни, главни јадења, децентни десерти: мали потполошки на тркалца од портокал, тартуфи, школки во прелив, кавијар, јастози и ретки мирудии, убаво одбрани парчиња квалитетно месо, егзотично овошје, најдобрите сирења… кои се комбинираат со шампањ и првокласно вино.
Кристални чаши, треперливи свеќи, тропка порцеланот, се забревтува атмосферата и луѓето-сенки одеднаш како да се будат, стануваат гласни, најадени и живи!
И така верниците, од прв до последен окрепени од волшебните јадења и по некоја голтка вино, накусо ги напуштаат вообичаените реплики на своите животи. Еден од гостите, генералот во пензија, на крајот на вечерата со монологот ги заведува собраните околу софрата.
„Ние, пријатели мои, сме кусогледи. Знаеме дека постои милост во универзумот, но во нашата кусогледост ја замислуваме Божјата милост како конечна. Затоа трепериме додека не го направиме конечниот избор, а потоа стравуваме – направивме ли добро или лошо… Ама доаѓа моментот кога сваќаме дека милоста е бесконечна, од нас не бара ништо освен да ја признаеме со доверба… Гледате, она што самите го одбравме – тоа ни тече, а она од што се одреквнавме – во исто време ни припаѓа…“
Филмот е чудесен, навистина потсетува колку е голема моќта на храната, на убаво одбрани залчиња, секое како бисерче, зошто и умереноста е адут на секој консумент. Ако не сте го гледале, топло го препорачувам.
Патем „Гозбата…“ има добиено „Оскар“, а јас, кога и да го гледам, му доделувам моја награда. Се разбира, „Оскар“ од гурманлуци што ги подготвувам како аманет од оние што создаваат магија на чинија.
Валентина Вања Тодоровска
Фото- youtube trailer, Paxabay
Коментарите се затворени