Ај фил фуд. Храната, прозата и поезијата во времето на корона
Не ми паѓа тешко оваа принудна изолација: го сакам домот, пливам во интерниот космос, ама најважно од се е што станав пријател со мојот мозок.
Се поретко, уважениот ми г-дин Мозок, ме саботира, не си тера по свое и не ме носи на непознат терен. На пример, не се прашувам докога ќе трае чудово наречено корона, што ќе донесе, што ќе однесе…Сокрив, потиснав илјада слики и сликички што асоцираат на бесчувствително тормозење на вирусот. Како е – така е, најпосле имам време за заборавените нешта и за мисли кои ме подржуваат.
Реков, селектирам и уживам само во моментот – сега и тука. Лимитирано ги отварам социјалните мрежи а кога сум таму, гледам само убавини поврзани со храната, затоа што ја разбирам и неа и нејзините творци, затоа што соединува, собира, шири љубов…И сега навистина има оправдание изреката на Џорџ Бернард Шоу: „Нема поискрена љубов од онаа кон храната“.
Ах, колку е моќно јадењето!
Последниот период се уверив дека луѓето во бели униформи- готвачите, се нешто како волшебници. Со неверојатна вештина, брзина и претпознатлив мерак, сечкаат, пасираат, месат, прават вистински чуда пред кои гурманите потпишуваат безусловна капитулација. И сосема е логично што овие мајстори на вкусот и естетиката, секаде и секогаш се врзуваат за опуштање.
Храната како антидепресив во времето на корона. И на Фејсбук и на Инстаграм, луѓе, знајни и незнајни, се дале на готвењето, што го зачинуваат со љубов, му наросуваат понекој убав збор а пред и над се, го овековечуваат со фотографија. Опсервирам креативни ентузијасти, мажи, жени, девојки и момчиња, кои со љубов нурнуваат во кујна, не само затоа што љубат да јадат, туку затоа што софрата си ја врати заборавената функција.
Значи, дојдовте на мое, а?
Храната пред и над се е слобода – ја освојувате по свој избор и ја држите под контрола, бидејќи е лош господар и е заводлива, па лесно фаќа во мрежа, но можете бескомпромисно да пробувате, мљацкате, со прсти да го бришете мрсното од устата, и да не се двоумите дали да каснете кромид или лук. Најдобара?
Со денови небото ми има рамка што се протега низ прозорецот во кујна. Ама кога ќе го затоплам срцето и дланките, по добра стара навика и јас готвам.
Ви спомнав дека мозокот ми е најдобар другар, нели. Е па тој ми олеснува со тенџериња, тепсии и ванглички, да им го осветлам патот на мислите што можеа да заталкаат во маглите на летаргијата и не дај боже, во ментални ќорсокаци и слепи улички.
Месам леб за да си „поиграм“ со тестото ама и поради миризбата што ме успокојува, комбинирам зеленчук поради бои, зелени, црвени, портокалови.., матам, гмечам, пасирам, и да- ги трошам последните суви везени пиперки, поради адерналинот што ми го дава лутото…
Уживанција.
И се помалку имам трпение за оптоварените со калории, ме иритира кога некој ми го ускратува задоволството од јадење пити, крофни, пишии, мекици.., потсетувајќи ме дека дебелат…
Tокму во овие чудни денови ги надминав бесмислиците што е привлечно и пригодно, и фала богу, не морам да ги слушам келнерите кои, во претходниот живот, често сакаа да ме импресионираат.
И покрај разноразни сознанија, трендови ама и освестувања врзани за храната, одамна го знам ефектот од неа – дека смирува и лекува .
Се насладувам со мислите и допуштам нештата да ме изненадат. Со доза на автоиронија, бидејќи насетувам плима, знам дека животот допрва треба да се изживее. Или – отсонува? Или, и едното и другото?
И така: залче по залче, магично станува тоа што храната, прозата и поезијата навистина не држи на купче.
Валентина Вања Тодоровска
Коментарите се затворени