10.8 C
Skopje
петок, јануари 31, 2025
spot_img

Ај фил фуд : Чорба за „оние“ денови

Станав експерт, се дооусовршив во одлагањето на работите.
Попрецизно кажано, сакам да го сменам режимот на исхрана, што би рекле нутриционистите. Денот на одлуката сигурно ќе биде понеделник или, пак, ќе се случи утре – со така засилен карактерот никој и ништо нема да може ме поколеба, па наместо едно, да земам две парчиња леб, сериозно.
Нека не ве буни ова со режимот… Тоа е замена за зборот „диета“ затоа што во мојот речник одамна тој е помножен со нула, заборавен, поделен, покоен… Диета е мачење. Имам илјада слики и сликички што асоцираат на бесчувствително тормозење на дигестивниот тракт. На пример, врзана за столб, а пред мене маса, сервирана „за сите сетила“, чиниите се натпреваруваат една со друга, која од која позаводливо мириса, нешто како собиралиште за мераци, убавина наросена со најволшебни мирудии.
Втората фантазија со која и ќе запрам, исто така, рециплира на тема јадење. Седам на маса опремена од нашите најдобри готвачи, а богами долг е списокот, а на неа од пиле млеко – ѕиркаат парчиња месо, шарени салати и манџи, пити и колачи, запечени и какви се не сирења, а јас пред себе имам двопек, чај и вага за мерење калории.
Почнаа славите, и посно и мрсно, се јаде и се пие на сите усти. Оние што не се по адетите, пред некои си 20 години јавно го усвоија изразот „comfort foods“ – храна која се зема како утеха кога сме под стрес, депресија или сме емотивно разбранувани. За многу жени тоа е – чоколадо, или кекс премачкан со нутела, а за мене – лути пиперки во сите агрегатни состојби. Како и да е, префрлувањето на новиот начин на исхрана, барем за овој период, најдобронамерно тврдам е течна храна, односно – супи и чорби.


Баба ми на времето правеше „клин чорба“, што би се рекло – супа без ништо, освен запршка каде што лажицата најубаво танцува во чинијата. Потоа, во годините на растење дознав и за супа од расолница и кисела зелка, веднаш по Нова година…
Нема што да глаголам, супи и чорби се најкорисен дел од исхраната – ги јадеме и кога сме здрави и кога сме болни, за убав почеток на оброкот, за да ги смириме цревата, а неретко и гладот и мислите. Една стара, убава еврејска поговорка вели – грижите полесно се плакнат со супа. Оваа течна храна е одлична за желудникот, го забрзува варењето и, сетете се, ја препорачуваат како лек – за кивавица, добра е за засилувањето на имунитетот и, згора на се`, ги согорува маснотиите. Всушност, најблаготворна е пилешката супа. За мене ова е чиста љубов и ден-денес ме асоцира на емоциите блиски до срцето, а кога ќе посакам, одам на порција љубов кај мајка ми. Закрепнува душата, засилува телото, ја стопира „миграцијата“ на леукоцитите од жариштето и го олеснува дишењето. Звучи како реклама, а не е – кујната може, знае и треба да е подобра од домашната аптека. Првата потврда за лековитата моќ на пилешката супа ја дал познатиот филозоф, лекар, математичар и астроном Мојсие Мајмонид, следбеник на Аристотел, во 12 век. Тој му помогнал на султанот Саладин, давајќи му ја супата како лек за синот астматичар. Не било важно тоа што супата се правела од мрсни стари кокошки и без кромид и целер, сепак, за Мајмонид била вистински дар. Во меѓувреме и таа претрпела еволуција, па денешната супа не може да се замисли без кромид, пашканат, магдонос, целер, црн пипер и, се разбира, пилешкото месо со коска.


Задолжените за храна и за здравје го препорачуваат телешкото месо затоа што е дел од избалансиран оброк, а во однос на другата храна, има повеќе протеини. Телешка супа? Енергетската вредност на 100 грама варено телешко изнесува 280 калории, а еве се и адутите – минерали (цинк, кој ги регулира генетските активности и шеќерот во крвта), фосфор, селен (го спречува негативното дејствување на кислородот) и добар извор на бакар (ги трга слободните радикали). И приказната – зошто телешко не завршува тука, бидејќи е богато и со витамините Б12, Б6 – што влијаат на создавањето на црвените крвни зрнца, обезбедуваат енергија и се добар извор на пантотенска киселина…
Од општоусвоени „Гугл“ знаења разбрав дека чорба, како вид традиционално јадење се служи во евроазиските кујни, ама е со различни имиња. Но, светски најпознатите поради својот вкус ги надминаа локалните граници, станувајќи „ѕвездени супи“ во кои се огледаат гастрономските посебности – француска супа од лук, на пример. Се служи како предјадење на сите можни гала-вечери, ама е позната и супа од месо, таканаречената „Consomme“. Грците ја преферираат супата со јајца и лимон „Avgolehmonoh“, а позната е и унгарска гулаш супа. Поретка од вистинскиот гулаш, се разбира.
Италијанците се прославиле со супата „Минестроне“, ама и пилешка со јајца и пармезан. Шпанската „Гаспачо“ е ладна супа од зеленчук, најмногу домат, павлака, а карактеристични се парченца кубети, нафрлени одозгора.


Сега, на крај, би требало да ви препорачам супа како предјадење и ужина, особено во „оние женски“ денови. Така веројатно ќе има оправдание изреката на Џорџ Бернард Шоу – „Нема поискрена љубов од онаа кон храната“.
Единствено, внимавајте да е течна.
Валентина Вања Тодоровска
Фото-Pexels, Italian food forever, A Taste of Koko

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена