Кога ќе дојде одмор, колку и да трае, се обидувам да сум на „ти“ со сите овоземни убавини: море, сонце, миризби, вкусови…., се она по што копнеам цела година. Затоа, се ми е слатко, секое залче натопено во емоција е бран на прекраснотии, се си има некаков природен склад, некоја некажана сплотена срцевина што и прави мерак на мојата душа.
Ах!
И, кога се обидувам да ја демистифицирам таа гурманска егзотика, се она што му прави радост на непцето, на прво место ги ставам плодовите на морето, природен лифтинг на телото. Убаво и корисно е да јадете риба и разни чудесии од длабокото синило: лигњи, октопод, шкампи… Знам колку се корисни, ја помнам волшебната формула за незаситени масла, за помалку калории. А комбинацијата со салата, која таму „далеку“ ја има сета сочност, особено кога ќе се „мацне“, ја прави сликата потполна. И да, се тоа морско, и школки и ракчиња…, тие се перфектна двојка со паста и рижото, толку се складни, како љубов од младост, како восхитувачки портрет од минатото.
Инаку, обожавам да јадам со прсти, тој „чин“ ми го прави јадењето уште повкусно, полежерно ми е, најприродно. Затоа сакам да ја мацнам салатата, да го вкусам прженото со едно залче најубав леб со коричка.
Сонце и море, тој совршен тандем колку и да е благодетен, бара сила, ама во вистинска смисла на зборот. Тоа во превод значи, многу течности, јас водата ја ставам на пиедестал, ама ги љубам и супите и чорбите.
И бидејќи повторувањето е мајка на знаење, ќе го спомнам и овошјето, во сите форми и големини. Лубеници, диљи, праски и смокви. Многу смокви.
За сила е потребно и малку месо, но внимавајте кога ќе го јадете.
Доколку спаѓате во оние што ја преферираат константата- појадокот изеди го сам, ручекот со пријателите…., во првиот дел од денот навистина треба да се опремите со енергија- со мед на пример. Си дозволувам декаденција на оваа тема, па моите појадоци на море секогаш заслужуваат фотографија.
Секогаш а особено на одмор, експериментирам со вкусови, пробувам нешто ново, поинакво, и му наздравувам на животот со чаша бело вино. Икуството ме научи да кокетирам со самоконтрола и мудрост, затоа што знам дека наутро виното е олово, напладне- сребро, а во текот на ноќта – вистинско злато.
И уште нешто:на одмор сум секогаш девојка, затоа што годините не ги бројам, не ги премерувам и споредувам со „некогаш“. Сонцето ми се вселува во очите, косата се здружува со ветерот и си тера своја приказна…А јас си го слушам шепкањето на срцето и сум среќна.
Да живеат одморите!
Вања Тодоровска