БАДНИКОВА ВЕЧЕРА
„Коледе леде, паднало греде, утепало деде, деде се мачи, баба го квачи, со четири јајца гускини, шаткини… Денес е Коледе, утре е Божик, ќе колеме теле, теле вика леле, не колете мене, ќе ви купам зелје, да месите пита, да јадете сите. Коледеее…“
Утрово, веројатно, ве разбудија звуците од традиционалната коледарска песна, насмеани дечиња и ладни рачиња. Коледарчињата, предвесници на Христовото раѓање, сигурно ги почестивте со некоја паричка, јаболче, костенче, бомбонче и ги испративте со желби за добро здравје, бериќет и благосостојба во домот.
Православните христијани може да ја започнат подготовката за вечерашната прослава на Бадник, ден пред големиот христијански празник, Божик.
„Каде и да си, за Бадник дома да си“, велат старите, а оваа поговорка ја почитуваат и помладите. Бадник е празник кога семејството се собира заедно во домот, седнува на заедничка посна и богата трпеза и крши лепче со паричка. Се верува дека на оној кому ќе му се падне паричката, цела наредна година ќе го следи здравје, успех и среќа. Традицијата налага оваа вечер да не се оди никаде на гости, туку да се остане во домот со богато посно мени што има и симболично значење означувајќи богатство и изобилство и во наредната година.
Бадниковата вечера започнува со благослов на домаќинот на трпезата, а потоа и кршење на бадниковото лепче со паричка, на онолку делови колку што има и членови во семејството, оставајќи дел за Бога и дел за куќата. На Бадник, според традицијата, во огнот се става да гори и бадниково гранче, кое се смета за најздраво дрво и кое симболизира здравје за целото семејство.
Јадењата на бадниковата вечера се исклучиво посни, а меѓу нив има лепче, риба, грав, салата од зелка, туршија, сармички, посни пити и банички, вино, компири, посни колачиња и торти… Обичај е трпезата да не се раскрева и да се остави да стои преку целата ноќ.
ПРАЗНИЧНО ПОСНО МЕНИ
ПЕЧЕН ГРАВ
Потребно е:
500 г крупен грав
500 г кромид
зачин
црвен пипер
црн пипер во зрно
2 дл масло
сол
Измијте го гравот, турете вода и оставете го да кисне преку ноќта. Следниот ден ставете го да се вари во солена вода, но внимавајте да не се превари. На загреано масло пропржете го исечканиот кромид. Додајте зачин и црвен пипер. Во подмачкан сад за печење наредете ред грав, ред кромид и црн пипер с` додека не го потрошите целиот материјал. Најгоре треба да биде редот со кромид. По потреба досолете. Протресете го садот и така изедначете ја смесата. Печете во загреана рерна 20 минути на силен оган. Потоа намалете ја температурата. Печениот грав се служи со салата од кисела или свежа зелка.
ПАСТРМКА
Потребно е:
4 пастрмки
малку зачин
сол
малку брашно
масло за пржење
Маринада 1:
1 црвен кромид
2 чешниња лук
магдонос
зачин
3 лажици маслиново масло
половина лимон
Маринада 2:
1дл маслиново масло
3 лажици оцет „балсамико“
3 чешниња лук
магдонос
1 мала лажица зачин
Исчистете ги пастрмките, добро измијте ги и исушете ги. Со нож засечете на три места од обете страни. Припремете ја првата маринада така што црвениот кромид ќе го исечкате ситно, а потоа ќе ги додадете ситно исечканиот лук, магдонос, маслиново масло, зачин и сок од лимон. Посолете ги пастрмките и ставете зачин од внатрешната страна, засечените делови наполнете ги со маринада и оставете ги половина час во фрижидер. Потоа извалкајте ги пастрмките во брашно, во длабока тава загрејте масло па ставете ги да се пржат додека да поруменат. Направете ја втората маринада така што ќе ги соедините маслиновото масло, оцетот „балсамико“, зачинот, магдоносот и ситно сечканиот лук. Кога ќе се испече рибата, полејте ја со оваа маринада. Се служи со компир-салата.
РУСТИКАЛНИ“ КОМПИРИ
Потребно е:
1 кг компири
неколку чешниња лук
1 гранче рузмарин
маслиново масло
сол
Измијте го добро компирот сосе кора, а потоа излупете го (зачувајте ја кората), исечете го на четвртинки и повторно измијте. Кората ставете ја во газа и врзете ја. Ставете вода да се згрее, посолете, па ставете го компирот и газата во која е кората. Варете 20 мин. Процедете и оставете 10 минути да се олади. Во плехче ставете малку маслиново масло, додајте го компирот и промешајте за да поприми од сите страни… Префрлете го во рерна загреана на 200 степени. Печете околу еден час (треба да стане златно кафеав) и повремено мешајте, а 10 мин. пред крајот посипете со ситно исечкан лук и рузмарин.
РОЛОВАНА БАКЛАВА
Потребно е:
500 г кори за баклава
1,5 дл вода
200 г гриз
150 г ситно сечкани ореви
100 г ситно сечкани бадеми
200 г суво грозје
9 лажици шеќер
Шербет:
1 л вода
1кг шеќер
1 лимон на тркалца
Најпрво подгответе го филот – во поголем сад турете 1,5 дл вода и шеќер. Кога ќе проврие, намалете го огнот, па полека турете го гризот, постојано мешајќи со лажица за да не се создадат топчиња. Кога смесата ќе се згусне, додајте ги оревите, бадемите и сувото грозје. Добро измешајте и оставете да се олади.
Поделете ги корите по пет за секоја ролна за да добиете пет ролни. Секоја кора пропрскајте ја со масло и наредете ја една врз друга. Врз петтата ставете го филот и завиткајте ја така што краевите ќе ги свиткате навнатре за да не излезе од содржината. Подмачкајте подлабок плех. Баклавите исечете ги на тркалца, нека бидат помали. Печете на 200 степени околу половина час. Нека поруменат убаво. Оставете да се оладат, а за тоа време подгответе го шербетот. Ставете да се варат 1 кг шеќер и литар вода. Додајте тркалца лимон на половина вриење. Ладната баклава полијте ја со врел шербет.
ПРАЗНИЧЕН КОЛАЧ
Потребно е:
700 г бело брашно
30г свеж квасец или една ќесичка сув
500 мл кисела вода
100 мл масло
1 лажица шеќер
2 лажици сол
Квасецот и шеќерот ставете ги со млака вода и малку брашно да киснат. Кога ќе стаса, замесете го тестото, но да не е многу тврдо и да не се лепи за раце. Добро обработете го и оставете да кисне на топло место околу 40 мин. Нараснатото тесто повторно премесете го, ставете го во соодветен сад обложен со хартија или подмачкан и оставете да нарасне уште 15 минути, а потоа печете на 240 степени околу 50-60 мин.
Колачот може да го обликувате сами по желба.
„
Коментарите се затворени