„Животот ни гарантира дека ќе искусиме се: радост и тага, добивка и загуба, светлина и темнина. Од ништо нема да бидеме скратени – вели мојот соговорник, холистички тренер Борис Павлов. Иако не го сака зборот „судбина“ вели, тоа е изговор за прифаќање на пораз, без борба. Но поентирањето е во љубовта и прифаќањето: „Одбирајќи да живееме и растеме со љубов, радост и позитивност, стануваме мајстори врз искуствата во животот и тие нема да имаат сила да не скршат и срушат.“
Интервјуто што е пред вас сигурно ќе го препрочитувате, и секое ново читање ќе ве инспирира уште повеќе да нурнете во себе, и- да, дефинитивно да го засакате својот живот.
Да се земе кормилото, воланот.., во свои раце и така да си го управуваме животот е една од најголемите привилегии што човекот на овој век може да си ја направи. Каде беа досега овие знаења, и дали примената на истите својата успешност ја имаат во тоа каков ум имаме: практичен, креативен.., потоа- колку сме смели, љубопитни?
– Овие знаења отсекогаш беа тука. Секоја култура и цивилизација, во секоја ера имала мудреци и учени кои ги знаеле тајните на живеење исполнет живот, живот во хармонија со својот внатрешен интегритет и вредности. Ова уште и се вика- живеење на автентичеи живот.
Да се применат овие учења е лесно. Потешко е да се има доволно отворен и љубопитен ум, желен за учење и личен прогрес. Луѓето кои се центрирани навнатре, во допир со својата интуиција, тие кои се природно љубопитни, тоа се особини кои помагаат да се најдат „алтернативни” одговори на животните прашања.
Што подразбира холистичко учење и што можеме да „добиеме“ од холистички тренер?
– Холистика потекнува од англискиот збор whole (цело, целосно). Кога го употребувам терминот холистички животен тренинг, сакам да акцентирам дека животните ситуации и проблеми ги гледам целосно поврзани меѓусебно, со заеднички извор во самото битие. Се што ни се случува, секое искуство конвергира во нас самите. Затоа не можам и не сум поборник на филозофијата на сегментирано гледање на настаните во животот, туку ставам акцент на нивната меѓусебна поврзаност со изворот во нашето битие.
Холистиката значи и центрирање во сопствената душа и изнаоѓање на животна инспирација и насока на душевно ниво.
Ако одите на пример кај некој животен тренер и побарате помош за манифестирање нова работа, тој (тренерот) може да ви зададе поставување на одредени цели, потоа идентификување на своите силни и слаби страни, како и развивање на стратегија за реализирање на таа цел.
Холистичкиот тренер во истата ситуација може прво да ве праша „што ќе те направи среќен или, која е визијата на твоето срце?” Тоа е разликата помеѓу холистички тренер и другите облици на животен тренинг.
Бидејќи „на почетокот на се беше мислата“, колку енергијата што ја носи таа, може да ни ја смени „судбината“? И дали „концептот на судбина“ е продукт на мрзливиот ум?
– Судбина е термин кој не сакам да го употребувам. Луѓето имаат навика да ја користат идејата за судбина како изговор за сопствениот дефитизам и неуспех. Да, може да се рече дека постојат некои животни струи кои не водат кон ситуации кои се чинат неизбежни. Но што ќе направиме во тие ситуации е целосно во наши раце. Принципот на слободна волја и моќта да сме активни креатори на сопствениот живот ни дава одврзани раце да се справиме со секој животна ситуација на најпозитивен начин.
Воедно можеме да избереме дефитизам со што ќе и се предадеме на секоја криза во животот и во тој случај ќе го манифестираме најлошото.
Ако душата е енергијата а умот- егото, и доколку навистина ги одбираме родителите, својот пат.., дали: колку и да се обидуваме да ги смениме нештата, душата си го следи нацртаното? Можеби одбрала да искуси тага, губење...
-Нашето его е тој дел од нас кој е производ на материјата, на световното. Егото се раѓа со телото и умира со него. Душата е далеку повисок аспект на нашето Божествено. Единствената причина на овој живот е раст и еволуција на Душата, беспрекорна експресија на нејзината светлина низ густината на физичката димензија. Надворешниот свет е преполн со искуства кои како дразби врз нервиот систем не стимулираат на реагираме на овој или оној начин. Процесот на свесна реакција е процесот на духовно созревање.
Искуствата не се суштински добри или лоши, тие се само возила до извесни состојби. Можеме да растеме и еволуираме со радост, а можеме и да одбереме болка и страдање. Ама и двете искуства се слободен избор. Животот ни гарантира само едно – ќе искусиме се во животот: радост и тага, добивка и загуба, светлина и темнина. Од ништо нема да бидеме скратени. Одбирајќи да живееме и растеме со љубов, радост и позитивност, стануваме мајстори врз искуствата во животот и тие нема да имаат сила да не скршат и срушат.
Никола Тесла, покрај големите изуми, ја начнува мистиката со универзална енергија од космосот. Но и покрај сите знаења и умна супериорност, завршува во сиромаштија и разни други ломови. Зарем овој генијалец не можел да ги предвиди тие нешта?
– Да се има екстремна ментална развиеност во една област на животот не значи дека истовремено имате високо ниво на свест и реализација во сите други области на животот. Многу често умови од калибарот на Тесла биле толку насочени кон високи научни прашања, што биле целосно неразвиени во многу базични животни области.
Многу книги се напишани на тема како да го креираме животот, и како да сме успешни во разноразни животни сегменти. Таткото на мотивациска литература, Наполеон Хил ја има „Мисли и збогати се“, каде советува многу интересни работи врзани за тајните на збогатувањето. И, „милионерско однесување“, за да тоа и се случи. Дали космосот навистина возвраќа со она што ќе го препознае како вистинско?
– Принципот на резонанција и рефлексија се елементарни закони во Универзумот. Космосот не ви возвраќа во смисол на поларитетот награда-казна, како што тоа го замислуваат некои религиозни следбеници. Тоа што го носите во себе, како доминантна енергија и вибрација е силата со која ќе привлекувате искуства со специфичен квалитет во вашиот живот. Секоја ваша креација, секое искуство е повратна информација за вашите доминантни мисли, верувања, програми, доминантни емоции, степенот на самољубов, самопочит итн, итн. Медитација врз нашите животни искуства не освестува за тоа што носиме во себе, кои сме и што сме. Можеме да се самозалажуваме до бескрај, но квалитетот на животот ни ја кажува вистината за тоа до каде сме на патот на еволуција.
Здравјето е состојба на потполна ментална и телесна благосостојба. Кога е најмала, најниска енергија, луѓето се разболуваат, и често го имаат синдромот на жртва. Тогаш постои и вечно прашање: зошто ова постојано ми се случува? Одговорот веројатно би бил- за да научиш нешто од тоа. Или…?
– Како што веќе спомнав, без разлика на се што правите, сите техники, афирмации, учења, во животот ќе искусите се: благосостојба и болест, успех и неуспех – се! Да се најдете во состојба кога често се прашувате „зошто ова постојано ми се случува” е прекрасен знак. Тоа значи дека се освестувате, дека почнувате да барате каузална поврзаност помеѓу вашето внатрешно јас и надворешните искуства.
Ако останете само на поставување на тоа прашање и не превземете акција за подобрување на своето искуство, тогаш е многу веројатно дека (без динамичната енергија – акција) ќе западнете во пасивна енергија, енергија на инертност. Оваа состојба е многу блиска и е претходница за раѓање на чувството на жртва. Акцијата е силата која не извлекува од свеста на жртва и не носи во состојба на свест за себеси како креатор. Контемплација и мудрување, сами по себе не водат до мајсторство на животот.
Што кога животот, грижи за егзистенција, актуелниот момент со пандемијата ни ја цицаат енергијата, и ја блокираат работата врз себе? Можеме ли да се справиме со тие демони?
– Животот отсекогаш бил ист – страдањата се константа на оваа планета. Отсекогаш имало борба за опстанок, за храна и вода. Секогаш имало војни, чуми, сиромаштија, поплави, пожари и земјотреси. Всушност, ние денес живееме во најпривилегираната епоха во историјата.
Секое искуство, се што се случува ни овозможува да растеме. Нема изговор, нема оправдувања. Наше е да одбереме да растеме или да одбереме да сме жртви. Трето нема.
Дали успехот доаѓа со неоткажување и истрајност? На секое паѓање да стануваме што побрзо, што полесно, зошто така растеме…
– Успехот зависи од повеќе фактори. Во сите студии на успехот, упорноста и истрајноста се клучна карактеристика на успешните луѓе. Тоа не значи дека треба да сме упорни во тоа што не дава резултати. Треба да сме флексибилни, да сме свесни, да си ги поправаме грешките, нешто слично како автопилотскиот систем кај авионите кој постојано врши поправка на насоката на летот. Зборуваме за упорност и истрајност во остварување на целите, задршување на правилен курс без разлика на сите животни турбуленции. Истрајноста и неоткажувањето секогаш триумфираат над талентот и дарбата. Развијте ги овие квалитети ако сакате да бидете успешна личност.
Валентина Вања Тодоровска