Григор Копров, композитор потпишан на евергрините: „Усни на усни“, „Излажи ме уште еднаш“, „Црно тиквешко“, „Сонце во твоите руси коси“,„Лео“, „Сребрени улици“, „Лидуду“, „Анушка“.., е добитник на наградата за животно дело на 22. Златна бубамара на популарноста.
Во својата 45-годишна творечка дејност, Григор Копров ги допре врвовите на музичката уметност. Во неговите композиции на волшебен начин се испреплетуваат македонското фолклорно творештво и современите музички трендови. Неговите композиции на невeројатно лесен начин допираат до интимата на слушателите, предизвикувајќи длабоки емоции кај секој што ги слуша. Затоа, најголемиот број од неговите копозиции низ годините се обнародија.
Како композитор соработувал со: Сенка и Зафир, Маја Оџаклиевска, Мери Цетиниќ, Владо Калембер, Тоше Проевски, Калиопи, Владо Јаневски, Ана Костовска, Силви бенд, Каролина Гочева, Марјан Стојановски, Андријана Јаневска, Дуле и Коки…
Во фолк-музиката остануваат незаборавни неговите мелодии: „Дајте ми ја“, „Запри дожду“, „Во црно вино утеха нема“, „Ино моме веселино“, „Една ѕвезда, една солза“…
Инаку, Копров три пати, со своја композиција, ја претставуваше Република Македонија на Евросонг („Не зоро зоро“ со Владо Јаневски, „Мојот свет“ со Каролина Гочева и „Русинка“ со Влатко Илиевски), а еднаш и Црна Гора („Заувјек волим те“ со Стефан Филиповиќ).
Има многу податоци врзани за творештвото на Копров, но ќе спомнеме нешто „поинакво“ – во 1973 година, Копров како пејач снимил сингл-плоча, на која ги пее своите две песни „Ти волиш опет неког“ и „Опростимо свима“. Потоа, автор е на првата песна„Една надеж“ на „Бјело Дугме“ во 1974 година, која била изведена на Скопски фестивал.
Веќе 25 години Григор Копров е уметнички директор на фестивалот „Охрид фест – охридски трубадури“, кој самиот го основа и кој низ годините стана еден од најдобрите во земјата.
Автор
Сите Објави
Коментарите се затворени