Буково, село- татковина на најдобрата буковска пипер
Овој текст е дел од серијалот текстови за поддршка во промоцијата на традиционалното производство на зачинот буковска пипер, а во најава на манифестацијата „Вкусот на Буково“ преку која се слави неговата посебност. Манифестацијата оваа година се организира по петти пат, со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Земјоделското земјиште е ограничен природен ресурс и многу динамичен систем кој извршува голем број функции и дава услуги кои се од витално значење за човековите активности и опстанокот на еко-системот. Почвата е под зголемен притисок кој е резултат на човековите активности, како што се: неадекватните практики во земјоделството и шумарството, но и индустријата, туризмот…
Почвениот слој е најгорниот дел на земјата и за разлика од водата, почвата не е обновлив извор, барем не во времето на должина на животот на еден човек. За да се создаде 1см почва, потребни се 300 години. Затоа, многу важно е да се одржуваат во добра состојба природните особености преку: обработка во оптимален временски рок; да се избегне набивање на почвата; задолжителна примена на плодоред; подривање (прашење); мулчирање (покривање на почвената површина со различни материјали); употреба на органски и минерални природни ѓубрива. Со помош на кислородот од воздухот, водата, минералите и распаѓањето на растителните и животинските отпадоци се создава природниот циклус на почвата, кој може да се одвива континуирано доколку човекот не му влијае со своите активности.
Таква рамнотежа, со векови умееле да одржуваат жителите на едно село и истото да го направат најпознато по зачинот кој го произведува – Буково. Ридско село, расположено на надморска височина од 720 метри, во јужниот дел на Општина Битола, на 5 километри оддалеченост од градот, а на источните огранки на Пелистер (Баба Планина). Каде точно се наоѓа Буково?
Атарот на Буково зафаќа површина од 17,9 км², од кои обработливото земјиште 913 ха, пасиштата 591,8 ха и шумите 146,3 ха. Истиот се простира во следните граници: од западната страна граничи со атарот на селото Нижеполе и со село Ореово, додека југозападно и јужно Буково со своите делови од планината граничи и со атарот на село Злокуќани. Од јужната и југоисточната страна, атарот на селото Буково граничи со атарот на село Крстоар и тоа на неполни петстотини метри од самото село, додека на исток минува исто така на неполн километар во близина на селото старо Кравари, село Поешево, а потоа свртува кон север во правец на Битола и минува низ месностите Боримечка и Гургур Чешма, па покрај оградите на првобитната зграда на мелницата „Драгор“, Тумбе Кафе и по височините на ридот Брца се спојува на северозапад со Буковската планина.
Селото е сместено меѓу две реки – Стара Река и Киндирка, кои го овозможувале развојот на земјоделието, особено во минатото. Сите површини непосредно до селото што се наводнувале од двете реки биле опфатени со производство на пиперки. Се проценува дека кон крајот на 19 век производството на пиперки опфаќало простор од 30 ха. Според записите од попатни патеписци и странски дипломати, со право може да се посочи на потекло уште од 19 век кога „буковската пипер“ претставувала стока за трговија и економско опстојување. Додека пак, сведоштвата на локалните жители укажуваат на особено развиена трговија со овој зачин во средината на 20-от век, особено во 60-те години кога пиперта се носела во пазарните денови на пазари во соседните градови како Прилеп, Крушево, Охрид… Многу често пиперта била продавана и на пазарот во Лерин, денешна соседна Р. Грција каде била носена во дисаѓи, со добиток.
Источната експозиција и големиот број сончеви денови во еколошки чиста средина и денес претставуваат предност за локалната заедница. Па, жителите на Буково сеуште ги произведуваат најдобриот толчен и мелен црвен пипер.
Елена Каровска Ѓошевска
Коментарите се затворени