Тој со филигранска прецизност ги гради ликовите, сеедно дали е тоа Спиноза или Марио, сеедно дали се театарски штици или телевизиско студио. Затоа е посебен.
Васил Зафирчев фајлот- професионалец, го надополнува со целосен капацитет и дарба, давајќи им живот, автентичност и „она нешто“ на улогите. Таква е приказната и со Марио од Преспав: типче од денешно време, пораснато на поп- култура, хазардер и авантурсит кој неодоливо глаголи хрватски јазик, нагиздан со пургерски акцент.
Третата сезона на хумористичната серија „Преспав“ значи – нови приказни, претпознатлива духовитост, скоро опиплив шарм на целата екипа. За популарноста сведочи многубројната публика која со симпатии го прифати серијалот, па така, секој на свој начин се соживеа со лудилата на пансионот и неговите луѓе…
– „Преспав“ е прв телевизики производ од ваков тип кај нас, конципиран и реализиран во жанрот на ситкомот како телевизиски формат. Проект кој понуди сосема нови, поинакви и повиски стандарди на продукција на домашна играна програма. Со својата трета сезона, „Преспав“ станува единствена ТВ серија во Македонија која во континуитет продуцирала 80 епизоди. Факт кој многу радува, но и кој е достоен за почит. Популарноста пак и гледаноста произлегуваат од автентичниот третман на темите кои ги обработува сценариската и режиска екипа на проектот, но секако и од комичноста, духовитоста и шармот на ликовите кои ги создаде актерската екипа. Многубројната публика на „Преспав“ е само потврда за соживувањето на гледачите со приказната на пансионот и неговите ликови.
Тоа му доаѓа како – фаличен пансион на македонски начин, или дејствијата се на глобално ниво?
– Основната тема на „Преспав“ е како да се создаде и одржи еден туристички пансион, на македонски начин, но со европски пари. Тема која вешто го отсликува македонскиот менталитет, наспроти заложбите и амбициите да се следат европските текови и трендови, но и да се достигнат стандардите и придобивките кои произлегуваат од нив, преку искористување на различните европски фондови за одржување и развој. Иако оваа тема се однесува првенствено на нашето поднебје, лесно може да се препознае и во многу други земји од поширокиот регион во кои процесите на „европска интеграција“ сеуште траат.
Она што е забележливо е симбиоза, сплотеноста помеѓу вас актерите. Се чувствува многу добра енергија што сосема спонтано ја пренесувате и на екраните.
– Составот на актерската екипа која го реализира „Преспав“ е редок и единствен. Позитивната енергија која ја чувствуваат и гледачите пред малите екрани доаѓа пред се од задоволството и уживањето на актерите во создавањето на ликовите, но и од многуте комични ситуации кои се случуваат за време на снимањето.
Луцидниот Марио е лик што го оживеавте скоро филигрански, не штедејќи се во посветеноста и креативноста. Што прави овој неверојатно забавен „готвач“?
– Според методологијата на ситкомот како жанр, секој од ликовите има своја основна специфика или типизација и се однесува на одредена целна група. Во таа насока, ликот на Марио е измамникот, превртливецот, оној кој вешто плива во секоја ситуација и кој без оглед на заплетот, секогаш успева да се најде на вистинската страна. Авантурист и хазардер, лажен готвач, вегетеријанец и будист, отворен за нови искуства од кои секогаш многу лукаво ја извлекува својата придобивка и прагматично ја остварува својата цел. Неговата комичност произлегува од јазот помеѓу она што го сака и она што вистински го може, како и од превртливоста во ставовите и односите со другите ликови од пансионот.
Се смени ли нешто во неговиот карактер, има ли еволуција во „созревањето“ на Марио или сеуште жонглира помеѓу манипулативност, снаодливост- од една и духовната алтернатива и будизмот, на друга страна…
– Манипулативноста и духовната алтернатива остануваат главни детерминанти на неговиот карактер, иако има мали промени во визулениот идентитет на ликот. Во оваа трета сезона Марио повторно се враќа во „Преспав“, од една страна заради возобновување на пропаднатата врска со Тони, со кој не се разделија на убав начин во втората сезона, но од друга страна и заради обезбедување на свое сигурно место во пансионот кој доживува големи промени во сопственичкиот капитал.
Имам впечаток дека уживате во ситком-от , на брза, динамична и енергична актерска игра?
– Процесот на создавање на „Преспав“ е неверојатно забавен и креативен, но и многу напорен и интензивен, особено заради фактот што една епизода се снима во еден ден. Тоа бара одлична физичка, ментална и психо-емотивна кондиција. Во спротивно не можете да одговорите на предизвикот. Но со ваква исклучителна авторска и актерска екипа, и со вакви врвни услови за работа кои ги обезбедува продукцијата, „Преспав“ е нешто што би можел да го работам секој ден. За крај, како комуницираат Марио и Васил?
– Ха,ха,ха, онака како што Марио комуницира со Тони. Всушност, Марио и Васил се во постојана тивка војна. Ликот на Марио е сушна спротивност од она што сум јас. И постојано се изненадуваме еден со друг. Во тоа е забавата и уживањето во комуникацијата со него.
Вања Тодоровска