ВЕЛИГДЕНСКИ РУЧЕК
Велигден е празник на радоста и среќата, но и вистинска можност семејството да се собере на заедничка трпеза. Поентата на празникот е во заедништвото, топлата атмосфера, блискоста и споделувањето на нештата, сето тоа на свечен празничен велигденски ручек.
Велигденските пости кои се сметаат за најстроги во христијанството траат 40 дена, а кулминираат на Велипеток и Велјасабота, додека во Велјанедела посното мени се заменува со свечен мрсен ручек и раскошна велигденска трпеза.
Централно место на велигденската трпеза е декорирана чинија со вапсани јајца. Домаќинот го зема првото јајце, а по него и останатите домашни. Тогаш настанува веселба и натпревар чие јајце е најсилно што претставува голема радост за децата. Додека се кршат јајцата, се изговара „Христос воскресе“ и „Навистина воскресе“. На Велигден прво се јаде велигденското јајце, а потоа и останатото јадење.
Покрај убаво вапсаните јајца, централно место на трпезата зазема и јагнешкото месо, кое има симболично значење и ја претставува Христовата невиност. Почнувајќи од јагнешка чорба преку варијанти на јагнешко печено (под сач, ролувано или динствувано со младо лукче), главниот оброк е надополнет и со шарена пролетна салата, јагнешка чорба, велигденска плетенка, благи работи…
За оваа свечена прилика се вади најквалитетниот прибор за јадење, кристални чаши, салфетки за специјални прилики. Вапсаните јајца се поставуваат на централно место, а неизбежен декор на трпезата се и лалињата, зумбулите, нарцисите… Покрај убаво свитканите салфетки, ставете и велигденско зајаче или пиленце како декорација. Во џебот од салфетка може да ставите и јајце со некое цветче или гранче.
Еве неколку предлози за велигденскиот ручек:
ЈАГНЕШКО ПЕЧЕНО СО КОМПИРИ
Потребно е:
1 кг јагнешко месо
500 г компир
4 чешниња бел лук
5 гранчиња мајчина душичка
1 гранче рузмарин
5 лажици маслиново масло
сол
црн пипер
Подготовка:
Загрејте ја рерната на 250 степени. Исчистете го месото, посолете и ставете црн пипер. Излупете го компирот и исечете го на коцки. Исечкајте го и исчистениот лук. Месото ставете го во рерна. Компирот, маслото, рузмаринот и мајчината душичка измешајте ги добро, посолете, сипете црн пипер и рамномерно распоредете ги на плехот. Печете околу еден час, а пред крајот додадете го сечканиот лук и вратете во рерна уште неколку минути. Извадете го јагнешкото да се олади, па сервирајте го со прилогот на голема чинија.
ТРИСЛОЈНА САЛАТА
Потребно е:
500 г урда
500 г бело сирење, може и фета
120 г маргарин
50 г пржен сусам
150 г ореви
150 г шунка
3 лажици мајонез
1 лажица пипер буковец
магдонос
бел лук
Подготовка:
Измиксирајте го пенесто маргаринот со сирењето, урдата и мајонезот, па поделете ја смесата на три дела. Во едниот ставете буковка, 50 г ситно исечкани ореви и добро измешајте. Во вториот дел ставете шунка исечкана на коцки и ситно сечкан магдонос. Третиот дел – остатокот од оревите што ќе ги истолчите заедно со лукот и сусамот што сте го пропржиле малку на суво. Земете правоаголен долг калап, обложете го со фолија и ставете ги трите дела – наредете ги еден врз еден, па ставете ја салата добро да се излади во фрижидер. Украсете со чери доматчиња.
ЦАРСКИ КОМПИР
Потребно е:
500 г компири
200 г чаден врат
2 дл павлака
150 г сирење
100 г кашкавал
сол, црн пипер, масло
Подготовка:
Излупениот компир исечете го на половина, ставете го да се вари со малку сол, притоа водејќи сметка да не го преварите. На масло пропржете ги листовите чаден врат. Во подмачкан огноотпорен сад наредете ги половинките компири, листовите врат и полијте со изматено сирење и павлака, па запечете во рерна. Штом ќе почне да поруменува, ставете го ренданиот кашкавал и оставете во рерна уште неколку минути. Се служи топло.
ВЕЛИГДЕНСКА ОВЧИЧКА
Потребно е:
половина килограм бело брашно тип 400
квасец
250 дл млеко
пола лажица шеќер
1 лажица крупна сол
50 г путер или маргарин
Подготовка:
Измешајте го квасецот во млако млеко со шеќер и оставете го на топло да нарасне. Потоа измешајте го со останатите состојки, освен солта, и добро замесете го со раце. Оставете на собна температура да одмори 45 минути, а потоа уште еднаш измесете го. Од тестото направете 16 топчиња, од едно формирајте глава, а од останатите, на добро подмачкан плех, формирајте леб во облик на овчичка, направете и две мали нозе од долната страна. Тестото премачкајте го со ладна вода и посолете со крупна сол. Во рерна загреана на 200 степени печете околу 25 минути.
ЈАЈЦА ВО МИЛИБРОТ
Тестото за овој сладок млечен леб се подготвува на следниов начин: се замесуваат 125 г маргарин или путер, едно јајце, две жолчки, 250 дл литар млеко, малку рендана кора од лимон, 1 лажица шеќер и малку сол. Додадете коцка стасан квасец и околу килограм брашно (колку што е потребно да се добие средно меко тесто). Се меси с` додека не почнат да се јавуваат меурчиња на тестото. Оставете да стои на топло место, покриено со крпа да нарасне, а потоа повторно измесете го. По желба додадете и 100 г суво грозје. Тестото обликувајте го во неколку венчиња или во плетенка која може да се сплете во венче. Во средината ставете едно или повеќе вапсани јајца. Премачкајте го тестото со жолчка. Печете во загреана рерна.
ЧОКОЛАДНИ ЈАЈЦА
Потребно е:
350 г чоколада
250 г шеќер
2 жолчки
1 лажица црно кафе
100 г путер
1 кесичка ванилин шеќер
чоколада во прав
чоколадни и шарени декоративни трошки
Подготовка:
Стопете ја чоколадата на пареа. Одвоено изматете ги жолчките со шеќер, додадете го путерот, кафето и чоколадата. Од оладената смеса обликувајте јајца, па посипете ги со чоколада во прав и декорирајте со трошки.
ЦРНА ТОРТА
Потребно е:
5 јајца
10 лажици ореви
1 лажица брашно
6 лажици шеќер
За филот:
3 јајца
200 г прав шеќер
100 г чоколадо за готвење
125 г путер
Подготовка:
Изматете снег од белките. Во друг сад изматете ги жолчките и шеќерот да се добие густ крем, додадете го снегот и мешајте масата да стане густа. Додадете брашно и ореви и полека измешајте. Тестото ставете го во плех обложен со хартија и печете. Изладената кора исечете ја на три ленти. Подгответе го филот: на пареа изматете ги јајцата со шеќер за да се добие густа маса, па додадете ја омекнатата чоколада и мешајте уште десетина минути. Во изладениот фил измешајте го путерот. Филувајте ја тортата и по желба декорирајте со шарени бонбончиња во облик на јајца.
Фото- gusto.ba, Pixaby
Коментарите се затворени