Венера Крлиу-Ханџиски, директорката на Американската гимназија: Се радуваме на големиот интерес што го има новата генерација
Здравствената криза предизвикана со коронавирусот значеше и нова сегашност: почеток на онлајн- предавањата. Како се прилагодивте на новите услови и какви се вашите искуства?
– Ситуацијата што ја предизвика коронавирусот нѐ пресретна во период на интензивна работа, секојдневни часови и предавања, и неопходно беше брзо да се прилагодиме, со цел учениците да не изгубат континуитет во учењето. За многу кратко време се префрливме онлајн, извршивме обуки, обезбедивме опрема и наставата продолжи преку платформата Webex, во една хибридна форма. Часовите продолжија по распоред, наставниците максимално се вложија, а и учениците, и нивните родители, беа задоволни од начинот на кон функциониравме. Се изведуваа и предавања, и тимска работа, и писмени, и домашни задачи, без никаков проблем. Секако, децата чувствуваа недостаток од социјализација, си недостигаа меѓу себе, но тоа брзо до надоместија со креативно користење онлајн комуникација и разни апликации. Дури и голем дел од проектите за на училиште ги решија на таков, креативен начин.
Неодамна добивте статус на кандидат за акредитација. Од какво значење е овој статус и што тоа конкретно значи за учениците?
– Неодамна, Американската гимназија Скопје доби одлични оценки од страна на Accrediting Commission for Schools, Western Association of Schools and Colleges, за своето континуирано следење и придржување на процедурите, критериумите и политиката за акредитација на ACS WASC. Со тоа, добивме Статус на Кандидат за акредитација. Овој статус е од големо значење за нашето училиште, бидејќи е потврда за нашите напори и нашата посветеност на врвното образование. Покрај тоа, овој статус значи и гаранција за самите ученици, како и за нивните родители, дека училиштето овозможува високо ниво на образование, основа за понатамошен успех. Статусот е мошне значаен чекор напред, и секако, поттик и мотивација за уште поголема работа и посветеност на целиот тим.
Што за Вас, како директорка на Американската гимназија значи крајот на учебната година?
– За мене и за целиот тим на Американската гимназија, тоа значи завршеток на уште една успешна година. Горди сме на успесите и постигнувањата на нашите ученици, кои учествуваа на значајни натпревари и освоија бројни награди, и задоволни сме со знаењето што успеаја да го стекнат.
Децата секојдневно нѐ изненадуваат со своите размислувања, капацитети и таленти, и работата со нив е и задоволство, и предизвик. Интересот за Американската гимназија во јавноста е сѐ поголем, и овие успеси сведочат за нашата посветеност на учениците, како и вложувањето во нивните знаења и вештини.
Покрај тоа, крајот на школската година за нас значи и своевиден почеток на следната, бидејќи во тек се уписите на нови ученици. Интересот е голем и се радуваме на нашата нова генерација.
Коментарите се затворени